Кореографката Адријана Данчевска ја освои првата награда и наградата од публика за кореографијата „Go Figure it out“, во која таа настапи заедно со современиот танчер Дејан Битровски на 26. издание на Фестивалот за кореографски минијатури, што се одржа вчера во Белград.
Фестивалот на кореографски минијатури, како што информира „Скопје танцов театар“, се одржа 26-ти пат во организација на Здружението на балетските уметници на Србија. Тој има натпреварувачки карактер и прави селекција на млади кореографи од целиот регион и пошироко. Во годинешното издание, покрај нашите, се натпреваруваат и кореографи од Србија, Словенија, Костарика и САД.
„Драго ни е што учествувавме на овој фестивал и сакаме да се заблагодариме на организаторите, како и на стручното жири што ни ја доделија првата награда и наградата од публика за најдобра кореографија. Ни претставува голема чест што првпат се претставуваме на српската сцена, како независни уметници. Целиме кон развивање на современата танцова сцена на повеќе полиња и вмрежување на современите танцови уметници од регионот“, изјавија Данчевска и Битровски по добивањето на наградата.
Од „Скопје танцов театар“ потсетуваат дека покрај уметничката активност како танчерка и кореографка, Данчевска е доцент на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а Битровски е асистент на истата катедра.
„Заедно со Анастасија Данчевска, која работи како асистент, тие го сочинуваат младото јадро на оваа единствена по својот вид, едукативна програма на универзитетско ниво кај нас“, се вели во соопштението.