Ова слатко задоволство се конзумира без грижа на совест. Нема рафиниран шеќер во својот состав и за да се направи се користат само здрави состојки: малини доведени до форма на џем со текстура која се спротивставува на цврста кокосова основа и киселкаста нота која додава елемент на изненадување под тенка крцкава чоколадна кора.
Потребни состојки (за квадратен калап со димензии 20 x 20 см или кружен со радиус 22см):
КОКОСОВ СЛОЈ:
- 200 гр кокосов крем на собна температура (цврстиот дел од изладена во фрижидер конзерва со кокосово млеко – доколку не можете да го најдете како посебен продукт)
- 40 мл течен засладувач (мед, јаворов сируп, агаве,…)
- 1 лажичка екстракт од ванила
- 150 гр кокосови трошки
- 40 гр кокосово брашно
СЛОЈ СО МАЛИНИ:
- 200 гр малини
- 2 лажички засладувач по желба (кокосов шеќер, мед, јаворов сируп,…)
- 10 гр чиа семе
- 1 лажичка со куп пченкарно брашно промешано со 1/3 шоља (80 мл) вода
ЧОКОЛАДЕН СЛОЈ:
- 150гр темно чоколадо ( минимум 70% какао во составот)
- 20гр кокосово масло
ДЕКОРАЦИЈА (по избор)
- Кокосови трошки
- Топено бело чоколадо
- Сушено овошје
- Јатки
Подготовка:
- Во длабок сад со лажица се мешаат сите состојки од кокосовиот слој додека не се изедначат – прво се мешаат течните состојки, а потоа се додаваат сувите. Добиената смеса треба да личи на влажен песок и на притисок со прстите да се лепи.
- Смесата се натапкува рамномерно во сад обложен со хартија и се става во замрзнувач да се стегне, а за тоа време се подготвува слојот со овошје.
- Малините се загреваат на среден оган во тавче со повремено мешање околу 10 минути. Целта е да се редуцира течноста. Се додава чиа семето и засладувачот, ринглата се намалува на ниска температура и се меша додека смесата не стане густа.
- Кога ќе се добие посакуваната густина, се пушта силен оган и се додава постепено мешавината од брашно и вода при што се меша постојано. Се готви 2-3 минути додека не се згусне.
- Овошната смеса се остава да се олади кратко и се истура врз кокосовиот слој. Потоа, заедно се оставаат околу 1 час во замрзнувач за убаво да се стегнат.
- Од стегнатата смеса се сечат парчиња со димензии по желба и се потопуваат или се полеваат со растопено чоколадо во кое има додадено кокосово масло.
- Оформените чоколатца се декорираат со кокосови трошки, суво овошје, јатки или топено чоколадо. Доколку се користи бело чоколадо, за да не изгори, неговото топење треба да се направи со таканаречена „бојлер“ метод, односно, коцките чоколадо со многу мала количина на кокосово масло се ставаат во сад поставен врз тенџере со вода која врие, а водата не треба да го допира садот со чоколадо.
- Плочките пред да се послужат се ставаат во фрижидер 15 минути или кратко во замрзнувач. Соодветно складирани во затворен сад или кеси во замрзнувач можат да стојат повеќе месеци.
Можете ли да ги изедете сите во еден ден? 🙂
На здравје.