Дизајнерот Мартин Митровски почнал да црта уште во основното училиште, најчесто на клупи и корици од тетратки, цртал кошаркари и карикатури од наставници, соученици и другари. Подоцна, ги насочил талентот и интересите и завршил на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, каде што стекнал поголема основа и структура за работа. По кратката кариера како дизајнер во маркетинг-агенцијата „Публицис“, се охрабрил да почне како фриленс-дизајнер и најчесто е ангажиран да работи на логоа, брендирање, илустрации и како UX-дизајнер. Неговите дизајни се со интересни карактери, бои и своевидни приказни. Во блиска иднина Мартин планира да оформи свој бренд за облека, каде што би можел да ги комбинира и да ги аплицира своите вештини и искуства, стекнати низ животот.
Како почнавте со дизајн и илустрација? Што ве влечеше кон оваа професија?
Во принцип, отсекогаш вниманието ми било насочено кон некаков тип уметност или дизајн. Како многу деца, растејќи во деведесеттите во Скопје, големите дози на „Картун нетворк“ и љубовта кон филмови, албуми со сликички, стрипови, хип-хоп, скејт, кошарка, патики и широки панталони ме натерале несвесно да гравитирам кон одреден тип хаос или хармонија од форми, бои и движења. Има нешто магично и уникатно во тоа како може нешто да биде претставено преку нивна комбинација. Желбата да бидам еден од тие што стојат зад нешто такво е тоа што ми даде храброст да си дозволам да пробам, а реакциите и критиките отстрана се тоа што ми дава храброст да продолжам.
Во која рамка би ги ставиле вашите дизајни? Што ве инспирира и што најмногу сакате да илустрирате?
Инспирацијата кај мене лично е најчесто производ од неуспешно справување со одредени проблеми во животот. Ако проблемот е личен, тогаш цртањето може да има мошне терапевтско дејство, кое на некој начин ми помага да размислувам од различни аспекти и да видам како изгледа еден проблем во различни рамки. Во најдоброто сценарио, процесот ме доведува до суштината на проблемот и негово прифаќање или решавање. Во случај на недостаток на инспирација, секогаш можам да седнам и да се прашам што ми лази по нервите во последно време и зошто. Дури и во случај да е сè розово и да не можам да најдам нешто, се наоѓам како стапнувам во туѓи чевли и пробувам да размислувам и решавам туѓи проблеми, што исто не е лош начин на наоѓање инспирација, а воедно е и добар пристап за развивање чувство на емпатија, што е особено корисно средство кога станува збор за соработка со клиенти или каков било тип колаборација. Тогаш најчесто треба да се справиме со проблем што веќе постои или веќе е до некаде одредена насоката на размислување што може да го олесни, но и да го отежни процесот. Во тој случај, јасна комуникација и детска љубопитност се најлесен пат до инспирација и заедничко решение.
Колку секојдневието ви дава материјал за работа? Како изгледа процесот од идеја до реализација?
Секојдневниот живот во светот е мошне проблематичен и хаотичен, како што е и мојот процес на работа, од идеја до реализација. Секојдневието е секогаш тука да послужи како извор на црпење материјал и е во директна корелација со дизајнот. Во зависност од тоа колку е ефектен еден дизајн, се гледа како нешто што може да го поедностави, но и да го искомплицира секојдневниот живот.
Сметате ли дека секој дизајнер внесува по нешто од себе во својата работа или илустрација или се држи до одреден правец и сфера на креирање?
Сметам дека ниту еден креативец не може да одолее, а да не внесе барем нешто свое во неговиот дизајн. Тоа природно се јавува кога концептот потекнува од искрено место и од искуство со некој тип а тешкотии низ процесот на работа. Може да се јави на бесконечно многу начини и места, тоа му дава уникатност на дизајнот, а по одредено време и повторување станува стилски печат од авторот на делото.
„Сакам да дејствувам инспиративно и мотивирачки за луѓето околу мене и верувам дека преку постојан труд, работа и посветеност се постигнува значаен личен развој што го победува талентот речиси секој ден од неделата и придонесува до промена и развој на општеството.“
Колкав предизвик е да се биде креативен во нашето општество? Дали сметате дека имаме добра основа за развој на уметничката и дизајнерската сцена?
Со оглед на тоа што сметам дека на нашите простори владее преголема незаинтересираност кога станува збор за уметност, дизајн, посетување изложби и настани, мислам дека процесот на наоѓање начин да се привлече внимание може да биде предизвик, но за некој може да претставува и кочница во развојот од типот зошто би се трудел да комуницирам или да доближам нешто до некој што е незаинтересиран. Некогаш се шегувам дека Македонија е како Њујорк, „If you can make it there, you can make it anywhere“. Може да дејствува мотивирачки или демотивирачки, но во секој случај, денес, со помош на социјалните мрежи и дизајн-платформите од типот „Дрибл“, „Бихенс“, „Пинтерест“, „Артстејшн“… многу потешко е тоа да се земе како изговор за да не се креира и да не се напредува, бидејќи целиот свет е претворен во дигитално игралиште на кое постојано се разменуваат вештини, идеи и концепти. Тоа ги намалува притисокот и ограничувањата предизвикани од местото на живеење.
Дали следите други дизајнери и илустратори? Дали нечии дизајни особено ви оставаат впечаток?
Уметници има премногу и би рекол дури само квалитетни уметници се бројат во милиони, а секој ден се раѓаат илјадници нови. Би ми требало уште еден цел живот само за да ги испратам сите, но ако би издвоил неколку што ги следам и постојано им се восхитувам, тоа би биле Ким Јунг Ги, Такаши Мураками и Кас.
Вашите илустрации изобилуваат со боја и свежи карактери, позитивна енергија би рекла. Дали имаат некоја приказна зад себе? Како одредувате што би сакале да илустрирате?
Во зависност од тоа дали се работи на свој проект или на проект за клиент, тоа ги одредува границите на слободното изразување или до каде може да оди еден дизајн. Обично се трудам да најдам баланс или паралела помеѓу нешто брутално, реално, комично и искрено, а во исто време да може секој да се поврзе со истото, но не секогаш, поточно многу ретко ми успева. Комбинацијата од бои и карактери служат како алатка за да се претстави еден бренд, да се долови некаква поента, да се надополни сатира или само да привлечат малку внимание преку естетика кога немам ништо паметно да кажам.
Според вас, каква е релацијата помеѓу клиентот и дизајнерот и колку е важна комуникацијата и флексибилноста помеѓу клиентот и дизајнерот за успешен дизајн?
Сметам дека лоша комуникација и непостојаност се срцевината на најголемите општествени проблеми. Постојано се трудам да бидам колку што е можно повеќе транспарентен и искрен со луѓето околу мене, како и со клиентите со кои соработувам. Верувам дека тоа е еден од најдобрите, ако не и најдобар рецепт за добра соработка, а воедно и рецепт за добра уметност. Забележувам дека флексибилноста кај клиентите и соработниците си доаѓа природно кога другите работи се веќе присутни.