Неодамна добив понуда да одам на обука, која премногу би ми помогнала на професионален план, но обуката траеше три недели и беше на друг континент. Премногу се израдував но веќе втора мисла ми беше, како моите родители ќе се справат еден месец, со милион обврски околу моите три деца. Веднаш потоа проработе и хипохондрикот во мене, што ако некое дете се разболи. Па потоа наврати и анксиозноста што ако се случи нешто лошо, а јас сум толку далеку. Моите деца се релативно пораснати деца, односно не се бебиња, ни тодлери, а јас сум ги оставала многупати досега, но не знам зашто овој пат беше поинаку. Одлучив дека не можам да одам, не сакав ни да ги земам опциите дека со малку подобра организација, веројатно сѐ ќе биде во ред. Потоа со денови се чувствував лошо и се обвинував дека постапив сосема неразумно.
Размислувајќи на оваа тема сфатив дека во последно време често се фаќам како се измачувам за ситници од секојдневието, кои во мојата глава ме прават себичен човек, лош родител, партнер кој не е доволно посветен или нелојален пријател. Тоа се на пример најобични ситници, кој постојано ме внесуваат во магичен круг на грижа на совест и самообвинување. На пример најобично излегување на пијалок, ме прави со денови загрижена дали премногу сум испила, дали сум зборувала несоодветни работи, па дали можеби утрото потоа не сум била посветена мајка, зaшто сум била мамурна. Или на пример кога останувам со часови на работа па потоа доаѓам дома, сум многу попустлива и дозволувам работи, што можеби не би им ги дозволувала на децата ако не се чувствувам лошо. Иако ми е јасно, дека живееме во средина која ни наметнува предрасуди, стеги, улоги и ги препознавам секогаш кога ќе ми одат мислите во таа насока, честопати кога ќе ме преплави грижа на совест, сфаќам со колкав товар живеам. Мојот карактер има две карактеристики што можеби уште повеќе ми ја влошуваат состојбата и често ме внесуваат во ситуации за кои се чувствувам виновна, а тоа се непосредноста и импулсивноста. Не можев да разберам ако сум свесна за проблемот и темелно ги размислувам случувањата, зашто да ми се поттикнуваат негативни чувства и немир. Лудилото ми одеше дотаму што и акти на грижа за себеси, успевав некако да ги свртам во измачување.
Еден ден мојот најмал син кој има седум години ми раскажуваше случка од игра пред зграда, во која некое дете бутнало друго дете при играње фудбал, и тоа со плачење го навредувалo и му кажувало лоши работи иако било несакајќи. Видно вознемирен тој ми го кажуваше неговото гледање на случката. „Двајцата се многу добри деца и најдобри другари си се, ама некогаш се случува кога си изнервиран да кажеш лоши работи, или да направиш нешто лошо, ама ако си добро дете тоа е ок, нема повеќе така да правиш. И на тој што му го правиш, ако си добар цело време, нема да ти се налути кога некогаш си лош“.
И реално можеби и нема подобро објаснување, и подобра утеха. Сите постојано правиме грешки, поголеми, помали. Грешки што се простуваат и грешки што не се простуваат. Не за џабе сите големи спортисти велат дека никој не ги брои поразите и што те довеле до освојување на некоја титула или медал. Можеби грижата на совест е инспиративно чувство ако имаш со себе расчистено која ти е примарната цел. Ако си фокусиран да станеш подобар човек, можеби не е важно од колку обиди ќе станеш.