Павле Николовски, интернационалниот модел од Македонија, се појави во новата кампања за унисекс накитот „URIJELL“ создаден од дизајнерката и уметница Јелена Мандиќ.
Од неговата матична агенција „Моделс Ин“ велат дека за него ова искуство било нереално и магично и донело одлична соработка со Мандиќ. Фотографиите потсетуваат на исклучителна арапска фантазија со примеси на францускиот стил. Направени се непосредно пред самата изложба на накитот во прекрасните делови на Абу Даби.
Колекцијата на накит го носи името Bonbons de Sole односно свилени бонбони. Опсесијата на Јелена Мандиќ со стаклото како избор за изработка почнала во студентските денови кога по завршувањето на магистерските студии на познатата мегјународната академија CERAM во Јужна Франција ги започнала студиите за стакло. Учењето на техниката Lampwork прво почнала да ја учи кај Клер Багме, нејзината приватна професорка во Франција, а се усовршила кај најеминентните германски, холандски, италијански и американски мајстори за стакло. Lampwork техниката е процес на изработување на стакло која користи двоен пламен (плин и кислород) за топење на шипки од проѕирно обоено мурано стакло за изработка на накит. Иако ваквиот метод на уметност се практикува од древните сириски времиња станува широко практичен во Мурано (Италија)во 14-15 век, а некаде во тоа време и во Франција.
Јелена Мандиќ својата инспирација ја наоѓа во природата и низ нејзините патувања па оттаму и присуството на различни бои во нејзините креации. Името на брендот го создала со додавање на првата буква од нејзиното име Јелена (што значи вечен пламен) и името на Архангелот Уриел (ангелот на пламенот и огнот).
Оваа уметница живее и работи во Франција, а од неодамна својата уметност ја пласирала во Соединетите Арапски Емирати каде воедно ја организираше првата изложба на накитот „Urijell“ во Абу Даби. Меѓу најпознатите жени кои го носеле накитот се: принцезата Барбара Караѓорѓевиќ, официјално Барбара Елеонора, принцезата Марија Габријела од Савоја, познатиот светски модел и актерка Викторија Силвстед, познатата либанска политичка и новинарка Шантал Салибаи и многу други познати дами во светот.