Music: It’s a way of life
Музиката е едно огромно море од емоции, состојби, инспирации, љубови, експресии, утехи… Веќе не се ни сеќавам кога првпат ми се роди желбата да ја пренесувам, доловувам, опишувам, промовирам и претставувам во каква било форма. Веројатно кога почнав да пишувам албумски и концертни осврти и рецензии како млад, самоуверен и претенциозен рок-критичар во „Студентски збор“, а потоа и во „Нова Македонија“, „Пулс“, „Тротоар“, „Град“, „Урбан“ и др. Подоцна дојде радиото (Канал 103), пуштањето музика и најпосле музичкото промотерство.
The good old days vs. modern times
Почнав да пуштам музика на домашни журки и родендени, нешто што во тоа време (крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите) беше многу често, природно и нормално. Сепак, првиот посериозен ангажман и однос со публиката го стекнав во култната „Тиква Зелена“. Потоа се појавија „Аквадро“, „Темпл“, „Синдикат (Јукан)“, „Братство-единство“, „Метропол“, старата „Менада“ итн. итн. Денес изборот е многу побогат, но разликата е во тоа што музиката е сè помалку релевантна/одлучувачка во изборот на местото каде што ќе ја поминеш вечерта. Новите генерации се, генерално, многу поотворени, поопуштени или едноставно сакаат да се забавуваат, не размислувајќи премногу за музиката – дали таа треба или не треба да им се допадне и дали треба да танцуваат на неа или не.
All that jazz!
Непосредното учество во организацијата на двата фестивала (Скопски џез фестивал и OFFest) претставува неверојатно интересна, возбудлива, инспиративна, креативна, благородна, исполнувачка работа. Бесценето е чувството кога ќе ја видиш широката насмевка и ќе го слушнеш громогласниот аплауз на публиката на крајот на концертот што си го организирал. Но, оваа работа, за жал, често има и друга, не толку убава страна: тешка, долга, исцрпувачка борба со локални ветерници, администрации, комплекси и фрустрации.
Just turn on the radio
Радиото е СОВРШЕН медиум кога е во прашање музиката. Нема подобар, тврдам. Во улога на водител, радиото ти овозможува единствена прилика да зборуваш за неа, да ја опишуваш, да ја рецензираш, критикуваш, но и да ја илустрираш со аудио запис. Гола, необременета, лишена од сите најчесто непотребни визуелни наметки, шминки и илузии. А сето тоа слушателот може да го восприема по дома, на работа, на точак, во кафуле, во супермаркет, со затворени очи, под туш, на гости… Вистинското радио ја поттикнува фантазијата, имагинацијата, создава мислечки единки, а не обични консументи. Те учи да СЛУШАШ, што е најважно, клучно за музиката.
A lesson called music
Децата се како сунѓер. Впиваат сè што им се сервира. Затоа е исклучително важно ШТО им се сервира. Или, што би рекол Рамбо Амадеус: „Главна задача на родителот е првенствено да го запознае детето со квалитетот – кој било квалитет. Да му покаже каде се наоѓа тој квалитет, како се препознава, како се користи, бидејќи кога детето еднаш ќе се запознае со квалитетот, од која било област, по автоматизам го изострува својот критериум. И откако детето ќе се запознае со некој квалитет, тогаш, со својот изострен критериум, ќе му биде неинтересно да се матка со нешто што е неквалитетно, заглупувачко или штетно“. Се разбира, покрај родителите, кои, реално, не секогаш поседуваат умеење, знаење и потенцијал на детето да му го покажат квалитетот, исклучително важна улога во овој процес имаат и медиумите.