Четворицата музичари од „40 Fingers“, Матео Бренци, Емануеле Графити, Андреа Витори и Марко Стефи се со сосема различни музички приказни кои преку т.н. техника fingerpicking на акустични гитари истражуваат нови звучни универзуми, изведувајќи широк репертоар на оригинални дела до познати музички теми аранжирани за четири гитари. На овој начин тие ни овозможуваат врвна музичка изведба што ја воодушевува и не ја остава рамнодушна публиката. Минатата недела во склоп на својата светска турнеја за прв пат имаа концерт во Македонската филхармонија во организација на „МГ Мјузик Продукција“.
Македонската публика уживаше во нивната авторска музика но и во реинтерпретација на одличните класици на модерната музика, од Piazzollа до Beatles, од Dire Straits, Queen до Eric Clapton, изразувајки се во различни музички правци од џез до латиноамериканската музика. Со повеќе од 90 милиони прегледи он-лајн се новата музичка атракција во етерот.
Вие сте бенд од познати музичари уште од 2017 година. Како дојдовте до идејата да оформите бенд со акустични гитари?
Пред „40 Fingers“ сите бевме многу добри пријатели. Се познававме сите многу добро зашто живеевме и имавме свирки во ист град. Секој од нас си го следеше својот индивидуален проект и си ја свиреше својата музика како соло гитарист. Одлучивме да оформиме бенд бидејќи свирењето заедно беше многу позабавно и повозбудливо и отсекогаш ја сакавме идејата да имаме повеќе инструменти и можност да креираме различни звуци и покомплексни аранжмани. Како мал гудачки оркестар но со модерен и уникатен звук. Бевме привлечени од идејата да имаме целосен, кохезивен звук, како рок бенд но само со четворица гитаристи.
Која беше инспирацијата позади името и кои ви беа најголемите предизвици низ годините?
Името на бендот дојде природно, со оглед на тоа што сме четворица и имаме секој по 10 прсти, тоа се вкупно 40 прсти (40 Fingers). Иако знаеме дека се 32 прсти и 8 палци, сепак тоа не звучеше така добро. Името веднаш стана препознатливо и разви симпатија кај публиката. Можеби најтешкиот предизвик на почетокот како и сега е да ги убедиме луѓето дека нашиот концерт е рок-концерт без разлика на тоа што свириме инструментална и некогаш и класична музика. На нашите концерти може да се движите, танцувате и да пеете гласно.
Користите и посебна техника на свирење, fingerpicking. Кои други техники ги користите?
Всушност користиме многу техники покрај fingerpicking, некои покласични и некои помодерни. Генерално целта е да се искористи целосниот потенцијал на акустичната гитара, свирејќи и со плектумот и со прстите, но исто така и користејќи ја гитарата како ударен инструмент.
Каква музика/песни сакате најмногу да свирите?
Ги сакаме сите стилови на музика, но нашето најголемо задоволство доаѓа кога ги свириме нашите авторски песни. Во однос на кавери најмногу уживаме во саундтрак. Големи фанови сме на музиката на Џон Вилијамс и секогаш сме возбудени кога ја свириме неговата музика.
Која е вашата цел преку музиката, какво искуство нудите за публиката?
Нашата цел е да ги видиме луѓето како се забавуваат. Имаме широк репертоар бидејќи се обидуваме да допреме до сите, музичари и тие што не се музичари, со убавината на мелодијата и аранжманите. Најзадоволни сме кога на крајот на нашите концерти публиката кажува дека ги заборавиле своите проблеми во рок од два часа и уживале во добра музика.
Сте имале многу концерти и настапи низ светот. Кој е начинот на подготовка и што најмногу научивте низ годините?
Всушност е неверојатно што можеме да ја свириме нашата музика во различни земји. Тоа е многу необично со оглед на тоа што свириме инструментална музика, но во тоа всушност е и моќта. Тоа е универзален јазик што секаде се разбира. Со текот на годините научивме дека вкусовите на луѓето се различни зависно од земјата. Се трудиме да ги избереме внимателно песните кои ќе ги свириме за да одговараат на публиката. Во однос на перформансот научивме дека каде и да свирите луѓето секогаш уживаат во енергијата на сцената и пасијата што ја имате за вашиот инструмент. Поврзаноста помеѓу нас четворица е нешто во кое луѓето уживаат и тоа доаѓа од фактот дека го сакаме тоа што го работиме. Ние сме само четвирица многу добри пријатели кои се забавуваат на сцена. Се трудиме да бидеме тоа што сме, без преправање и најверојатно поради тоа и луѓето нè сакаат.
Како сте задоволни од концертот во Скопје во Македонската филхармонија?
Ова беше нашиот прв концерт во Македонија и сме почестени. Салата е неверојатно убава и технички е на високо ниво. Си поминавме многу убаво и ни се исполнија и повеќе од очекувањата од публиката.
Кои се вашите следни планови и дестинации?
До крајот на април ќе бидеме на мала тура во САД (Бостон, Њујорк, Вашингтон и Филаделфија) Работиме на многу нови шоуа за ова лето низ Европа и дефинитивно се надеваме дека пак ќе дојдеме наскоро во Македонија. Секако ќе објавиме и нова музика и видеа, моментално работиме и на нов албум со авторски песни.