Колку и да мислиме дека сме напредни генерации, растени во добата на технологијата, без предрасуди и осуда, постојат низа особено женски прашања што се прескокнуваат или за нив се зборува во ракавици, без детали, често се зборува медицински и се прескокнува најважната работа во ваквите ситуации. Срцата на жените, на илјадниците жени кои се борат за плодност, се борат да станат мајки, преполни од болка, очај, бес и тага, но и полни со љубов, надеж, верба. За нив многу ретко се зборува јавно, а секој збор од такво срце на воин може да донесе среќа, да поттикне желба во некој друг дом и да се родат уште многу убави семејни приказни. Затоа ни е неизмерно мило што имавме можност да ја слушнеме приказната на една храбра жена, Софија Басмаџиева Жежељ, приказна за неизмерната љубов и почит кон нејзиниот сопруг Константин и нивната заедничка борба за потомство, што завршила на најубав начин со раѓањето на нивниот син Филип. Нивната борба е доказ дека секоја верба, секоја упорност секогаш на крајот ќе донесе резултати, а нивната љубов е инспирација за секој од нас.
Софија, најнапред ви благодарам што решивте со нас да споделите олку интимна приказна, особено што станува збор за чест проблем, за кој се избегнува да се зборува транспарентно. Кога првпат сфативте дека можеби нема толку лесно да забремените?
Кога се земавме со сопругот, а и пред тоа, немавме притисок плански да правиме бебе, туку опуштено си уживавме во љубовта и не се оптоварувавме со тоа. По приближно две години, не знам дали наметнато од средината, зашто буквално сите ме прашуваа кога, што чекате, или самата почнав да се прашувам дали можеби е време да направиме лекарски прегледи, зашто не останував бремена. Ги направивме буквално сите испитувања што ни ги побараа лекарите и добивме одговор дека физичкото здравје на двајцата е сосема во ред, односно имавме медицински доказ дека сме физиолошки способни да имаме дете. Потоа почнав со инсеминации, за да се потпомогне процесот на забременување. Првата инсеминација ја направив со блага терапија и не беше успешна. Кога добив и сфатив дека не сум бремена, процесот сè уште не ми изгледаше страшен и знаев дека по три месеци повторно ќе имаме можност да пробаме со втора инсеминација. Одев редовно на сите тестови на хормони, секој хормон се проверува во определен ден и потребно е поради нивна регулација да има поминато три месеци помеѓу инсеминациите. И втората и третата инсеминација беа неуспешни, знаевме дека следен чекор е постапката ин витро и сите надежи ни беа насочени кон тоа. Во меѓувреме, јас веќе станав експерт, постојано читав стручна литература, туѓи искуства, интервјуа со успешни лекари во таа област, препораки на клиники. Сè тоа почна да ми прави стрес и притисок, но се обидував да останам позитивна.
Чудо на природата, помош од науката, највисок доказ на човечноста… Како одблизу изгледа постапката ин витро во нашата земја? По целата агонија што пред тоа ја поминавме со административниот дел, милион документи, одобрување од медицинскиот совет, првпат кога го добивме ваучерот од државата, бевме пресреќни и ни изгледаше дека работата е речиси завршена. Првото ин витро на почетокот беше успешно, направив позитивен тест за бременост и на лекар беше забележана срцева активност. Ми изгледаше многу лесно и бев возбудена. Но, веќе на вториот преглед за некоја недела го доживеавме првиот шок, односно плодот беше мртов. Ми направија киретажа, веднаш го испитаа плодот и добивме одговор дека станува збор за природна селекција, односно плодот беше генетски во ред, без никакви малформации. Нормално дека не ни беше сеедно, но не сакав да запаѓам во депресија и веднаш почнавме со административниот дел за следното ин витро. Подготовките за секое ин витро се многу стресни и одземаат многу време и енергија, се прави повторно спермограм, хормонска терапија, 3Д-снимка од матката, сите документи мора да ти се подготвени за увид, но од друга страна имаш фокус и помага да не запаѓаш во лоши мисли и фрустрации. Второто ин витро го изведовме на истата клиника, со тоа што овој пат беше целосно неуспешно и ниедна јајце-клетка не се оплоди. Постојат три или четири тераписки терка по кои се изведува постапката ин витро. Едниот е со многу тешка хормонска терапија, со околу 50 инјекции, другата е со околу десет инјекции, а другите се варијациите помеѓу. Според здравствената состојба на партнерите, лекарите го одредуваат видот на терапија што ќе се применува. Во нашиот случај првиот пат беше применета послаба терапија, вториот пат проба со многу потешка, но во двата случаи фоликулите беа малку на број. Тогаш ни предложија да направиме уште едно дополнително испитување, со кое би ги провериле резервите на јајце-клетките што ги поседувам. По резултатите од испитувањето го доживеав вториот шок, имав 38 години тогаш, а фоликулите ми покажаа дека ми се во состојба да одговараат на 42- до 46-годишна жена. Еден од лекарите многу описно ја опиша мојата состојба со реченицата „Возиш на црвено!“ Новите сознанија ми направија дополнителен стрес и навистина се чувствував многу лошо. Свесна бев дека ризикот е зголемен и дека фоликулите што ќе ги извадат, при следната постапка на ин витро, постои голема можност да се празни. По три месеци повторно со надеж и позитивна мисла го почнавме третото ин витро, но за жал и тоа беше неуспешно.
Патот што го одат илјадници жени, борбата и желбата за дете е полн со болки, фрустрации, жртвување и тага. Како вие се боревте со сето ова? Кон целата наша ситуација од почетокот имав многу отворен пристап. Буквално сите луѓе што ги познавам ги прашував дали имаат некој што е во слична ситуација, да размениме искуства и да поразговараме. Благодарение на тој мој пристап дознав еден куп други информации, од различен вид, за лекари, за клиники, за надрилекари. Мене ми беше многу полесно кога разговарам за проблемот и верував дека само можеш да си помогнеш ако го споделиш својот проблем или своето искуство со друг. Луѓето што не ми се блиски, многу ретко прашуваа, обично беа внимателни, но кога ќе почувствував потреба сама кажував. Ме мачеше мислата постојано што ние немавме некој сериозен здравствен проблем, си велев, барем да постоеше проблем, ќе знаевме дали се решава или не и ќе баравме решенија во согласност со тоа. Вака, секаде ни велеа немате проблем, ќе биде, а реалноста ни беше сосема поинаква. Поминуваа месеци, година, три, четири и ништо не се случуваше. Од примерите од околината гледав дека кога постои конкретен проблем што не е решлив, луѓето се помируваа со тоа или не се помируваа и бараа солуции, но продолжуваа со животот. Таа „непозната“ на некој начин ни даваше надеж, но од друга страна си викавме може вака да биде засекогаш. Психичката состојба постојано ми варираше и имаше моменти кога навистина сакав да се откажеме. Иако сум непоправлив оптимист, по секој неуспешен циклус си велев – доста е. Но, веднаш потоа добивав некоја сила и си велев, ова е завршено, одиме со нова надеж пак од почеток. Од една страна, зборував транспарентно и отворено со сите за проблемот, а од друга страна никогаш не можеше да се забележи по мене по колку тежок пат одам, пат што го одат многу парови. Во сите тие години, никогаш не се затворив дома, никогаш не ми се случи да почувствувам љубомора на некои другарки, пријателки, роднини што забремениле или родиле, иако од хормонските терапии читав дека многу често некои жени се чувствуваат така. И јас и мојот сопруг заедно си го теравме животот како ништо да не се случува, одмори, излегувања, дружење, сè најнормално си имаше тек, а сè околу процедурата си теравме како обврска, месецов треба да почнеме со ова, да испитаме тоа… По неуспешните постапки и неколку разговори со пријатели решивме да ја смениме клиниката и да пробаме во друга, за која ни велеа дека процентуално има најголем број успешно завршени процедури на ин витро. Иако во еден мој разговор со стручни лица од Фондот за здравство дознав дека апсолутно во сите клиники во нашата земја процентите се тие, не постои клиника што отскокнува, сепак кога ќе слушнеш нешто што ти одговара веруваш и се надеваш. Мојот сопруг направи дополнителни испитувања што ни ги побараа и повторно сè беше во ред, но за жал и во оваа клиника повторно постапката беше неуспешна.
Сигурно и вашиот сопруг водел свои сопствени битки, чувствувал бес и немоќ. Колкава е улогата на партнерот во целата борба за плодност?
Мислам дека и читателите кои немале средба со некој што поминувал низ оваа борба знаат колку е важно жените да не поминуваат само низ целава процедура и да имаат безрезервна поддршка од партнерот. Многу е важно да се смени целиот балкански менталитет и свеста за оваа постапка да престане целиот товар да се става врз жената и да се доживува веднаш дека тоа е нејзина обврска. Во минатото жените поминувале различни испитувања и прегледи, па на крајот се барало од мажот да направи спермограм, како чувствително прашање да не се доведува во прашање неговата „машкост“. За моја голема среќа, со мојот сопруг сум заедно во целава приказна, рамноправно уште од првиот ден. Единствено со помош на неговата љубов и разбирање можев да продолжам понатаму по секој неуспех.
Велат дека за секое чудо потребно е време. Како се случи вашето, беше ли најтемно пред да се раздени?
По последното неуспешно ин витро, откако ги искористивме сите три, што државата ги нуди како опција, решивме дека ќе правиме пауза, ќе одиме на убав одмор, а потоа ќе се договориме што ќе правиме понатаму. Опциите ни беа да подигнеме кредит за следната постапка, да се обидуваме сами, да размислиме дали сме психички подготвени за да поминеме низ истото и сл. Но, најнапред сакавме да се одмориме и да се растовариме, најмногу што можевме. Заминавме на семеен одмор во Хрватска и мојот сопруг во еден разговор ми рече дека тој мисли оти ќе останам бремена кога ќе прифатам кај мене во главата, дека можеби никогаш нема да имаме деца. На прва рака звучи сурово, но се согласив со него и му реков дека најважно е што сме заедно, дека се сакаме, почитуваме и дека тоа ми е најважно. Не се оптоварував, но потсвесно внимавав плодни, неплодни денови и слично. Кога се вративме во Скопје ме дочека позитивен шок, останав бремена по природен пат. Бев исплашена многу и за кратко се покажа со право сме се плашеле, околу осмата недела повторно прекина срцевата акција. Повторно правев киретажа, но овој пат, иако звучи чудно, јас и мојот сопруг излеговме со позитивна мисла, дека ако се случи еднаш, повторно ќе останам бремена. Сите околу нас ме расположуваа со примери, дека многу жени веднаш по неуспешните ин витра останале бремени или откако ќе решат да посвојат дете. Тие позитивни приказни, иако ти даваат надеж, има моменти кога си викаш „аман со истите муабети, не се случува кај сите да имаат среќа“. По три месеци повторно останав бремена и овој пат некако бев сигурна дека тоа е тоа.
Лошото искуство сигурно ви донело многу стравови и лоши мисли во текот на бременоста. На кој начин пробувавте да го зачувате својот мир и да останете фокусирана докрај?
По сите стресови многу ми беше тешко да се израдувам, нашата приказна не беше како оние идеалните од филм, маж и жена гушнати со позитивен тест и следна сцена преубаво бебенце. Знаев дека ќе имаме уште многу пречки и тешки моменти, но некако цело време потсвесно знаев дека ќе успееме. Веднаш почнав со терапија за задржување на бременоста, мојот сопруг ме боцкаше по двапати на ден со хормонски инјекции. Еднаш, кога беше спречен да дојде дома поради работни обврски и морав сама да си ставам инјекција во стомак, ми беше малку емотивно, но потоа сосема се навикнав и сама да се боцкам. Секој ден, секој час, секој преглед ми беше многу страв, постојано живеев во стрес повторно да не го изгубам бебето. Се будев препотена, преку ден рацете ми се потеа, чекав да помина најнапред таа осма недела, па потоа и до крај го имав истото чувство. Целата бременост имав компликации и чинот на породување беше многу комплициран, но верувајте ми дека сè се заборава. Човекот има свој одбранбен механизам и добро е тоа што е така, зашто единствено важно ми е што ние го добивме нашиот син.
Сите стресови, болки и борби оставаат трага во срцето на човекот. Размислувате ли сега низ сè што поминавте, би издвоиле ли некои чувства што преовладувале тогаш, но и сега кога размислувате за целиот пат?
Од овој аспект кога размислувам, позитивната мисла низ целиот процес е клучна. Се сметам себеси за оптимист и позитивец, но веројатно длабоко во себе си правев дополнителен стрес. Се оптоварував како ќе издржиме финансиски, зашто реално огромни финансиски средства се трошат во текот на целата постапка, па како ќе биде со бебе, како ќе се снајдеме. Имав различни кочници што дополнително ги засилуваа моите стравови. Сега, кога разговарам на оваа тема ми е сосема неверојатно што се сме поминале, постојано се чувствувам како за друга жена да раскажувам. Сите документи што ги имавме дома, стотици, од сите испитувања, еден ден, по совет на сопругот, земав и ги фрлив. Буквално сè расчистив и се ослободив од стариот товар и сега имам папка со извод од матична книга на родени на мојот син, сертификат за родено бебе и тоа е тоа, веќе ништо не ми треба. Кога го слушнав првпат неговиот плач, тотално бев релаксирана, немав никаков страв, почнав да плачам неконтролирано од среќа. Ми го донесоа да се допреме лице со лице и буквално ништо веќе што поминавме не беше важно. Моментите кога ќе дознаев дека е неуспешна постапката или ќе добиев или ќе направев тест или ќе направав тест, па нема да му верувам и ќе одам да проверам преку крвна слика, тие моменти ми беа вистинска агонија. Но, за среќа, секогаш ми траеле неколку денови и веднаш почнував со нов бран оптимизам, одиме од почеток, нема мислење на работите што поминале. Освен по последното неуспешно ин витро кога ни требаше навистина поголем одмор и првпат решивме да не размислуваме на ништо определен период. Да си дадеме време, да видиме како ќе се чувствуваме за неколку месеци, па да видиме што ќе правиме тогаш. И сега, кога зборувам за многу работи што сме ги поминале, се вознемирувам и сфаќам колку е неверојатно што се ни се случувало. Има моменти во кои и јас се чудам каде сме наоѓале сила, мотив и желба да продолжиме.
За крај би сакала да го изразам мојот восхит кон вас и секако кон вашиот сопруг, затоа што сметам дека вашата приказна е многу инспиративна, реална и топла. Велите дека секој збор значи во ваква ситуација, па што би им порачале вие на жените што го одат вашиот пат? Секако, најважно е поддршката од партнерот. Премногу би било тешко една жена сама да го истера ова докрај, ако нема апсолутна поддршка прво од партнерот, па и од најблиското семејство. Сожалување никому не му е потребно, помош да, најчесто е најмногу потребна во разговори, дијалози и сл. По првото неуспешно ин витро, за да се натераш уште еднаш да го истераш целиот процес, да бидеш подготвен дека можеби повторно ќе биде неуспешно и пак ви следува пораз, единствено е можно со огромна поддршка. Во тие моменти ти треба тој да ти рече, да, ќе го тераме уште еднаш и уште еднаш и ќе го тераме додека двајцата не одлучиме дека е доста. Исто така, во мојот случај многу важно беше што разговарав отворено буквално секогаш кога имав желба и можност. Јас имам многу луѓе што сум ги запознала во текот на процесов, што ми станале блиски и навистина ми помогнале. Без разлика дали со совет или ме запознавале со нивни пријателки со слично искуство, препораки за лекари и сл. Можеби личат на ситници, но мене тогаш, во тие моменти, ми се гледаа како клучни, за мене, за да продолжам понатаму. Сам со себе оваа борба не се води, колку и да сте сложни со партнерот, потребен ти е човек од околината да ти каже дека ќе биде добро, да те охрабри кога треба да почнеш од почеток. И затоа денес од срце помагам кога ќе ме контактираат непознати луѓе што ме пронаоѓаат преку пријатели, со сè што знам и умеам. Ја сум имала среќа да имам со кого да разговарам, семејство, роднини, пријатели, но го немаат сите тој луксуз. Секоја жена во овој процес треба да си помогне на секој начин што знае и умее, отворено да бара помош и да се држи до работите што ја храбрат и влеваат надеж. Никогаш не можеш да знаеш што ќе ти помогне, сите случаи се многу индивидуални можеби нешто што ќе го дознам како обична информација, во мојот случај ќе биде клучно. Затоа, најважно е да се зборува и секако постојано да се држат до позитивната мисла.