„Сè во исто време“ доминираше на овогодишните награди Оскар освојувајќи награди во седум категории меѓу кои и онаа за најдобар филм. Драмата за едно семејство со меѓусебни проблеми, која се одвива во фантастичен мултиверзум, исто така освои награда и за најдобра актерка, најдобар режисер, најдобри споредни актер и актерка, најдобра монтажа и најдобро оригинално сценарио на 95-тото издание на Оскар. Филмот на режисерите Даниел Кван и Даниел Шајнарт за семејство кинески емигранти кои патуваат низ мултиверзуми и ја откриваат смислата на животот, доминираше во речиси сите главни категории, додека Брендон Фрејзер доби Оскар за најдобар актер за улогата во филмот „Кит“. Интересно е што и двата филма се дел од продуцентската куќа „А24“, која е специјализирана за мали независни филмови.
Во филмот „Кит“ Фрејзер глуми професор по англиски јазик со прекумерна тежина кој се обидува повторно да се поврзе со својата ќерка. На синоќешната оскаровска церемонија, во говорот полн со наутички референци, Фрејзер рече: „Само китовите можат да пливаат во длабочината“.
Со зацрвенети очи, тој го заврши својот емотивен говор заблагодарувајќи им се на своите деца и на својата најдобра прва другарка, како што ја нарече, партнерката Џин Мур.
Оскарот за споредна машка улога го доби Ке Хуј Кван, кој по 45 години од улогата на „Шорт Раунд“ во „Индијана Џонс и Храмот на проклетството“ на голема врата се врати во Холивуд, и споредна женска улога за Џејми Ли Кертис.
„Велат дека вакви приказни има само во филмови. Не ми се верува дека мене ми се случува ова“, кажа расплаканиот Кван, кој како бегалец заминал од Виетнам во Хонгконг, а оттаму дошол во САД.
По големите хитови во средина на 1980-ите, Кван престанал да добива улоги во Холивуд и почнал да работи зад камерите, но откако го гледал „Луди богати Азијци“, решил да си даде уште една шанса, иако се ближел кон 50. година. Така добил повик да го снима филмот кој денеска освои дури седум оскари.
„Мајка ми има 84 години и го гледа ова дома. Мамо, тукушто освоив Оскар! Ти благодарам за жртвите што ги направи за да стигнам дотука. Моето патување почна на брод и по една година во бегалски камп, некако завршив овдека, на најголемата холивудска сцена“, кажа Кван.
Мишел Јео стана првата Азијка која доби Оскар за најдобра женска улога и само втората жена која не е од белата раса со ова признание.
„За сите мали момчиња и девојчиња кои изгледаат како мене додека ме гледаат вечерва ова е светлина на надеж и можности“, рече Јео.
Наградата за најдобра режија им припадна на Даниел Кван и Даниел Шејнерт, додека германскиот „На Западот ништо ново“ освои четири награди – најдобар странски филм, најдобра кинематографија, најдобра продукција и најдобра музика.
„Навални“ победи во категоријата за најдобар документарец, а наградата ја прими семејството на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој се наоѓа во затвор. Тие ја прочитаа неговата порака во која тој ги потсетува луѓето „да не се плашат да се спротивстават на диктаторите и авторитарноста“.
„Мојот сопруг е во затвор поради бранење на демократијата. Алексеј, сонувам за денот кога ти и нашата држава ќе бидете слободни. Остани силен“, додека неговата сопруга Јулија Навална.
„Пинокио“ на Бенисио Дел Торо беше прогласен за најдобар анимиран филм, додека „Аватар: Патот на водата“ победи во категоријата за визуелни ефекти.
И покрај седумте номинации автобиографската драма „Фабелманови“ на Стивен Спилберг не успеа да победи во ниту една категорија. Без награди останаа и филмовите „Тар“ (шест номинации) и „Елвис“ (осум номинации).