Маргарет Ени Џонсон Енџелоу, попозната како Маја Енџелоу, е американска авторка, актерка, танчарка, поетеса и борец за човекови права. Нејзината најпозната автобиографска книга „Знам зошто пее птицата затворена во кафез“ од 1969 година е првиот бестселер од Афроамериканка што не е фикција. Со тешки ситуации во детството и многу сменети професии таа станува активен борец за човекови права заедно со Мартин Лутер Кинг и Малколм Икс.
„Ако нешто не ти се допаѓа, промени го. Ако тоа не е можно, тогаш промени го својот став кон него“
Родена во Мисури на четврти април 1928 година, Енџелоу на рана возраст морала да се соочи со разводот на нејзините родители, на само три години. По нивниот развод, таа и нејзиниот брат, Бејли Помладиот, живееле во Стамп, Арканзас, кај нивната баба, мајка на таткото, Ени Хендерсон. И покрај лошите економски услови за Афроамериканците во тоа време, нејзината баба успеала да биде финансиски стабилна и за време на Големата депресија и Првата светска војна поради нејзината продавница во која се продавале основни потреби за живеење. Еден немил настан страшно влијаел на малата Енџелоу. Кога имала само седум години била силувана од момчето на нејзината мајка, но иако осуден, тој бил во затвор само еден ден. Гневни поради тоа, нејзините чичковци го претепале и тој починал. Поради овој настан таа престанала да зборува и била буквално нема пет години. Подоцна изјавила дека верувала дека кажувањето на неговото име гласно било причина што тој бил убиен: „Мислев дека ако проговорам нешто, мојот глас може да убие уште некој“.
Во тие години додека не зборувала развила љубов кон книгите. Ги читала Шекспир, Чарлс Дикенс, Едгар Алан По, но и афроамериканските автори како Лангстон Хјус и Пол Лоренс Данбар. На 12 години учителката Берта Флауерс, пријателка на нејзината баба ја натерала да почне да зборува повторно, со тоа што ѝ ја потенцирала важноста на кажаниот збор и ја објаснила важноста на образованието и ѝ ја всадила љубовта кон поезијата.
На 16-годишна возраст, во Сан Франциско, каде што добила стипендија да учи танцување и актерство, Енџелоу станала првата кондуктерка жена од афроамериканско потекло во жичарницата во Сан Франциско. Професијата ѝ се допаѓала многу и добила поддршка од мајка ѝ, која ѝ велела дека за да успее ќе мора да станува рано и да работи двојно повеќе. Сепак, останала бремена и по завршувањето на училиштето, на 17 години, го родила синот Гај Џонсон. Потоа сменила многу работни позиции, меѓу кои биле и проститутка, готвачка, келнерка, автомеханичарка…
Во 1952 година се омажила за Гркот Анастасиос Ангелопулос (Тош Ангелос), електричар и поранешен морнар, и покрај негодувањата на нејзината мајка и околината дека се мажи за белец. Всушност, нејзиното сценско име е Маја Енџелоу, кратенката на презимето доаѓа од презимето Ангелос, а името од Маргарет. Тие се развеле во 1954 година, а поради нејзината посветеност кон танцувањето, бидејќи сакала да ѝ остане професија, станала пејачка во кабаре во Сан Франциско, каде што пеела и играла на музиката калипсо и била забележана од ловци на таленти. Од 1954 до 1955 година била дел од турите на продукцијата „Порги и Бес“, а во доцните педесетти пеела во повеќе ноќни клубови пред да се пресели во Њујорк. Желбата за пишувања се појавила кога се зачленила во Клубот на писатели на Харлем и запознала повеќе Афроамериканци писатели, меѓу кои бил и Џејмс Болдвин. Тогаш го запознала и го слушнала говорот на д-р Мартин Лутер Кинг и инспирирана од говорот станала борец за човекови права. Ѝ била понудена позиција како северен координатор на неговото движење на борба за правата на Афроамериканците. Сплет на околности и запознавањето и врската со борецот за слобода од Африка, Вусумзи Маке, ја однеле Енџелоу и нејзиниот син во Каиро, во Египет, каде што живеела и работела како помошник-уредник на англискиот неделник „Арап обзервер“. По разделбата со Маке, таа и нејзиниот син се преселиле во Гана и таму останала до 1965 година.
Кога се вратила во САД таа била охрабрувана од Џејмс Болдвин и уредникот од „Рендом хаус“, Роберт Лумис, да напише автобиографија. Иако Енџелоу на почетокот не се согласувала, сепак попуштила и така ја напишала првата и најпознатата од седумте автобиографии „Знам зошто пее птицата затворена во кафез“. Книгата е за нејзиното детство до раѓањето на нејзиниот син на 17-годишна возраст. По издавањето, книгата доживеала голем успех и била номинирана за Националната награда за книги. Денес, книгата е лектира во училиштата, иако низ годините била контроверзна поради претставувањето на расизмот, сексуалното малтретирање и насилството. Интересниот стил на пишување преку дијалог и заплет бил иновативен за тоа време кога се работи за автобиографии. Настаните не се секогаш хронолошки и повеќе се напишани за да се доближи суштината отколку самиот тек. Последната автобиографија ја напишала во 2013 година, „Мајка ми, јас и мајка ми“, на 85-годишна возраст. Покрај автобиографиите, нејзината поезија исто така ја направила славна, а дел од нејзините поеми говорат за животот на Афроамериканците во САД, борбата за правата во шеесеттите, протестите и инстинктот за слобода и преживување, како и за љубовта, расите, сексот, силата и убавината на жената.
Нејзината кариера продолжила и во филмската и телевизиската индустрија преку пишување на сценарија, филмска адаптација на нејзината прва автобиографија и неколку актерски улоги. Енџелоу починала на 28 мај во 2014 година поради кревко здравје и проблеми со респираторниот систем. За време на својот живот таа запознала голем број светски лидери, одржувала говори и ја читала својата поезија. Не престанала да се бори за човековите права, а нејзиното наследство и влијание се состои од тоа што по првпат Афроамериканка јавно го претставила и дискутирала за нејзиниот живот, и покрај маргинализацијата во тоа време. Ја бранела афроамериканската култура и помогнала Афроамериканките да станат видливи и важни во општеството. Нејзините дела се инспирација за феминистичкото пишување во седумдесеттите и себеспознавање на жените.