Катерина Галиќ, сертифициран инструктор за дохрана на новороденчиња по BLW-метод
Мали бебиња кои самостојно држат и јадат крупни парчиња храна во последно време е многу честа глетка на социјалните мрежи. Хранењето по BLW-метод кај нас е релативно нова практика, па затоа поразговаравме со Катарина Галиќ попозната како @majkatakata на Инстаграм, сертифициран инструктор за дохрана на новороденчиња.
BLW начинот на исхрана сè почесто се практикува кај нас и многу родители се охрабрени да го применуваат. Што точно претставува ваквиот метод на хранење?
BLW ги охрабрува бебињата и ја почитува нивната независност, следејќи ги знаците што ги даваат. Почетокот на дохрана почнува кога бебето е подготвено за тоа, му се дозволува на бебето да ги следи сопствените инстинкти, да ги копира родителите, браќата, сестрите, и да ги развие вештините во една забавна, природна атмосфера. Ако им се дозволи, бебињата ќе им покажат на нивните родители дека се многу повеќе способни, со земање парче храна од чиничето и ставање во уста. Тие уживаат во хранењето, имаат поголема самоконтрола што и колку внесуваат, истражуваат, експериментираат, учат за храната, како изгледа, што каков вкус има, учат како таа храна се совладува, учат за нивниот свет. Со овој метод на исхрана ја вежбаат самодовербата, независноста, им веруваат на своите родители и се дел од семејните оброци, на кој им се дава шанса да пробаат вистинска храна.
Методот Baby Led Weaning не е нешто ново, ваквиот начин на дохрана се применува години наназад во семејства кои увиделе дека нивните бебиња одбираат храна како онаа на целото семејство, одбиваат да бидат хранети и не отвораат уста на приложена лажица. Односно, сами се хранат од моментот кога ќе ги исполнат критериумите и се во таа развојна фаза и тие се водичи во хранењето.
На вашиот профил секојдневно објавувате корисни информации и совети за сите најчесто поставувани прашања за BLW. Кои се најголемите предрасуди и стравови што ги имаат родителите за ваквиот вид хранење?
Најчесто, родителите го тргаат овој метод настрана од стравот од задушување кај бебињата. Но, има две многу свежи студии во кои се презентира дека бебињата кои се хранат сами, не се во поголем ризик од задушување од оние што се хранети со лажичка. Бебињата имаат природен рефлекс на исфрлање на храната што не можат да ја совладаат подалеку од душникот и тоа го прават многу вешто. Треба да се внимава на начинот на којшто е послужена храната, бебето да ги исполнува критериумите за да може да се храни само, да се јаде во пријатна и мирна атмосфера без одвлекување на вниманието. Се почнува со храна што ја јаде семејството, модифицирана за возраста. Има правила и начини на сечење, што се дава во оригинална форма, што се дава модифицирано и што никако не се дава до четири-петгодишна возраст. Родителите мораат да бидат добро информирани за постапките на готвење и што никако не смее да се дава на мали бебиња/деца. Никако не се дава цврста храна, се дава храна што е зготвена или многу мека свежа храна, која не ја готвиме и кога ја пасираме и блендираме.
Сите што се во можност треба да се едуцираат за прва помош кај деца, со што не се става акцент само на овој метод на исхрана туку тоа треба да биде битен дел од надградувањето кај секој родител. За жал, децата во светот се задушуваат од многу работи, многу од нив не се поврзани со храната.
Таблетите и мобилните телефони, за жал, се најчесто користени уреди, за да се олесни хранењето на детето. Кои се негативните аспекти на ваквиот вид на одвлекувања на вниманието?
Многу од нас се нашле во ситуација кога, за да биде изеден некој оброк, се инволвира помагало, како играчка, ТВ, мобилен, ајпад и друго. Но, ова не треба да биде дел од секојдневието, а има и зошто.
Со понуденото одвлекување на вниманието, децата ги учиме дека оброкот е нешто што треба да заврши веднаш, да го баталиме побргу. Ова изгледа како совршена можност на почетокот, но подоцна ќе се развие во многу поголем проблем, со низа последици, како несвесно јадење, праќање на погрешни сигнали од мозокот до телото, а тоа најчесто резултира со никакви сигнали за тоа колку е изедено, придружено со лоша слика за храната, лоша навика, намален метаболизам (погрешно согорување), никакво задоволство и поврзување со тоа што е во чинијата и, на крајот, лоша социјализација со семејството. Заедничките семејни оброци треба да се потрудиме да бидат релаксирани, да се ужива во тие ретки моменти, без понудени дополнителни одвлекувања на вниманието само за да биде изеден некој оброк.
На прва рака, целиот хаос што настанува кога детето се храни по BLW-методот изгледа одбивно за многу родители. Што точно е предност на јадењето со раце и можноста детето да истражува форми, бои, вкусови?
Има многу придобивки од валкано лице и тело при јадење. Знам дека родителите се вџасуваат од глетката, но она што се случува во заднината е многу побитно од издамкана облека или размачкано лице. И не трае засекогаш. Најпрвин, константно бришење и борба доколку бебето сака да ви ја земе лажичката додека трае оброкот воопшто не го прави искуството со храна позитивно, а треба да биде. Со тоа што на бебињата им е дозволено да допираат храна, учат за нови текстури, за тоа каква може да биде храната, лигава, леплива, млака, ладна, учат дека можат да се хранат сами само со нивните раце, учат да ја носат лажицата до уста, може и да згрешат некогаш, можеби ќе ја шмукаат другата страна од лажичката, но тоа е сè во ред. Учат за можностите што ги има во нивната уста, што може да прави јазикот, каде се става храната, што се гризе, што се џвака, што се шмука. Стимулацијата што ја добиваат од самохранење е многу моќна и многу битна за развојот, можеби една од најдобрите сензорни „игри“. Игра во наводници, затоа што бебињата никогаш не си играат со храна, секогаш учат, затоа што овој процес му праќа многу битни сигнали и го стимулира мозокот на позитивен начин.
Со достапноста на рецепти многу се олеснува изборот за комбинирање продукти за приготвување на детски оброци. Кои продукти треба да се застапени во секојдневната исхрана на децата?
Доколку е возможно, тоа да биде храна што е богата со железо, висококалорична храна и зеленчук или овошје.
Кои чекори треба да ги преземат родителите кои планираат нивното дете да се храни со BLW, пред да почнат со применување?
Мојата најтопла препорака е добро да се информираат што претставува овој метод, зошто родителите го избираат и применуваат, кои се позитивните страни од неговата примена и која е смислата зад сето ова. Придобивките се огромни, но секако дека не е за секое семејство и тоа е сосема во ред.
Најбитно во врска со дохраната кај малите бебиња и деца е следењето на нивните сигнали, ако ги почитуваме и ги следиме нивните сигнали за глад и ситост, ќе има многу позитивни резултати и став кон храната од нивна страна.