Матеј го знаеме по улогата на Зоки Поки во истоимената серија, која веднаш ни го привлече вниманието. Има неколку причини зашто ја сакаме серијата, како спонтаноста на ликовите, одличната глума, интерпретацијата по книгата на Оливера Николова, но најмногу поради слатката дружба на четворицата најдобри другари. Прочитајте што ни кажа Матеј за него и за Зоки Поки 🙂
Што те привлече да се пријавиш на кастингот за снимањето на „Зоки Поки“? Која сцена требаше да ја одглумиш на кастингот?
Да се пријавам на кастингот посебно ме привлече желбата да глумам, а најголем предизвик ми беше самиот лик ,,Зоки Поки“ бидејќи има многу сличности помеѓу него и мене. На кастингот требаше да одглумам сцена од епизодата ,,Сите за еден и еден за сите “ , јас и Гоки сме лути на Боки и ја прашуваме Лидија од чија страна е (од наша или на Боки).
Што ти беше најинтересно во текот на снимањето? Што ти беше најголем предизвик, најтешка задача, а што најлесна?
Во текот на снимањето ми беше интересно сé. Мое ново и убаво искуство. Посебно снимањето во планетариум.
Најголем предизвик – тоа што сум главен лик и да одглумам онака како што навистина треба, а посебно да глумам со личност која ми е идол.
Најтешка задача – треба да снимам сцена како плачам, а јас во тој момент се смеам.
Најлесна задача – снимањето кога легнувам да спијам.
Колку се разликува, а колку е сличен Зоки од книгата со Зоки од серијата?
Запазени се вредностите на ликот од книгата, но во серијата се разликува по тоа што е снимен според денешното време во кое живееме ние децата.
Кога ќе пораснеш сакаш да бидеш актер, па дали имаш желба да глумиш некоја посебна улога на лик од стрип, филм, цртан или книга?
Желба ми е да можам да глумам како мојот идол од нашите актери, Сашко Коцев, а од филм сакам да го глумам ликот на „Могли“.
Дали откако почна серијата те препознаваат по ликот Зоки на улица и дали тоа ти пречи или не?
По улица ме препознаваат многу. Тоа ми е убаво, но ми пречи моменталната состојба со корона вирусот затоа што ги почитувам мерките кои се задолжителни.
Според тебе, што можат да научат децата, а што возрасните од Зоки, Лидија, Боки и Гоки?
Според мене децата од нас можат да научат за вредноста на другарството, за нашиот свет надвор од домот исполнет со многу игра, смеа, дружба, љубов, бујна фантазија и многу друго, а возрасните семејната вредност на заедничкото гледање серии на родителите со децата, да разговараат со нив за нивните детски проблеми, да бидат нивни први другари, да почитуваат нивни мислења и уште многу нешта кои се убаво претставени во серијата.