Истите свежи природни состојки што се користат во рецептите за разни јадењa можат да направат и чуда за кожата. Овошјето и зеленчукот, особено тие со витамин Ц, се борат против слободните радикали и се превенција од брчки, ја прават кожата поцврста и поздрава. Покрај редовното консумирање, свежите производи, како авокадо, калинка или брусница, можат да се искористат и за едноставни маски за лице, а кожата ќе изгледа помека, помлада и со поизедначен тен. Следниве неколку рецепти се одлични за домашно подготвени маски за лице.
1.Овес и босилек против акни
Овесот и босилекот се добро познати сојузници во борбата со акните и помагаат за темелно чистење на кожата.
Подготовка: Во чаша со жешка вода се ставаат две до три мали лажички сув босилек и се остава додека не постигне собна температура. Во меѓувреме, неколку лажици овесни снегулки се ситнат во блендер. Кога растворот од босилек ќе се олади, се додава малку по малку од растворот во иситнетите овесни снегулки. Смесата треба да биде доволно густа за да се нанесува на лицето без да тече. Нежно се нанесува маската на лицето и се остава да дејствува 20 минути. Потоа, додека се мие лицето, можат да се прават кружни движења за да се ексфолира кожата.
2.Брусница и грозје за обновување на кожата
Покрај тоа што е вкусна за јадење, брусницата помага да се отстранат мртвите клетки од кожата. Оваа маска се препорачува да се користи двапати во месецот.
Подготовка: Со миксер се мешаат една шолја свежи брусници, една шолја грозје без семки, две кафени лажички сок од лимон и еден желатин на средна брзина од 20 секунди додека не се добие густа смеса. Се покрива и се става во фрижидер 45 минути за да се згусне. Откако ќе се извади од фрижидер се остава на собна температура 10 минути и потоа се нанесува на чисто и суво лице, избегнувајќи ја областа околу очите. Се остава 15 минути на лицето и потоа се плакне со топла вода.
3.Авокадо и белка од јајце за хидратација на кожата
Авокадото е одличен извор на природни, здрави масти, витамин Б и калиум што помагаат против сува кожа.
Подготовка: Се мешаат со миксер едно авокадо, една белка од јајце, две лажици овесни снегулки и една кафена лажичка сок од лимон. Се нанесува на лицето и се остава 15 до 20 минути и потоа се плакне со топла вода. Двапати неделно е доволно за помека и похидрирана кожа.
4.Краставица и лимон за масна кожа
Овој тип кожа бара специјална нега, а во спротивен случај, изгледа неуредно и нечисто. За утеха, масната кожа има и позитивна страна – подолго време го задржува младешкиот изглед, затоа што ја зачувува својата еластичност и е помалку склона кон појава на брчки.
Подготовка: Се ренда половина краставица и со помош на газа се цеди една кафена лажичка сок од неа. Се додава еднакво количество сок од лимон. Со помош на памук се премачкува лицето со течноста десет минути пред туширање. Мешавината од соковите од краставица и лимон не само што ќе ја освежат кожата туку и ќе ѝ помогнат да се ослободи од непотребните маснотии.