Бендот „Луфтанза“ е бенд од шест „своеглави луѓе“, како што се нарекуваат членовите, кои, дружејќи се и свирејќи заедно, го оформија бендот што донесе вистинска свежина на македонската сцена и прави музика што буквално веднаш ве станува на нозе.
Како дојде идејата за бендот, што ве водеше да се соберете и да оформите така енергичен и свеж бенд што ќе направи вистински бум во македонската современа музика и ќе ви донесе голем број обожаватели?
Бендот е дете на карантинот во 2020 година. Мартин немаше што да прави дома и го сними „Демо Тејп I“ во времето меѓу многубројните денски дружби во парк на второто езерце. Патем, тие дружби го оформија албумот и само природно беше тие што се дружевме и имавме свирено во безброј итерации претходно да го оформиме бендот „Луфтанза“. Бендот е свој ѕвер, со свои потреби, шест луѓе своеглави, со носот над просечното и здодевното ниво на индустриското море. Нè води таа досада и фрустрација од тоа што било убаво, а убаво не поминало.
Како би се опишале меѓу себе во неколку збора? Каков е секој член и кон што придонесува?
Андреј е најкреативен, Лука е најстрастен, Раде е најодговорен, Иво е најголемо срце, Виктор е највистински, Мартин е најплодороден. Секој придонесува нешто што другите не го придонесуваат; да не е влажен цементот.
Од каде црпите инспирација? Која песна и кој албум ви биле досега најголем предизвик?
Црпиме инспирација од многу извори, од секое парче музика што ќе ни помине пред очи. Најголем предизвик веројатно ни беше да ја снимиме „Триеме“ од нашиот четврт албум „Давор“, бидејќи трае речиси 14 минути и не престанува да оди. Фала на Ален за трпението.
На што особено се сеќавате од почетоците на бендот, а што ве води сега кога имате поголемо искуство?
Се сеќаваме на првите проби кај Виктор на покривот во Радишани; на првата свирка во „Ла Кања“, каде што сите што седеа (поради ковид-мерките) не се воздржаа и станаа да играат на крајот (Ковидот нека пропадне!). Се сеќаваме на првото интервју со Канал 103 (воедно нашето прво интервју) што се одржа со многу пиво на платото на ООУ „Гоце Делчев“ – Центар. Се сеќаваме на „Здраво млади“ (првиот пат да свириме за МКЦ), кога Васко побара гитара и од публика свиреше со нас; на „Бела ноќ“ (PMG Recordings Festival 11), кога првпат свиревме работна верзија од „Триеме“. Се сеќаваме на свирката што ја направивме во нашата гаража за најблиските другари. Се сеќаваме на сите дружби, Ентерпрајз-свирки, средношколски денови и бендови („Marv Elous“, „Точак“, „Шес Чаши Свеш Швепс“, „Superbad Teethjob“, „Unnamed High School Band that was once known as Caves of Steel“). Имаме многу убави сеќавања заедно.
Ве опишуваат и како бенд со експериментален и агресивен дух. Дали би можеле вие самите да се вклопите во еден жанр и да се опишете како бенд што создава музика само од еден музички правец?
Сѐ што правиме може да се стави под чадорот на терминот „рок-музика“ и неговите безброј варијанти. Правиме музика каква што сакаме да правиме во дадениот момент, не е подлабоко од тоа.
Каква е нашата алтернативна сцена од ваше гледиште, со оглед на тоа што излегоа голем број бендови изминативе години што ја помрднаа сцената од статус кво?
Ова е кажано, секако, со доза фаворизам, но сцената никогаш не била толку сплотена и активна. Има вистинска поддршка и љубов меѓу бендовите, која допрва ќе се негува, култивира и следствено ќе расте и ќе прима нови учесници и љубители на сѐ што не е шунд.
На која случка од вашите настапи, снимања особено се сеќавате и сакате да ја споделите со обожавателите?
Кога свиревме во „Квака 22“ во Белград: лик се качи на сцената да се дере на микрофонот, Клокан беше наведнат и се држеше за глава како некој да му ја скршил, Милан стана и фрли шише пиво пред сцената (се распрсна стакло насекаде). Многу „круша“ и „заечарско“.
Доколку треба да дадете совет на некој млад бенд кој штотуку почнува да се пробива на македонската музичка сцена, што би им кажале?
До бендовите: Кога и да се чувствувате дека нема место за вас и тоа што го правите, знајте дека во Македонија постојат силни фанатици, слушатели, критичари и љубители на добра музика кои порано или подоцна ќе ве најдат. Не ја предавајте битката пред да почне.