Горан Блажески се занимава со графички дизајн од средно училиште преку реплицирање на корици за албуми за некои од неговите омилени бендови и музичари. Неговите дизајни потсетуваат на стари стрипови, ретро постери и дизајни, а во некои негови дела има црти на баухаус и гранџ елементи.
„За идеи и инспирација би рекол дека најмногу црпев преку различни „естетски трендови“ кои што најчесто ќе ги пронајдев на интернет, но секако имаше и елемент кој што не беше толку дигитален што најчесто беа различни композоции што ги имав собирано преку различни нешта како поштенски марки, банкноти и секако некои уметнички дела. Не би можел да конотирам на конкретно еден омилен стил, во некои дела има црти на баухаус, во некои има по „grunge“ елементи. Можам да се поврзам со естетиката која што била присутна во раните 2000-ти (Y2K) поради тоа што во тој период израснав, но исто времено и со некој 90-ти „halftone stencil“ шаблон кој што според мене е безвременски. Најмногу инспирација кога почнав со дизајнирање имав најдено во „vaporwave“ стилот на естетика кој што беше често присутен во текот на раните 2010-те години на интернетот. Тој стил е рефлексија на хедонизмот и консумеризмот кој што бил присутен во 1980-тите, но преку некоја призма на интернетот. Истовремено би рекол исто така дека и стилот на стари стрипови многу ми имаат влијаено“, вели Блажески.
Дел од неговите дизajни се инспирирани и од бруталистичката архитектура и македонските елементи, споменици и згради.
„Секако најголема инспирација е дека израснат сум во пост-социјалистичка држава, често сум опкружен од бруталистички градби. Сепак, можам да кажам дека главен момент за вметнување брутализам во некои дизајни е од руската пост-панк сцена, конкретно корицата на „Етажи“ од Молчат Дома. Некои од моите дизајни ги црпам од лично искуство, исто така би рекол и дека со мојот личен стил и вкусови. Најчесто се со некој делумно морбиден приказ, а текстовите што ги има на нив конотираат на нешто потсвесно што ми се манифестирало во форматот на дизајн“, вели Блажески.
Во однос на креативна блокада тој вели дека во таков случај најчесто остава простор на некој начин потсвеста да му собере доволно чувство за тоа што би сакал да направи следно.
„Не правам дизајни кои што ги асоцирам само со мене многу често, но поради тоа некои настани или различни нешта кои што ќе им пружам повеќе внимание помагаат. Најчесто исто така ми помага да навлезам во некој музички жанр и да го чуствувам звукот. Од дизајнери ги следам Progon, Medaur, Vena и Doron. Од сликари најмногу впечаток ми имаат оставено Зѓислав Бекшињски, Гистав Доре, Х.Р. Гајгер и Јошитака Амано“, завршува Блажески.