На секои десет минути убиена е по една жена. Секој ден, 140 жени и девојчиња ширум светот ги губат своите животи од рацете на својот партнер или од член на своето семејство. Само во 2023 година, 85.000 жени и девојчиња биле намерно убиени.
Ова не се статистики без идентитет – тоа се жени и девојчиња кои го живеат својот живот, ќерки, сестри, мајки и пријателки; активни членки на нашите заедници чии напори ги изградија и беа дел од грижата за нашите општества.
На 25 ноември се одбележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и почетокот на 16-те дена активизам против родово базирано насилство. Овој датум е избран во спомен на сестрите Мирабал од Доминиканската Република, убиени поради нивниот отпор против тиранијата и неправдата. Нивната приказна, како и многу други, се симбол на храброста на жените кои се бореле за човекови права. 16-те дена активизам е повеќе од кампања – тоа е глобален повик да се почитува наследството на жените и да се издејствува решително против неискажливите акти на насилство, и да се осигура дека ниту една друга жена нема да се соочи со каков било вид на насилство.
Оваа година, 16-те дена активизам доаѓаат во клучен момент. Додека се приближуваме до 30-годишнината од Декларацијата од Пекинг и 25-годишнината од Резолуцијата 1325 за жени, мир и безбедност на Советот за безбедност на Обединетите нации, се потсетуваме на заложбите за слободен и безбеден свет преземени пред неколку децении. Овие документи се камен-темелник на историски договори кои имаат за цел постигнување на поголема родова еднаквост и зајакнување на жените во сите области на општеството.
Во 2024 година, оваа меѓународна комеморација го истакнува итното прашање околу фемицидот. Фемицидот е најсериозниот вид на родово базирано насилство, намерно убиство на жена или девојче врз основа на родова дискриминација. Родовите стереотипи, штетните општествени норми, родовата дискриминација и нееднаквите односи на моќ меѓу жените и мажите и понатаму предизвикуваат фемициди ширум светот.
Фемицидот е дел од циклусот на насилство врз жените и обично му претходат други видови на родово базирано насилство, кои треба да ги идентификуваме и да ги спречиме. Една од три жени – околу 736 милиони жени на глобално ниво – доживеала физичко или сексуално насилство. Девојките адолесцентки се соочуваат со особен ризик, при што речиси секоја четврта доживува насилство од интимен партнер до нивната 19-годишна возраст.
Во период од 12 месеци, само во Европа и Централна Азија, 24 милиони жени доживеале некаков вид на физичко или сексуално насилство извршено од нивниот партнер. Во Западен Балкан, Украина и Молдавија, 45% од жените доживеале сексуално вознемирување, вклучително и сексуално вознемирување на интернет. Во истите земји, 60% од жените кои биле во интимна врска доживеале физичко насилство од нивниот партнер. Во Турција, 15% од жените на возраст од 20-24 години стапнале во брак пред да наполнат 18 години.
Жените се соочуваат со поголем ризик од насилство за време на кризи, како војни и насилни конфликти или природни катастрофи, како што се соочуваат во овој регион. Честопати, сексуалното насилство се користи како воено оружје. Се проценува дека само во Украина, оваа година 2,5 милиони луѓе, претежно жени и девојчиња, имаат потреба од услуги и помош за родово базирано насилство.
Многу од тие што преживеале насилство остануваат без поддршка, а сторителите често остануваат неказнети. Неказнувањето може да доведе до недостаток на доверба во институциите и законот, како и до помало пријавување на родово базираното насилство.
Нема оправдување за насилството врз жените и девојчињата! Ова насилство не е неизбежно; може да се спречи. 16-те дена активизам исто така нѐ потсетуваат да инвестираме во превенцијата. Доказите покажуваат дека силните закони, кога се спроведуваат ефективно, можат да ја намалат стапката на насилство. Истанбулската конвенција останува клучна водечка рамка за земјите од овој регион; сепак, само законодавството не е доволно. Потребна ни е посилна имплементација за да обезбедиме соодветен пристап до услугите за преживеаните лица, ефективни мерки за заштита, репарација и неповторување. Потребна ни е нулта толеранција за каков било акт на насилство врз жените и девојчињата, и секој сторител мора да одговара. И многу важно, решавањето на основните причини или корените за насилството бара справување со структурните родови нееднаквости во сите сфери на животот на жените и девојчињата, во училница, на работното место, во креирањето политики, на улица и дома; со спротивставување на родовата дискриминација, штетните општествени норми и стереотипите кои ја овековечуваат нееднаквоста.
И бидејќи нема оправдување, оваа година, за зајакнување на превенцијата од родово базирано насилство, ние во UN Women Европа и Централна Азија, го слушаме гласот на жените и девојчињата преку кампањата #СлушниЈаНејзинатаПриказна. Со ставање итен фокус на спречувањето на било каква форма на насилство, вклучително и најтешката форма, фемицидот, UN Women ја нагласува моќта на раскажувањето приказни како витална стратегија за да се прекине тишината и да се поттикне разбирањето, со цел да се стави крај на секоја форма на насилство врз жените и девојчињата.
Треба да размислиме каков свет сакаме да оставиме како наше наследство за идните генерации. Оваа година, додека се приближуваме до Пекинг+30 и го обојуваме светот во портокалово, неопходно е да преземеме итен чекор за да се стави крај на фемицидот.
Ова е моментот да дејствуваме. Прекинувањето на циклусот на насилство не е само цел; тоа е ветување што не можеме да го прекршиме.