Извештајот„Здравјето и добросостојбата на адолесцентите во фокус“, што го објави денес Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, содржи исцрпни податоци за физичкото здравје, социјалните односи и менталната добросостојба на 227.441 деца на училишна возраст од 11, 13 и 15 години, од 45 земји. Извештајот открива дека сѐ повеќе адолесценти пријавуваат потешкотии во менталното здравје, односно еден од четири адолесценти кажува дека најмалку еднаш неделно се чувствува нервозно, раздразливо или пак не може да заспие.
„Тоа што зголемен број момчиња и девојчиња низ европскиот регион известуваат за нивното лошо ментално здравје – чувство на тага, нервоза или раздразливост – нѐ загрижува сите нас,“ изјави д-р Ханс Хенри П. Клуге, Регионален директор на СЗО за Европа.
„Начинот на кој ќе одговориме на овој растечки проблем ќе одекнува со генерации. Вложувањето во младите преку, на пример, осигурување да добијат лесен пристап до услуги за менталното здравје, во склад со нивните потреби, ќе обезбеди тројна добивка: здравје, социјални и економски придобивки за денешните адолесценти, утрешните возрасни и идните генерации,“ додаде тој.
Во однос на оваа загрижувачка слика за менталното здравје, во нашата држава 45%, од адолесцентите пријавиле дека имаат здравствено ментални проблеми, почнувајќи од (не)задоволството од животот, преку психосоматските тегоби (главоболки, болки во стомакот, нервоза, избувливост и проблеми со спиењето) до долготрајните периоди на нерасположение и дисфункционалност, кои покажуваат пораст со возраста, со сѐ поголеми меѓуродови разлики, за сметка на девојчињата. Наодите покажуваат дека секое второ девојче (45%) на 15 години чувствувало депресивни симптоми од најмалку две недели континуирано, како и неспособност (34%) во надминување на состојбата.
За навиките поврзани со исхраната висока е пропорцијата на ученици кои имаат најмалку еден заеднички оброк дневно со своите родители, во споредба со европските просеци. И покрај тоа, нашите деца се сѐ уште, како и во последните 10 години, меѓу првите во Европа кои секојдневно конзумираат слатки и газирани пијалаци, и имаат прекумерна тежина (особено момчињата). Во поглед на приврзаноста кон училиштето, учениците од Северна Македонија, кои со години беа на врвот помеѓу 40-тина земји од Европа, Америка, Канада и Русија, во последните 12 години покажуваат континуиран пад во интересот за училиште. Падот се зголемува и со возраста, и кај двата рода, за да доведе до приврзаност од само 29% ученици што го сакаат училиштето. Запрашани, младите одговараат и на теми поврзани со нивните први интимни поврзувања, вљубувања и сексуални искуства. Наодите покажуваат големи меѓуродови разлики, што се пресликуваат во нивните одговори.
Северна Македонија е меѓу петте земји со највисока родова диспропорција во сексуалните искуства меѓу момчињата (38%) и девојчињата (4 %) кои пријавиле сексуални односи до својата 15-та година. Овие разлики се должат на стриктните родови норми и улоги што им се припишуваат на момчето и девојчето во нашата заедница. Во поглед на заштитата 1/3 од сексуално активните млади во Македонија, не користеле никаква заштита /кондом или контрацептивни пилули/, при последниот сексуален однос. Семејното насилство, истражувано во 8 земји, членки на Студијата, открива висока пропорција до 35% од децата, од Северна Македонија, со искуства на какво било насилство во семејството (физичко, вербално, занемарување, сексуално вознемирување и злоставување) со зголемување на стапката, со возраста на децата. Притоа, момчињата пријавуваат почеста изложеност на семејно насилство од девојчињата.
Извештајот открива дека децата на училишна возраст во Република Северна Македонија, на примерок од 4.685 ученици од три возрасти и два наставни јазика, македонскиот и албанскиот, известуваат за многу значајни податоци поврзани со нивното здравје, навики и однесувања.
Во времето кога се објавува најновата студија ХБСЦ (Health Behavior in School Aged Children Study), со наодите од 2017/2018г., светот се бори со пандемијата КОВИД-19. Следната студија, што ќе ги претстави наодите од 2021/2022г. ќе го прикаже влијанието на пандемијата и сите промени што таа ќe ги предизвика, во животите на младите.