„Најчестата предрасуда со која јас се соочив додека работев, интервјуирав и собирав приказни е дека самите студентки одобруваат вакви однесувања“
Со режисерката и психолог Драгана Гунин поразговаравме околу темата која се чини дека беше запоставена во јавноста, за психичкиот аспект во ситуација кога една студентка/студент е уценуван/а и сексуално вознемируван/а од професор. Таа во јуни започна проект „Приказни кои треба да ги слушнете“ со кој собираше и објавуваше лични приказни од студентки кои биле уценувани или вознемирувани од професори за да добијат повисока или воопшто, да добијат оцена. Се работи за проект посветен на истражување на корупцијата на факултетите. Идентитетот на девојките е скриен, но познат на режисерката.
Последниве години студентите се соочија со низа неправди од професорите, барање поткуп и мито дури и сексуални барања од студентите за поголеми оценки. Какви последици може да имаат овие настани по менталното здравје на студентите? Со какви тешкотии може да се соочат понатаму?
Повеќето од тие искуства се трауматски, каде и потребите и правата на младите луѓе се загрзозени. Дел од студентките (според моето истражување) чувствуваат и грижа на совест затоа што се нашле во таква ситуација, а всушност се жртви на агресорот. Некои чувствуваат и страв и лутина. Дел го одложуваат зборувањето за проблемот или се затвараат во себе. Секој/а различно реагира. Битно е да му се посвети внимание на проблемот, да се освестат емоциите и да се даде важност на тоа што се случило. Свесноста дека треба да се работи и дека се нормални сите фази низ кои поминуваат студентите кои се нашле во ваква ситуација од неверување и тага до лутина и бес се првите чекори во работата на себе и ослободување од притисокот врз себе. Затоа што секое закопување на необработени емоции длабоко во себе носи свои последици како некорисни уверувања, стравови, блокади итн. Доколку се работи на себе се остава простор да се реши таа траума позитивно, да се отвори нов аспект на делување и ослободување од вина, лутина како и контакт со себеси и својата позиција во таа ситуација.
Дали се соочуваат студентите со предрасуди и осудувања од околината наместо да се гледаат како жртви на професорите и како да се соочат со тие напади?
Најчестата предрасуда со која јас се соочив додека работев, интервјуирав и собирав приказни е дека самите студентки одобруваат вакви однесувања. Кога околината има ваква предрасуда многу тешко е млада девојка да се отвори и да зборува за траумата и искуството низ кое минува. Затоа тука е потребно стручно лице и достапна психолошка помош. Ваквите предрасуди/изјави/мислења спречуваат да се оди подлабоко и да се истражат сите мотиви па и позадините на студентките. Станува збор за млади луѓе, недоволно искусни, дел од нив исплашени, дел со ниска самодоверба, секој/а со различна позадина, непозната за останатите, затоа осудата и предрасудите се сосема непродуктивни и неосновани. Честопати се заборава на позицијата на агресорот и нападот извршен од негова страна.
Иако беа осудени и казнети за делата тројца професори, сепак никој не се позанимава со студентите кои го искусиле тоа и последиците не беа расправани од страна на стручните лица. Зошто мислите дека е тоа така и дали самите студенти бараат психолошка помош по вакви настани?
Живееме во општество каде постои култура на игнорирање и осудување и каде постојат теми за кои сè уште недоволно се разговара, иако се прават напори да се осветлат нечии приказни и да им се даде простор. Барем годинава, кога повеќето ја сфатија важноста од негата на своето ментално здравје. Покрај изречената казна, со која се позанимавала надлежна институција (еден од начините да се дојде до правда) е да им се пружи психолошка помош на младите кои поминале низ вакви немили искуства. Ова се случи пред самиот почеток на карантин, па верувам дека во иднина ќе се позанимаваат и самите факултети и институции во давање бесплатна психолошка помош на студент(к)ите. Поголемиот дел од студент(к)ите наместо тоа разговараат со најблиска другарка, колешка или некој на кого највеќе му веруваат. И го обработуваат ова искуство свесно или несвесно низ други постапки, учења и искуства.
Кои се најчестите психолошки проблеми на студентите во текот на студирањето и на кој начин може да им се олесни или помогне? Каде е решението на овој проблем и како студентите да си помогнат на себе или на своите колеги?
Бесплатна психолошка помош, односно психолог на секој факултет. Секогаш е добро отворено да се разговара, да се даде вистинско име на проблемот, да се лоцира и да се работи на негово разрешување. Најчесто младите се соочуваат со анксиозност, панични напади, несоница, депресија и депресивни епизоди а причинителот може да биде различен. Од притисок на факултет, па до притисок од социјални мрежи. Многу од студентите се далеку од дома, се преселуваат во друг град, се соочуваат со нови дразби, искуства и предизвици. Финансискиот аспект не смее да се занемари, влегувањето во нова развојна фаза (каде се присутни и развојните кризи), затоа факултетите имаат должност да им пружат на студентите целосна поддршка. (овде ги исклучувам уметничките факултети кои функционираат поинаку од останатите, имаат поголема и поотворена комуникација со своите студенти)
Како да се зголеми свеста кај младите и луѓето дека не е срамно да се побара психолошко советување со цел подобро ментално здравје?
Полека, но сигурно има промени и на тоа поле. Во тек на пандемијава младите, а и повозразните сè почесто отворено зборуваа за своите предизвици со менталното здравје, креираа простор за поддршка, а исто така се отворија и бесплатни телефонски линии за советување. „Радио Моф“ нуди подкасти со психолози, на социјални мрежи доста често и самите психолози, психотерапевти и останати стручни лица пишуваат за грижата за менталното здравје. Значи веќе се будиме но важно е секој индивидуално да работи на себе и да ја развива својата личност и потенцијалите кои ги носи.