Родителството носи со себе многубројни предизвици, особено во првите месеци од животот на новороденчето. За многу родители овие моменти се исполнети со радост, но и со прашања, дилеми и тешкотии. За да дознаеме повеќе за важноста на доењето, како и за улогата на педијаторот, неонатолог во поддршка на родителите, во нашата редовна рубрика „Разговори со Роса“, разговараме со д-р. Марина Поп Лазарова. Д-р Поп Лазарова пренесува дел од своето долгогодишно искуство и посветеност на благосостојбата на најмалите и во Онлајн школата за родителство, серијал од видеа поддржани од Роса, чија цел е на новите родители да им понуди одговори на прашањата од прва рака, директно од стручњаците во различни области. Дел од тие прашања ги отвораме и во овој разговор.
Дали според вас, родителите се доволно едуцирани за новата улога? Колку информираноста на родителите е важна за свесно родителство?
Секако дека добрата и соодветна информираност на новите родители, уште во текот на бременоста е од голема важност.Свесноста на трудниците, идните мајки, дека се наоѓаат во “втора сосотојба”, доведува до водење поголема грижа за своето здравје ,вклучително, правилна и балансирана исхрана, усвојување на здрави навики, истовремено и редуцирање на штетните навики(алкохол,цигари,опојни супстанци), сè со цел, да се обезбеди уредна бременост и раѓање на здраво дете. Дали има поголем мотив од овој?Верувам,не!
Медицината постојано напредува, кои се најголемите промени што би ги издвоиле ако направите споредба меѓу денешните препораки и препораките пред 15-20години? Што е најмногу променето?
Според мене, прва и најголема промена, се случи во нашите породилишта со нивно преадаптирање и трансформирање во „Болници пријателки на бебињата” во средината на 90-тите години, кога всушност е имплементиран системот на сместување на мајките заедно со нивните новороденчиња континуирано. Да ве потсетам дека претходно децата се носеа кај мaјките, во заеднички колички и свиткани како „кифлички”, на строг интервал од три часа и со краток контакт за доење од 30-тина минути. Пракса која ќе се согласиме, воопшто не корелира со вистинските потребите ниту на децата ниту на мајките. Со сегашните протоколи,контактот на мајката и детето, контактот „кожа на кожа“, гушкање и доење, почнува веднаш по раѓањето или најрано кога е тоа можно, во зависност од здравствената сосотојба на индивидуалниот пар мајка/дете. Со тоа се овозможува,рано почнување на доењето, детето го добива првото млеко-колострум, кое истовремено му дава и имунитет, рана стимулација на хормоните за воспоставување добра млечност кај мајката, а истовремено има и позитивен психолошки ефект и на мајката и на детето. Стручната помош од медицинскиот персонал овозможува, покрај воспоставување на успешно доење, истовремено и едукација на новата мајка за правилната нега и грижа за нејзиното новородено дете, со што се подготвува за новата улога.
Кои се најчестите прашања кои ги добивате од новите родители?
Новите родители имаат многу прашања за нас, педијатрите кои работиме со новородените деца, покажуваат голема загриженост за секоја промена кај детето и бараат медицински објаснувања и совети. Се обидуваме да им дадеме стручна помош и емпатија, се разбира, бидејќи сочувствуваме со нивната грижа и одговорност, која ја чувствуваат за нивното новородено дете кое, често се шегувме, нема „упатство за употреба”. Разговараме,разрешуваме нивни дилеми, објаснуваме кои состојби и појави се нормални кај новородените деца, а кога би требало да побараат стручна помош. Родителите треба да знаат дека нема иста бременост, нема исто породување и нема исто дете, сè и секое дете е различно и уникатно и затоа треба да си дадат време за взаемно запознавање и адаптација.
Кои се клучните развојни пресвртници што ги следите во текот на првата година на бебето?
Кога ќе размислиме колку интензивен раст и развој имаат децата во текот на првата година од животот, станува јасно дека станува збор за неверојатна брза трансформација, во секој поглед, физички, психички, емоционален. Детето ја триплира својата тежина, растот во должина е интензивен,кон крајот на првата година почнува да стои со или без придржување, има мал фонд на зборови кои му служат за комуникација, интензивно покажува емоции, позитивни или негативни. Родителите би требало да сфатат дека нивните деца интензивно се менуваат, а со тоа се менуваат и нивните потреби ,навики и однесувања. Сите тие скокови во развој, родителите треба да ги следат и да се прилагодуваат на „новите”деца, за успешно да се адаптираат како родители. Затоа е неопходно редовно следење, редовни систематски прегледии и соодветна стручна помош, во која ние како педијатри, сме всушност партнери во грижата за здравјето на детето, заедно со родителите, сè со цел секое дете да го развие својот максимален капацитет во почетокотна животот, а тоа е токму првата година од животот!
Како ги решавате вообичаените митови или заблуди што родителите може да ги имаат за водата и доењето, во тек на првата година?
Генерално, ставот да не се дава вода дополнително на доени деца, има свое медицинско објаснување. Имено, мајчиното млеко содржи околу 90%вода, па детето кое е жедно, своите потреби ги задоволува со поинтензивно цицање. Тогаш кога ќе се почне со дополнителна комплементарна храна, а тоа е околу 5-6-от месец, препорачуваме детето да се нуди со вода после секој оброк од цврста храна. Количината зависи од потребите на секое дете поединечно, а родителите треба само да им понудат неколку пати во текот на5 денот.
Какви совети им давате на родителите да поддржат здрав,физички, когнитивен и емоционален развој во првата година од животот,особено активности како игра, социјална интеракција и секако исхрана?
Доење и мајчино млеко, здрава балансирана исхрана, редовна имунизација, физичка активност и престој надвор на чист воздух, добар и доволен сон, сè заедно, влијае на здравјето на детето и обезбедува правилен раст и развој на секое дете.На децата им требаат родителите, а секако и поширокото семејство за социјална, интерактивна стимулација и социјализација. Сите заедно секој на свој начин, учествуваат во растењето, развојот и воспитувањето на детето, вклучително и усвојување на здрави хигиенски и нутритивни навики. Стручните препораки, разрешување на одредени дилеми секакосè дел од нашата комуникација со родителите бидејќи,ние како педијатри континуирано го следиме секое дете поединечно и ги знаеме сите негови специфичности што секогаш треба да се земат во предвид.
Која е вашата препорака за мајките кои дојат во однос на нивните потреби за хидратација и како може тоа да влијае на производството на млеко?
Несомнено е докажано дека мајките кои дојат имаат поголеми потреби за внес на течности и често чувствуваат жед, што е особено потенцирано во периодот додека им трае подојот. Напоменавме дека скоро 90% од мајчиното млеко е течен дел и јасно е зашто на мајките доилки им препорачуваме да внесуваат поголеми количини на вода, бидејќи на тој начин обезбедуваат и подобра млечност. Честото доење, добрата психо-физичка кондиција на мајката, одмор и добар сон, квалитетна, балансирана исхрана и доволен внес на течности, се важни предуслови за добра млечност кај мајките кои дојат.