Катерина Ангеловска е една од ретките жени во Македoнија која е советник за личен и духовен развој, учител по британската програма Mindfulness Now, реики мастер енергетски терапевт, минатата година говорничка на TEDx Pella Square, автор на книгата „333 афирмации“ и коавтор на бестселер книгата во Македонија „Будење на свеста“, со своја програма за личен и духовен развој.
Вие сте една од ретките жени во Македoнија која е советник за личен и духовен развој, учител по британската програма Mindfulness Now, реики мастер енергетски терапевт, минатата година говорничка на TEDx Pella Square, автор на книгата „333 афирмации“ и коавтор на бестселер книгата во Македонија „Будење на свеста“, со своја програма за личен и духовен развој. Како дојдовте до оваа точка во вашето работење, што ве води низ работата, на што сте посветена во животот?
Повеќе од 25 години сум посветена на областа на себеспознавање и свесно живеење, а во последната деценија тоа стана и моја професија. Особено сум возбудена што сум на оваа сцена, а истовремено возбудена зашто ми се оствари мојот сон. Сето знаење и искуство што го стекнав сите овие години е величествен начин што ми покажа како да ги надминам своите граници, да ја живеам својата мисија и да бидам промената што сакам да ја видам во светот. И секогаш се фасцинирам за тоа колку сме моќни како битија, какви потенцијали носиме во себе и како лесно можеме да манифестираме посакувана реалност. Иако е факт дека денешната генерација ги ужива најдобрите удопства досега, повеќе од која било претходна генерација во историјата што ја познаваме, сепак не можеме да тврдиме дека сме најсреќната генерација досега. Имаме технологија што носи удобност и лесен живот, но не се фокусираме на личната благосостојба, на себеси. Како сè да зависи од она што е надвор од нас, а не од она што е внатре во нас. Како што постои технологија за прогрес и подобрување на нашата заедница, така постои наука и технологија да се стори истото во нас. И токму оваа технологија за прогрес за која зборувам овде е тоа што ме фасцинира и ме мотивира во тоа што го работам. Сакам да излегувам од рамките на матриксот и да ги поместувам границите, а истовремено да ги следам светските трендови, и тоа сè во служба на сите нас. Така и се случи ексклузивната онлајн-мастер програма „Будење на свеста“, која има цел да ги помести границите кај македонскиот човек за да излезе од комфорната зона, со верба за нови почетоци и свесно будење. Книгата „Будење на свеста“, која е водич за духовна и колективна трансформација, на која сум коавтор, стана бестселер во Македонија.
Што опфаќа програмата за личен и духовен развој, на што се фокусира, кои се придобивките од неа, каква промена може да се очекува?
Програмата за личен и духовен развој е всушност дигитална екстензија на книгата „Будење на свеста“. Кога излезе книгата, уште тогаш имав идеја да создадам онлајн-програма што ќе биде продолжение на книгата, каде што ќе може подлабоко да се навлезе во нејзината содржина со вежби, медитации и слично. Во оваа програма одвоив осум теми што верувам дека се фундаментални во процесот на личен развој. Инаку онлајн-мастер програмата е онлајн-курс со видеа што можете да ги гледате кога сакате и каде сакате и преку кои можете да си го надополнувате своето знаење и искуство во себеспознавањето. Оваа програма е за секој што има барем малку љубопитност за тоа какви потенцијали носи во себе и што сè можете да направите за себе и за своето постоење. И за сите што сакаат да доживеат внатрешен мир и да креираат живот со леснотија. Ова се само дел од придобивките од оваа програма: поголема самодоверба, намалена вознемиреност, подобрена рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот, намален стрес, поголемо задоволство од работата, внатрешен мир, подобра комуникација и слично. Целта на програмата е да се поттикне личната и духовната трансформација и да се ослободи простор во нашето срце за љубов што ќе нè исцелува.
Со оглед на тоа што живееме во едно хаотично постпандемично време во постојано брзање и премногу обврски, што може да донесе чувство на разочарување во себе и неисполнетост, што сметате дека можеме да направиме за да добиеме мир во себе и да бидеме задоволни?
Сакам ова прашање да го одговорам со тоа што ќе ви раскажам една прекрасна приказна за кралот на кој му било полесно да живее со своите тешкотии. Оваа приказна е за еден крал кој имал три сина. Првиот син бил многу убав и особено популарен. Кога наполнил 21 година, неговиот татко му изградил палата во градот во која ќе живее тој. Вториот син бил интелигентен и исто така многу популарен. Кога тој наполнил 21 година, татко му и нему му изградил дворец во градот. А третиот син не бил ниту убав, ниту интелигентен, бил непријателски настроен и не бил популарен помеѓу луѓето поради својот темперамент. Кога тој наполнил 21 година, советниците на кралот му рекле: „Во градот нема веќе место да се изгради уште еден дворец за вашиот син. Нека се изгради дворец надвор од градот, да биде голем и добро заштитен. Можете да испратите некои од вашите војници и чувари да го заштитат син ви и да спречат да не биде нападнат од страна на разбојниците кои живеат надвор од дворецот“. Така, кралот изградил таков дворец и испратил дел од своите војници за да го заштитат неговиот син и дворецот. Една година подоцна, синот му испратил порака на својот татко: „Татко, јас не можам да живеам овде. Руфите се премногу силни“. А на тоа советниците одговориле: „Изградете уште еден дворец, поголем, повеќе заштитен од сегашниот и дваесет километри подалеку од градот и од руфите. Со повеќе војници, лесно ќе ги издржат нападите од номадските племиња кои ги напаѓаат“. Така, кралот изградил таков дворец и испратил уште војници да го заштитат и дворецот и неговиот син.
Една година подоцна кралот добил повторно порака од својот син: „Татко, веќе не можам да живеам ни тука. Племињата се премногу силни“. А советниците рекле: „Изградете уште еден поголем дворец, сто километри подалеку, и ќе биде доволно голем да смести петстотини војници и доволно заштитен за да се издржат нападите од племињата кои живеат надвор од границите“. Така, кралот изградил таков замок и испратил петстотини војници да го заштитат. Но, и покрај сè, за една година подоцна синот испратил уште една порака до кралот: „Татко, нападите од соседните народи се премногу силни, а доколку нападнат уште еднаш се плашам за мојот живот и за животот на вашите војници“. И тогаш кралот им рекол на своите советници: „Нека дојде дома мојот син и нека живее со мене во палатата. Зошто е подобро да научам да го сакам својот син отколку да ја трошам мојата енергија и ресурсите на моето кралство држејќи го на дистанца“.
Оваа приказна носи голема порака и верувам дека секој од нас може да се пронајде во нејзината мудрост. Прифаќањето е гледање и признавање на работите онакви какви што се. Тоа не значи одобрување или оставка. Кога имаме способност да ги видиме и да ги прифатиме работите онакви какви што се, можеме да ја ослободиме нашата енергија и имаме потенцијал да ја примениме нашата мудрост и величественоста на ситуацијата што се случува, наместо да работиме со ум што е заматен од негирање, отпор, стравови или осуда.
Вашето искуство е богато и сигурно е потребен голем труд за да се дојде до оваа точка во професијата. На кои ваши особини сте особено горда и како сметате дека може да се постигне успех на повеќе животни полиња?
Манифестацијата на една идеја почнува со еден чекор. Првиот чекор во мојата професија го направив во 2015 година и сум бескрајно благодарна на тој чекор и на сите други чекори што ги направив и сè уште ги правам и ме доведоа тука и сега каде што сум. Потребна е силна трпеливост, дисциплина и фокус, препуштање и отпуштање, прифаќање на себеси во сите форми и аспекти и тогаш кога сакам да се откажам и кога сум фрустрирана. Потребна е висока свесност и лична трансформација, верба во себе и доверба во тоа што го правам. И навистина сум горда што, и покрај сите предизвици со кои се соочувам во процесот, никогаш не се откажав. Вистинска инспирација и мотивација во целиот процес се сите мои клиенти и какви промени и трансформации тие доживуваат во нивниот личен развој. Тој глас силно одекнува во мојата душа и особено сум горда на мојата автентичност што ја задржав сите овие години, енергијата со која зрачам, како и сето знаење и мудрост што не само што го пренесувам туку и го живеам, кое знам и чувствувам дека се исто така инспирација за моите клиенти. Мојата планина ја искачив и освојувам нови врвови.
Велат дека накитот најдобро ја отсликува нашата енергија и нашите емоции, па кој е вашиот омилен накит, што најмногу сакате вие да носите?
Да, се согласувам со тоа дека накитот ја отсликува нашата енергија и нашите емоции. Обожавам да носам накит, особено оној што е направен од природен материјал. И верувам дека изборот на накит е заеднички, помеѓу мене и него. Сакам да носам накит и во зависност од мојата физичка, емоционална, ментална и духовна состојба во секојдневјето, така и го избирам. Сакам да носам накит со природни камења, зашто верувам дека каменот е тука да ни одржи лекција на понизност. Каменот му покажува на умот како да се предаде пред олтарот на нашата вистинска суштина. И тогаш можеме да го преминеме прагот на царството на вистинското знаење и мудрост. Само кога умот ќе сфати дека постои нешто поголемо од него, дека има ограничувања на неговите концепции и дека сетилата можат да согледаат само мал дел од целата вистина, тогаш тој може да почне да ја сфаќа смислата на животот и постоењето.
,,Smaragd1969“ е синоним за префинет, елегантен накит со врвен квалитет, препознавајќи ја инспиративноста на секоја од овие дами, ја создаде кампањата „Безвременска инспирација”.