Дина Муцунска е долгогодишна вистинска инспирација за жените во бизнисот, посветена и истрајна во својата работа кон подобрување на квалитетот на животот во една заедница како и кон подобрување на туристичката понуда во Македонија. Како што вели и самата „свесните луѓе успехот веќе не го мерат преку материјалната призма на реализација, туку на кантарот на хуманоста“.
Претставувате голема инспирација за многу жени кои водат свои бизниси, а во општества што сè уште се водат според традиционалните патријархални норми, најчесто успешноста во бизнисот се припишува на мажите. Колку сметате дека жените кај нас добиваат признание и се ценети за својата напорна работа, своите успеси и вложениот труд?
Мило ми е што е така, јас сум мошне транспарентна во своето живеење, присутна сум и активна и на повеќе социјални мрежи, каде што во целост се гледа начинот на моето функционирање, како деловно, така и приватно. Јавната присутност е предодредена во голема мера поради потребите на мојата работа и тука нема лаги, маски, глумење… бидејќи се работи за кариера од 20 години, базирана на многу дела, раст и развој… Денес, животот веќе се третира холистички и не се дели на деловно-професионален и приватно-личен, затоа што сето тоа заедно сме самите ние… не можеш да бидеш успешен на деловен план, а приватно да си нечовек. Свесните луѓе успехот веќе не го мерат преку материјалната призма на реализација, туку на кантарот на хуманоста, колку твоите дела предизвикале прогрес и придонеле за поквалитетен живот во заедницата, па и пошироко… сигурна сум дека сето ова е основа за перцепцијата на јавноста и јас како предмет за инспирација за многу жени од различни домени.
Успешноста во бизнисот најчесто се припишува на мажите, од причина што факт е дека тие се многу побројни на раководните позиции, бидејќи, генерализирано, по природа се поасертивни, зрачат со поголема самодоверба, преземаат поголем ризик, поради нивното поизразено его, но овие особини често се и пресудни во брзото растење на бизнисот. Секако, и патријархалната распределба на обврските околу домот и децата им дава на мажите многу повеќе време и простор за развивање бизнис-идеи, планови и нивна реализација. Сето наведено колку е факт, толку е и индивидуална состојба, а и нешто што се менува, доколку е тоа наш избор, бидејќи секој сам е одговорен за своите животни избори и среќа.
Што се однесува до оддавањето на признание на жените… јас би рекла дека делата се многу погласни од кои било зборови. Така што, нивниот исход, кој ќе донесе позитивен прогрес во квалитетот на живеење во заедницата, е самото признание. Тоа треба да ни биде и мотивот за остварување на нашите дела, а признанијата понекогаш доаѓаат, понекогаш и не, многу често и оние што ги уживаат придобивките од нашите дела не се ни свесни затоа или многу често премолчуваат и заземаат игнорирачки став, затоа што, ако оддадат признание, се соочуваат со тоа дека тој некој бил вреден, човечен, способен и наместо да ги слават таквите во желба да ги има колку што е можно повеќе, за да ни биде подобро на сите, тие, не признавајќи ги, се чувствуваат самите подобро во својот медиокритет, затоа што прогресот бара сериозни залагања и ангажман, а медиокритетот ужива во своите изговори, глума и демагогии.
Кои карактеристики, одлики и работни начела сметате дека ви помогнаа да се издигнете на ова ниво во бизнисот? Каква порака вие би пратиле на сите жени кои сакаат да се надградуваат професионално?
Ќе ги набројам жедта за знаење и прогрес, упорноста, посветеноста, интуитивноста, селективното приоретизирање, асертивноста, фокусот, детерминацијата, аналитичноста, истрајноста, етичноста, емпатијата и нешто што сублимира сè од наведеното – мајчинството и одговорноста што ја носи тоа како сила двигател во мојата приказна.
Патот на професионалната надградба бара да се подготвите со соодветно знаење и, уште поважно, неговата примена, прецизно планирајте ги до детаљ активностите, времето, ресурсите – не дека во текот на процесот нема да трпат промени, туку зашто за така испланираните нешта е многу поголема веројатноста дека ќе доживеат реализација. Би било добро и да имате ментор или да се советувате и консултирате со луѓе кои се докажале со дела дека знаат и умеат подобро од вас – така ќе си заштедите време, а и веројатно помалку грешки ќе направите, но и тие нека не ве плашат, секако се неминовни и на нив се учиме. Вмрежете се со луѓе и организации со слични професионални цели – споделувањето е многу важна човечка особина, а секако и бизнисот и општественото живеење е синџир од меѓусебно зависни алки. Особено е значајно поставувањето приоритети и да бидете свесни за сите нешта што ви се сериозни „губачи на време“, на пример социјалните мрежи, луѓето во вашето опкружување – некои се токсични за вас, а некои може и да ги сакате и да ви се пријатни, а сепак да не се добри за вашиот раст и развој. Многу често самите секојдневни навики непотребно ви го консумираат времето и ви ја трошат енергијата… на пример гледање телевизија, серии, играње игри… особено со стресен карактер, насилство, негативности… наместо да ве одморат, психички ве истоштуваат… И на крајот, трпение, ништо не бидува преку ноќ, истрајноста е многу важна, а искуството доаѓа низ процесот.
Во текот на градењето на вашата кариера како генерален менаџер на хотелот „Манастир“ сигурно сте се соочиле со многу предизвици. Колку е важна истрајноста во предизвикувачките моменти? Која е вашата визија и цел за хотелот „Манастир“, на кој начин може да се подобри овој вид туризам во Македонија?
Истрајноста е еден од клучните фактори во патот на успехот, неприфаќањето на „не“ и „не можам“, до исцрпување на сите можни и неможни опции, е многу важна, но неуспехот не смее да нè обесхрабрува, туку да нè мотивира за уште поголема посветеност, а исто и успехот е постојан процес, дури е полесно на патот кон него, од колку да се одржувате таму, бидејќи очекувањата постојано растат и бараат дополнителни нови ангажмани и заложби. Во моментов во дадените политичко-социоекономски услови што ги живееме ќе морам да се воздржам од споделување на погледите во идната, бидејќи неизвесноста што ја живееме е огромна.
Се занимавате и со активизам, претседателка сте на здружението на граѓани ПСК „Малешевска Корија“. Како и кога почнавте со активизмот и како се вклопува во вашите начела?
Активностите на здружението на граѓани ПСК „Малешевска Корија“ почнаа многу порано од неговото правно регистрирање, кое се случи во 2013 година. Овој факт зборува дека дејствувањето е природен процес на себеизразување, а со цел придонес кон поттик и практикување на здрави животни навики, заштита на природните ресурси, како и поквалитетен живот на локалната заедница. Наведеното е дел од мојата животна мисија, која во моментов е во развој, а ќе го живее својот успех, доколку ме надживее и продолжи да се развива бележејќи постојан подем.
Практикувате здрав живот, промовирате постојано здрави навики, спортови и вежбање како дел од секојдневието. Кои спортови најмногу ви се допаѓаат и што сметате дека е најважно да се знае за сопственото тело кога се спортува или се вежба?
Здравиот начин на живот, спортот, храната се основа на квалитетниот живот, и тоа е неоспорно. Поради природата на мојот карактер практикувам различни спортови, а сепак она што најлесно ми се вклопува во стилот на секојдневието е фитнесот. Тој ми дава можност за краток временски интервал да остварам многу интензивен тренинг и посакувани резултати. Инаку, секој треба да си ја знае сопствената здравствена состојба, која ги предодредува и можностите, а спортот, колку е физички, толку е и психички тренинг. Најчеста грешка е што луѓето пристапуваат кон физичка активност несоодветно нахранети и таа им претставува тешкотија, бидејќи ја немаат потребната енергија, но и за секоја активност е потребно знаење за да не се ставите во ризик, а и за да ја исполните својата цел и за тоа треба да се ангажира стручно лице, сè додека самите не се оспособите за самостојно практикување.
Се вели дека сите имаат по некое омилено парче накит, кое ја отсликува енергијата на тој што го носи. Каков вид накит најмногу сакате да носите вие?
Сакам накит од природни материјали, зависно од гардеробата, некогаш тој е подраматичен и е носител на мојата појава, на пример природните кристали, некогаш е покарактеристичен како дрвениот накит, а некогаш е само дискретен метален детаљ, кој ја следи и ја дополнува целата слика, додавајќи свое обележје и шарм.
,,Smaragd1969“ е синоним за префинет, елегантен накит со врвен квалитет, препознавајќи ја инспиративноста на секоја од овие дами, ја создаде кампањата „Безвременска инспирација”.