Младата Марија Ангеловска е концептуална и мултимедијална уметница, која со своите дела силно ги изразува своите ставови за разни проблематики, вклучувајќи ја и родовата еднаквост. Во краток разговор ни раскажа за својата уметност, начинот на творење и за целта што сака да ја постигне преку својата работа и уметничкиот простор што го создава.
Како би се опишале како уметник и што ве инспирира најмногу за вашите дела? Какви корени влечете кон уметноста, што ви значеше додека растевте, а што сега?
Искрено, не би знаела како конкретно да се опишам себеси како уметник, би сакала да можам да дадам објективен одговор, но тоа едноставно не е возможно. Можеби ретроспективно би го одговорила ова прашање при крајот на мојот живот, кога би имала појасна слика за себе и за своето творештво. Засега сметам дека сè уште сум на почетоците на својата кариера, каде што сè уште истражувам сè околу себе. Инспирацијата ја црпам од работи во моето секојдневие што поттикнале доволно силна реакција. Овие реакции најчесто се манифестираат на визуелен начин. Мојата уметност е во константен дијалог со монотонијата на секојдневието. Имам чувство дека уште од мали нозе се знаеше дека ќе се занимавам со некој вид уметност. Понекогаш се чувствувам како да немав избор кога станува збор за мојата професија. Тоа не е поради некаков притисок од моите родители или од околината, туку затоа што уметноста е дел од мојот идентитет. Мислам дека отсекогаш најдобро сум се изразувала преку визуелни медиуми, уметноста е местото каде што го пронајдов својот глас. Можеби ќе звучи малку претенциозно, но верувам дека уметниците (во кој било медиум), како и филозофите, се токму оние што преку необјаснив јазик секојдневно го овозможуваат невозможното. За мене, тоа е суштината што нè разликува од другите организми на оваа планета – способноста за апстрактно размислување и изразување.
Се обидувате преку уметничките дела да претставите актуелни социополитички проблеми и ги ставате феминизмот и родот на повисоко скалило на уметноста, што особено беше видливо со изложбата „Ова објективизирано тело“ минатата година. Што ви значи вам ваквото претставување и колку се обидувате преку делата да влијаете на решенијата, да испратите порака за некои општествени прашања?
Не би се согласила дека феминизмот и родот ги ставам на повисоко скалило во уметноста, зашто тоа би подразбирало дека се создадени со таква цел. Феминистичките атрибути во моите дела се потполна случајност како последица на проблематиките со кои се соочувам секојдневно во мојата улога на жена. Не сметам дека во 21 век имаме достигнато ниво на свест каде што живееме во општество на родова еднаквост. Пред некој ден ме прашаа зошто сум морала да сум толку прогресивна, поради тоа што не се насмеав на навредлива шовинистичка шега. Ова прашање го гледам како симптом на патријархалниот канцер што сè уште се шири, покрај сите напори што групите за родова еднаквост секојдневно ги вложуваат во битката со оваа општествена болест. Нè чека уште долг пат пред да достигнеме ниво каде што сите поединци ќе се чувствуваат еднакви без разлика на својот род, сексуалната определба или боја на кожата. Ова е битка од којашто не сакам никогаш да се откажам, иако не сметам дека ќе биде добиена во текот на мојот живот. За мене, најбитно е да изградам простор каде што јас и мојата публика можеме да стапиме во дијалог околу проблематиките што се опфатени во моите дела. Сметам дека ова е еден начин на кој можеме да размениме мислења, да се образоваме, како и да стекнеме емпатија едни за други.
На „Инстаграм“ истакнавте дека се враќате назад кон цртањето и сликањето наспроти концептуалната и мултимедијалната уметност на која работевте досега. Зошто токму сега и што ви даде поттик за оваа одлукa?
Лично, не ги доживувам сликарството и мултимедијалната уметност како спротивности што постојат во опозиција. Отсекогаш сум сакала да сликам, но во текот на своите студии почнав да истражувам различни медиуми на изразување што бараа многу работа и посветеност. Овие медиуми беа соодветни за времето, зрелоста и пораката што пробував да ја испратам во тој даден момент во мојот живот. Се враќам кон сликарството зашто во последната година се стекнав со нови искуства самодоверба и сила што сметам дека најсоодветно можам да ја комуницирам преку своите слики.
На што работите во моментов?
Моментално работам на серија слики, како и на уште неколку напоредни мултимедијални проекти што се во многу рана фаза на реализација. Сè уште немам јасна слика што точно се случува во светот на моите дела, откровенијата во мојата уметност најчесто се случуваат неколку месеци по нивното создавање. Потребно ми е простор и време да разберам кој дел од себе сум го споделила со публиката. Процесот на творење во мојот конкретен случај се одвива на потсвесно ниво што подоцна се кристализира во некаква поконкретна порака.