Викендот на гордоста во Скопје годинава се одржува по осми пат, а неговата цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни.
Отварањето на фестивалот е закажано за среда, 2 септември во 20:30 часот во МСУ, со отворање на групната изложба, насловена „ Скршено“. Групната изложба вклучува дела од Феликс-Гонзалез Торес, Полин Бодри и Ренате Лоренц, Карин Мичалски, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, и Хермес Питакос и Федерика Даури, а куратор на изложбата е Славчо Димитров. Фестивалот ќе трае до 8 септември и ќе се одржува на повеќе локации во Скопје. За целосната програма може да се информирате на следниот линк.
Во услови на сѐ поголемата закана од неолиберализмот, како и националистичките, хетеронормативни и маскулинистички идеали на единство, чистота, целовитост, едноликост, успех, сопственост и совршенство, нашата цел со СКРШЕНО е да понудиме критичка перспектива втемелена во претставата дека сме скршени на фундаментален и специфичен начин, и дека токму таа скршеност нуди можност за алтернативни политички хоризонти. Одовде, со изложбата сакаме да го истражиме концептот на скршеноста како одлучувачка позиција во рамките на пошироката кураторска тема на Фестивалот за суровиот оптимизам, од четири клучни перспективи:
1. Скршеноста како конститутивна социо-политичка онтологија на телесниот субјект;
2. Скршеноста како рефлексија на нееднаквата дистрибуција на искуството и социјалното условување да се биде скршен од страна на разни апарати на нееднаквост, експлоатација и угнетување;
3. Скршеноста како прекин со вложувањето и приврзаноста преку суров оптимизам;
4. Скршеноста како концепт преку кој се создаваат нови репертоари на обмислување и практики на воспоставување на заедницата и политичкото.
Фокусот на програмата на Викендот на гордоста е насочен кон културните и уметнички перформативни практики, вклучително и визуелни и современи уметнички практики преку кои се обработуваат теми како што се отелотворувањето, афектот и субјективитетот со посредство на различни медиуми. Изборот се заснова врз нашата посветеност на идејата дека „естетското“ е суштински вкоренето во телесното искуство, и како такво се наоѓа во основата на општествените, културните и политичките искуства. Одовде, доколку политичката идеологија и хегемонските културни модели ги пренесуваат сопствените наредби врз телата на граѓаните, при што ги оформуваат нивните емоционални ориентации и сензибилитети (естетскиот домен), телото и афектните и емоционални односи стануваат клучно место за обмислување и создавање на отпорот и алтернативните животни форми. Со други зборови, хетеронормативната идеологија и маскулинистичкиот културен поредок функционира преку перформансите и ритуалите со кои се мобилизираат и кореографираат нашите движења, енергии, желби, афекти и телесни потенцијали и со кои се регулираат односите меѓу телата во социјалните простори. Преку уметноста на перформанси и телесната уметност се мобилизираат токму ваквите притисоци на моќ врежани врз нашите тела, и субверзивно се пренасочуваат во алтернативни и ненормативни насоки. Телото, во критичките феминистички и квир перформативни практики, претставува бојно поле на кое се актуализираат и оспоруваат односите на моќ.
Во изминатите четири години во рамките на Фестивалот беа прикажани изложби, инсталации, перформанси, претстави, предавања и дискусии на: Ваџинал Дејвис, Борјана Роса, Касилс, Хелен Барие и Виктор Марзук, Доминик Џонсон, Аереа Негро, Ефемерни исповеди, Дел ЛаГрејс Волкено, Дејвид Хојл и Липсинкерс, Иво Димчев, Травис Алабанца, Рон Ејти, Бојчајлд, Рејчел Јанг, ПЕНСИ, Дејвид М. Халперин и многу други.