Силвана Стефановски, или Silvsplants како што е препознатлива на Инстаграм, е долгогодишна вљубеничка во растенија и приказната за нејзините над 1.000 растенија како и нејзиното знаење успешно го споделува и врши едукација за правилно одгледување на секакви растенија. Иако е дипломиран биохемиски инженер на ПМФ, во моментов целосно е посветeна на својата пасија – растенијата. Нејзините профили silvsplants.mk (продавница) и botanico.mk (профил за едукација) се вистинска инспирација за сите љубители на растенија во домот.
„Профилот го креирав во 2020 година и од тогаш до сега успешно едуцирам и споделувам знаење за одгледување на растенија трудејќи се да ја ширам љубовта кон живото и зеленото на секој којшто ме следи. Љубовта кон растенијата е од детството, а истата продолжи да се развива во средно образование и продолжи на моите студии кога и во 2016 година започнав со колекционирање на сукуленти и кактуси кои во моментов бројат преку 1.000 видови во мојата скромна колекција. Знаење споделував по групите за растенија и моите блиски постојано ме мотивираа да отворам профил каде ќе се насочам на давање совети за оние кои сакаат и имаат потреба да прочитаат едукативна содржина со таа намена, па еве ме денес после три години, уживам во она што го правам и среќна сум што ги послушав блиските и го создадов профилот на Инстаграм“, вели Силвана.
Првото растение кое го купила Силвана е Echeveria Setosa Cristata која ја има и ден денес во колекцијата, а покрај неа и неколку кактуси.
„Омилен род ми се красулите, но зависно периодот од годината секое од нив знае посебно да ме воодушеви некогаш, дали со својот брз раст, начинот на кој се развива, бојата или пак оздравување после третман од некоја болест. Имам премногу растенија за да ви дадам точна бројка, но преку 1.000 сигурно. Она што јас секогаш го кажувам е дека сите треба да сме свесни дека се работи за живи единки кои како и ние луѓето се разболуваат и умираат, па така најважно е да не се откажуваат и разочаруваат љубителите доколку некое растение им се уништи, тоа е природен и неминовен процес, колку побрзо се прифати, толку полесно ќе се продолжи понатаму“, објаснува Силвана.
Новитет кај Силвана е веб страницата Ботанико (www.botanico.mk) која како идеја се роди со потребите на луѓето да читаат едукативна содржина на македонски јазик. Таа има и прирачник ,,Приказна за моите 100 растенија” што е всушност бележник со илустрирани совети, каде корисникот може да си запишува карактеристики за 100 растенија кои ќе ги внесе во својата колекција од име, до начин на одгледување и бележење основни карактеристики.
„Морам да признам дека за мене беше предизвик да преземам ваков чекор како Ботанико во период кога имам бебе и можам да работам само навечер откако ќе заспие. Бележникот е надополнет со краток прирачник за почетници џебно издание, кој има објаснување за сите чекори кои еден љубител треба да ги преземе кога започнува со одгледување на растенија. Во бележникот има илустрации каде се гледа како да се идентификува проблем и некои совети за нега, а дополнително има и место за листа на желби, достигнувања и општи белешки“, додава Силвана.
Досега таа има спроведено две обуки за растенија со околу 150 учесници вкупно.
„Кај нас луѓето сакаат да чуваат растенија и има доста колекционери. Можам да кажам дека навистина недостасува едукација и многу често се греши во основни работи кои прават фатална штета и последици кои не секогаш можат да се санираат отпосле. Од она што го добивам како прашања и што можам да констатирам преку профилот би рекла дека филадендрони, орхидеи и замиокулкас (замија) од собните/ саксиски најмногу, од сукулентите чувар куќа (Sempervivum), седуми итн, а од надворешни растенија винки, сардели, петунии. На обуките се опфаќа во детали секој чекор кој е важен за одгледување на растенија (адаптација, грешки при одгледување, подготовка на супстрат и компоненти, наводнување, аерација, светлина, проблеми со штетници, начини на пропагација, трикови и совети за полесно одгледување итн.) Обуките беа на Zoom платформата во живо со можност за прашања, но материјалот беше снимен и достапен една недела дополнително да се прегледа од страна на учесниците и оние кои не се вклучиле во живо“, дополнува Силвана.
Таа сподели со нас неколку совети за сите љубители на зеленило во своите домови.
- Пред купување на растението кое ви се допаднало прочитајте нешто повеќе за него, што му е потребно за правилно да се развива и да биде убаво и долготрајно.
- Мораме да разбереме дека растенијата нема да се прилагодат на нас, туку мораме ние да се прилагодиме на нив и да се потрудиме да им обезбедиме квалитетни услови за развој.
- За крај, не се откажувајте, од сопствените грешки најмногу и најбрзо се учи.