Дали некогаш ви се случило да се изгубите и запоставите на многу подлабок начин, од оној обичниот кога шетате со мрсна коса, или грозна, комфорна облека. Кога сте влезени во некоја невидлива машинерија, линија на помал отпор, кога ништо особено не ве радува, но не сте тажни, едноставно рамнодушни. Работите од секојдневието ги правите повеќе механички, на автопилот, па кога ќе ви се натрупаат непотребни обврски, дури тогаш ви текнува дека ако вложевте малку повеќе напор, ако поставевте јасни граници, ако не бевте толку флегматични во моментот кога требаше да дејствувате ништо од обврските немаше да постои. Или на пример дали сте се нашле во ситуација некој да ве праша нешто што ви е омилено да наведете и вие да размислувате со минути и да не ви текнува. Сите методи и техники, што ми текнуваа за љубов кон себеси толку ми беа клише, и не знам дали поради враќањето на „selflove“ пропагандата , поттикната од „Flowers“ на Мајли не можев да се сетам на ништо, што би ми дало некоја поголема спиритуалност, некое поголемо разбирање за себе и своите постапки. Бев една мала мува без глава, која од секојдневниот стрес збунета и зашумоглавена пробуваше да функционира нормално.
Сите мои истражувања за допир со себеси, ми наведуваа дека постојат два начина да го подобриш себеспознавањето. Првиот нудеше предлози и техники за длабоко психолошко посматрање, анализирање на својот живот,кое би требало да ме доведе до откривање на желбите, кои се скориено во моите страсти, зависности, потреби, копнежи, желби и надежи. Преку себеанализа, требаше да дојдам до некој заклучок што ќе ми откриеше дел од моите подличности и ќе ме охрабреше сè подлабоко да се спознавам. Уф за ова немав живци, ни карактерна подлога, зашто презирам прекумерно размислување за работи што се случиле и анализирање на истите, бидејќи секогаш без исклучок ме воделе до црни сценарија и себеобвинување. Вториот начин што беше наведен нудеше предлози како да ја поттикнеш својата спиритуалност и духовност. Односно требаше да најдам повисоката смисла на моето постоење, што ќе ми ја смени смислата на животот. Не бев задоволна од понудените опции, зашто сакав јасна насока, направи тоа и тоа, магично стапче.
Од кога почнав да обраќам поголемо внимание, цело време чекав некој знак од Универзумот, кој ќе ми го даде одговорот, на најпубертетските прашања што ме мачеа, која сум вистинската јас. Па така еден ден мојот среден син лут, што помалиот брат му ја скрши освоениот медал, со плачење му повторуваше: – Зошто те роди мамаа? Зошто постоиш? Овој затекнат повторуваше извини, извини, и тогаш му ја кажа најслатката и наједноставна реченица: – Па ме роди да бидам твој помал брат! Па така ми стана јасно во деновите кога не гледате подлабока поврзаност со вашето вистинско јас, кога сте анксиозни, депресивни, тажни, можеби доволно е да сте задоволни од себеси што постоите да ги сакате вашите најблиски, најсакани. Можеби е доволно што ширите љубов за другите, кога ја немаате за себе. Зашто секоја љубов, во било која форма се враќа кога најмногу ви треба.