Дечките од „Културолошка иницијатива 5 до 12“ летово навистина го претставија Охрид на поинаков начин преку интересните и алтернативни културни настани. Идејата која тлеела скоро две години успеа да се реализира за прв пат минатата година со отворањето на првото алтернативно културно-забавно лето со повеќе настани и работилници од различен карактер. Летово се одржа и отвореното летно кино со автомобили Film Flow кое имаше голема посетеност и одличен одзив кај граѓаните. Со организаторите поразговаравме за овогодинешната програма и досегашните настани, како и за тие што следат во текот на септември.
„К.И. 5 до 12“ е проект чија цел е подигање на културната свест, во кој младите имаат шанса да ги претстават своите таленти и вештини. Недостигот на културно-забавни настани во Охрид нè поттикна да ја започнеме оваа иницијатива и бидејќи кај нас се èсе прави 5 до 12 така дојде до идејата за името. Во програмата влегуваат повеќе настани и работилници од различен карактер кои се распоредени во текот на јули, август и септември кога градот е најпосетен. Настаните се одржуваат на различни локации низ Охрид, повеќето се на отворено за да бидат достапни за сите луѓе, и домашните и гостите кои го посетуваат градот. Тимот првично беше составен од три личности во главна организација: Јован Цветкоски, Ристе Лекоски и Јаков Јованоски, а оваа година тимот се прошири со уште тројца луѓе во главна организација вклучувајќи ги Илија Левески, Димитар Поп-Стефанија и Христијан Томевски. Но, секако тимот не би можел да функционира без фотографите, волонтерите, поддржувачите и сите помагатели“, велат од иницијативата.
За септември се останати уште два настани во главната програма, на 3 септември, промоција на збирка раскази „Неми филмови“ на Димитар Димоски и поетско читање „Имам нешто да ти кажам“ во Кафе Бар Шила и завршниот настан на 7 септември на плоштадот кај Мини маркет, кој ќе се содржи од две изложби на фотографии и цртежи работени со менторите на работилниците за фотографија и цртање, музичка точка, краткометражен анимиран филм на Александар Илиевски – „Клима“, како и #ЕкоПрес со членови на еколошката иницијатива „Чист Охрид“, Александар Илиевски и К.И. 5 до 12. Еден од настаните што предизвика особено внимание и имаше голем одзив беше летното кино за кое организаторите велат дека е „искуство што досега сме го немале и ние како млади луѓе и организација, но и самиот град Охрид“.
„Идејата се развиваше уште пред пандемијата, а потоа беше сигурно дека ќе се случи поради препораките и условите за одржување настани, бидејќи овој настан несомнено е еден од најбезбедните кои можеме да ги организираме во овие услови. Главната инспирација е од холивудските филмови, приказните како што сме начуле дека се случувало во 70тите, 80тите во Скопје, па потоа годинава почна да се случува и во други градови, што ни е многу драго, бидејќи ваков настан треба да се случува во сите градови низ Македонија. Изборот на филмови беше тежок од причина што, организираме првпат, па технички и финансиски треба да си добро снабден за да можеш да ги добиеш баш оние филмови коишто навистина сакаш да се прикажуваат. Но, на крај направивме одличен избор на три филмови, „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажески и Дарко Попов, потоа „Малиот Гангстер“ фамилијарната комедија и филмот кој потресува „Куќата што ја изгради Џек“ на Ларс фон Триер. Оваа идеја за отворено летно кино со автомобили секако дека ќе се повторува во иднина и планираме независно од условите да се одржува и неколку пати во текот на летото, да прерасне во традиција, а зошто да не и преку година“, велат од „К.И. 5 до 12“.
Како што дополнуваат, оваа година посетеноста и заинтересираноста за настаните драстично се зголемила.
„Ова е на наше огромно задоволство, иако го контролираме капацитетот на публиката поради пандемијата и условите за секој да може да се чувствува безбедно и да биде безбеден кога ќе го посети нашиот настан. Настан што остави најголем впечаток засега беше отвореното летно кино со автомобили Film Flow, особено како сето тоа изгледаше организациски, но мораме да ги издвоиме и Староградската пловидба со Ансамбл Билјана по Охридското Езеро со кајчиња и настанот на Скејт-паркот“, велат организаторите.
Фотографии:
- Анастасија Стојаноска
- Петар Ристески
- Теодор Тасевски
- Славчо Малезанов