Со Катерина Станишлевиќ, или Катериња, неколкупати сме зборувале и сме ја претставувале како артистка со голема креативна енергија и музички проекти што веднаш се препознаени по автентичниот звук. Без разлика дали станува збор за песните или спотовите, Катериња е посветена и внимава на секој детаљ, а тоа поттикнува и инспирира, но и резултира со вистински музички уметнички дела. Овој пат ја прашавме за најновите соработки, дуото со Кенијката, Малаика Енџери, но и за почетоците во Македонија и инспирациите во нејзиниот живот.
Музиката е често опуштање самата по себе, но идеите најчесто ми доаѓаат кога прокрастинирам.
Вашата музика доловува еден специфичен правец, спојот на повеќе музички стилови како џез, латино и аренби/соул, а досегашните спотови изобилуваа со автентичност и естетика, правејќи го едно музичко дело целосно. Но, како почнавте со музика, како изгледаа првите песни, првите звуци, што ве влече и ве инспирира низ процесот?
Благодарам на убавите зборови! Со музика почнав да се занимавам како и најголемиот дел од музичарите – уште во детството. Не растев во уметничка околина, но моите секогаш ги поддржуваа сите мои љубопитства. Така, на 12 години ја имав првата гитара и искрено мислам дека се научив да свирам поради тоа што немавме телевизор и интернет во домот. Само што се бевме преселиле од Охрид во Струмица и моите немаа многу финансиски можности. Исто така, во новиот град немав пријатели, па времето го поминував учејќи акорди и текстови. Кога тргнав во средно училиште, почнав да одам на хор и оркестар и набргу запознав други деца со коишто основавме бенд, каде што свиревме рок- и поп-преработки од странски и од регионални хитови. Во тоа време имав 16-17 години и бев едно од многу ретките, а можеби и единствено девојче кое свири бас и пее во источна Македонија. По некое време почнав да студирам во Скопје и не продолжив со музиката, бидејќи не се осмелив. Условите кај нас и моето опкружување не ме мотивираа многу и не можев да видам некоја иднина за мене како професионален музичар. По преселувањето во Берлин во 2013 година се сменија и се открија многу нешта на личен план, меѓу кои и фактот дека морам да работам со музика во мојот живот, на кој било начин. Па, така, почна и моето музичко сознавање што резултираше во работа со продукција на концерти, фестивали, музички видеа и диџеј-настапи, како и во создавање на сопствена музика. Досегашните песни се претежно инспирирани од првиот пат кога се вљубив, а некои од претстојните песни се инспирирани од силните жени во моето семејство и од моето опкружување. Инструменталниот дел од музиката има основа на џез, поп, соул, боса нова и хип-хоп, во мешавина со финеси од аренби и западноафрикански стилови на перкусија. Сето тоа се звуци што ги слушам и носам со себе. Благодарение на прекрасните музичари со коишто работам, успевам да ги снимам и да ги свирам во живо.
Што доаѓа по фантастичните „Trippin“, „Not your friend“, „So good at being in trouble“, „My bed“…? Основавте и диџеј-дуо со Малаика Енџери? Ќе ни кажете ли нешто повеќе за дуото, како се случи, каков фузија претставува?
Досегашните музички изданија беа создадени пред и за време на пандемијата и како и кај сите нас на глобално ниво, таа си остави свој белег врз мојата работа, на неколку начини. Прво, по продукцијата на спотовите за „Trippin“ и „My Bed“ добив многубројни понуди за работа и соработка како филмски продуцент и тоа резултираше во 14 музички спотови што ги продуцирав во една година, од коишто осум исто така и ги режирав. Првично се нафатив да бидам продуцент, бидејќи немав средства да платам некои за моите спотови, без да знам дека имам страст кон филмската работа и тоа го дознав по оваа таканаречена „принудност“. Моите спотови ги финансирав сосем сама, така што ми требаше време да соберам средства за понатамошните изданија, а тоа време резултираше во едно ново творештво. Втор голем ефект од пандемијата беше тоа што кога се овозможи пак да има клупски настани, како и сите други луѓе, бев во транс по ослободувањето од долготрајната лишеност од клупска журка, ха-ха. Тоа резултираше во сè повеќе и повеќе диџеј-настапи и радиомиксови, што го зацврстија мојот идентитет и изразување како диџеј. Имав шанса да настапувам како диџеј на неколку реномирани интернационални платформи како „Космо радио“ од Германија, „Ворлдвајд ФМ“ од Лондон и „Икс-џез Берлин“. Најновиот проект што произлезе од тоа е диџеј-дуото со Малаика Енџери, ново име на берлинската афрохаус сцена. Покрај тоа што таа е родена и израсната во Кенија, зборуваме многу сличен музички јазик и делиме многу разновидна музичка колекција.
На што најмногу внимавате при правењето на спотовите за кои е видливо дека се работени со голема посветеност? Кој спот досега ви беше најголем предизвик за снимање?
Како продуцент морам да внимавам апсолутно на сè! 🙂 Но, кога би морала да истакнам нешто, тоа е севкупниот квалитет, естетски и технички. И деталите. Важно ми е режисерите да имаат слобода и добри услови и секој член од тимот да верува во тоа што го прави. Секој спот носи различни предизвици, кај „Trippin“, на пример, предизвикот беше да патуваме низ пет земји со различни граници, валути, јазик, култура… Моравме да снимаме на изгрејсонце и зајдисонце, така што неколкупати снимавме рано наутро, поминувавме една или две граници, па снимавме пак во друга земја на зајдисонце. Бевме мал тим и немавме многу опрема, но ова снимање беше најверојатно најлудото нешто што сум го направила досега. Кај „My bed“ имавме сет со 40 луѓе, среде пандемија и со минимален буџет. Тука морав да внимавам на хигиенските протоколи, водење евиденција за тестирање, а исто така имав и тим од стилисти, сет дизајнери, шминкери, фотографи и еден куп опрема за камера и светло, како и сценографија од ранг на мал (но, многу амбициозен) театар.
Летово настапувавте во „Амок радио“ и во состав на off-програмата на фестивалот „Манаки“ во Битола. Како се случија овие настапи, какво искуство ви донесоа, како сте задоволна од публиката?
Настапот во „Амок радио“ беше вториот заеднички настап за Katerinha+Njeri (нашето диџеј-дуо) и дефинитивно едно од најубавите искуства ова лето. И искуството што ни докажа дека сакаме и мораме да го продолжиме овој проект. Спонтано се случи, дојдовме со друштво од Берлин за Прајд парадата во Скопје и кога веќе бевме таму се слушнав со Бојан Јанев (основачот на „Амок радио“ и млада легенда на диџеј- и радио-сцената кај нас), отидовме во радиото и снимивме сет во кој уживавме максимално, се гледа и по видеото што може да се види на „Јутјуб“. 🙂 На off-програмата на „Манаки“ во Битола настапивме на покана на мојот драг пријател Александар Гроздановски (Herzel), со кој се дружиме и соработуваме веќе девет години. Ако има некој што би го издвоила како најпосветен автор и промотор од македонската електронска сцена, тоа е без двоумење Herzel, а верувам дека многумина го делат моето мислење. 🙂
Како е да се биде музичар и артист во Берлин, градот што дава непресушна инспирација и поттикнува креативност за сите артисти?
Инспирацијата и можностите се дефинитивно непресушни, градов има некаков си автопоетичен систем на креативно обновување. Многу од светски познатите жанрови и трендови се раѓаат и еволуираат тука, така што Берлин е навистина сопствена креативна планета. Исто така, тоа носи и големи предизвици и, секако, конкуренција во комерцијален аспект, но креативната почва е мошне плодна во секое време. 🙂 Уметниците низ целиот свет „страдаат“ како работници од едно нерелевантно економско поле, тоа и тука е така, а сепак има голема поддршка и можности од страна на културни фондови што се особено достапни за повеќето професионални уметници. Исто така, има и специјално здравствено осигурување за уметници, со услови соодветни на начинот на работа и фактурирање на уметниците. Од креативна гледна точка, инспирацијата и можноста за соработка е мошне изобилна тука, но морам да признам дека со сите настани и понуди за општо уживање, многу е лесно да се изгуби фокусот или да се следи некој моментален хајп, што често води до губење во берлинските хедонистички и уметнички води. 🙂
Дел сте и од берлинското радио „Рефјуџи ворлдвајд“, со ваша емисија. За што станува збор, каков е концептот на емисијата и што претставува ова радио за берлинската сцена?
Како Katerinha+Njeri неодамна почнавме со наша емисија на берлинското и интернационално радио „Рефјуџи ворлдвајд“, прекрасна иницијатива што за многу брзо време стана интернационална платформа за музика и разни социјални теми, со фокус на маргинализирани групи. Нашата емисија се вика „Клуб колаж“ (Club Collage) и се занимава со музика од буквално целиот свет, еден колаж од различни стилови во кој понекогаш мешаме бајки од Кенија, шлагери од Македонија, ремикси на перкусии од Раџастан, класичен хаус од Детроит и многу други несекојдневни звучни комбинации. 🙂
Како изгледа вашиот процес на креирање и создавање музика, а како, пак, од друга страна, се опуштате? Дали некогаш сте биле во креативен блок?
Музиката е често опуштање самата по себе, но во мојот случај морам да признам дека идеите најчесто ми доаѓаат кога прокрастинирам. Кога треба да правам нешто што не ми се прави во моментот, музиката ми е често излез од моменталната ситуација и утеха дека сепак правам нешто продуктивно за мојот дух. Кога сум во креативен блок, најчесто почнувам нова музичка тема или со друг креативен проект. Резултатот е милион незавршени проекти, но ме теши тоа што сите уметници кои ги знам го имаат истиот „проблем“. 🙂