Последниве месеци сум во состојба на константен умор и исцрпеност. Верувам дека повеќето од вас се чувствуваат исто, зашто декември генерално е многу тежок месец. Месец на секаков вид претерувања, месец на завршување на сите натрупани работи, поправање на грешки што можат да се поправат, претерување во јадење, пиење, дружења со луѓе што не се од твојот најблизок круг, подготовка на децата за завршни тестови, голем број настани кај што мораш или не мораш да одиш. Во вакви некои околности го поминував мојот декември, плус се разболев од сезонски грип и имавме многу работни обврски со подготвување на ова издание на „Портрет“. Па така секој ден станував сè понервозна, постојано нешто не стигав да направам, обврските ми се таложеа на сите полиња и буквално бев пред плачење по неколку пати на ден. Најубавата празнична еуфорија што секоја година ме фаќа и ми носи преубави мигови и моменти, оваа година немаше абер да се појави. Дома не ми беше украсено, децата не можев да ги однесам на преубавите предновогодишни настани, и сè поврзано со оваа тема ми правеше притисок. Целата предновогодишна еуфорија ми беше забрането прашање за размислување и дискутирање со било кого. Во целиот хаос постојано замислував како сум во некој преубав спа центар, минималистичко уреден, каде сум сама, оставена на мира од сè и од сите, секако без телефон и каде секој ден ми ѕвонат од рецепција да ми прават најразлични третмани и масажи, после кои би била нов, подобар човек. Третманите би биле толку успешни што и карактерот после нив би ми бил сменет, темпераментот пофлегматичен, не би избувнувала за ништо на светот и дефинитивно не би се нервирала за глупости. Тогаш ми светна дека апсолутно немам направено ништо овој мој сон што сега ми изгледаше толку далечно, да го направам реалност. Најдов еден спа центар, и една понуда што се викаше викенд во рајот, ги организирав моите родители да ги чуваат децата, најавив на сите што ми се блиски дека одам на филмски викенд САМА, да одморам од сè и од сите. Веднаш почнав да се чувствувам подобро и замислував како ќе спијам без аларм 10 часа, како ќе има сигурно и некој салон за убавина можеби таму па ќе си средам уште нешто, дури и нова боја за коса беше во игра. Па така во холивудско расположение, како главна актерка од романтична комедија пристигнав во хотелот и спа центарот. Веднаш со првиот чекор имав мал шок, местото од фотографиите на сајтот каде што резервирав престој и местото каде што дојдов се разликуваа во да речеме две ѕвезди, но бев решена ништо да не ме спречи во мојот викенд за исцелување. Сè што се случуваше таму ќе пробам да го раскажам во неколку реченици. Прво не можев никако да заспијам, помислата дека бев сама со своите мисли, без телефон ми беше најстрашното нешто. Се разбира дека во два часот сепак го вклучив телефонот. Вечерта одеше по овој редослед, ред црни сценарија што може да се случи дома додека ме нема, ред обвинувања за мои животни грешки, ред прашања на кои немам одговор и за крај ред животни неуспеси и дојде четири часот. Постојано си велев оваа вечер е премин, ослободување од стресот веќе другата ноќ ќе спијам десет часа, друго е по третманите утре што ќе ги правам. Кога веќе почна да се разденува, одвај некако успеав да заспијам. Утредента видов дека има само еден вид масажа, и плус јас имав болки по цело тело од агонијата од претходната вечер, па и тој дел од мојот магичен викенд беше тотално фијаско. Втората вечер навистина спиев подобро, но веќе ме фаќаше нервоза едвај чекав да си одам дома.
Кога стигнав дома уште од врата почуствував познат мирис, новогодишниот милиброд на мајка ми и одма се чувствував подобро. Децата без превозбудени, ми покажуваа дека ми подготвиле изненадување, цел стан беше накитен и нашата новогодишна елка гордо стоеше на своето старо место. Некако се чувствував како некој терет да ми паднал од мене, огромно олеснување од сознанието дека на крај сé ќе биде во ред. Мојот најмал син во огромна еуфорија дека си дојдов дома, ми рече:- Денес е Нова Година, види колку ни е убаво, денес е. Кога го убедував дека не е, дека ќе ја пречекаме за некој ден, смирено ми одговори, денес накитивме и ти си дојде, нас ни е денес. И тогаш сфатив дека никогаш не можеш да го најдеш мирот надвор од себе, дека секогаш решението е во тебе. Ако не го гледаш треба само подлабоко да нурнеш за да го најдеш. Во тој момент кристално јасно ја замислив мојата новогодишна желба. Посакав целата следна година да работам на пронаоѓање на мојот мир, во себе. За почеток ќе сум среќна ако расчистам сама со себе и кога мислам на мир и спокој да не визуализирам спа центри.