Катарина Батута Вишекруна или Катарина Мандарина, како што е позната на „Инстаграм“, е фотографка од Србија, чии фотографии буквално се одушевувачки и го одземаат здивот. Низ своите искуства преку фотографирање на своите патувања и авантури од многу земји низ светот таа носи посебна креативност и оригиналност во визуелниот израз. Неодамна на нејзиниот профил објави неверојатни фотографии од Шар Планина под снег.
Вашите фотографии од разни места низ светот се неверојатни, но како изгледаа почетоците, како станавте фотографка?
Почнав да се занимавам со фотографија на универзитет, каде што сите правевме аналогна и мануелна фотографија, развивавме филмови и учевме за фотографијата од почетокот. Подоцна, исто така сфатив дека фотографијата е мојот пат назад кон екстремните спортови (откако го повредив коленото, а пред тоа бев професионална сноубордерка). Почнав да фотографирам неверојатни екстремни спортови и да патувам додека фотографирам настани и спортисти насекаде низ светот.
Како почнаа патувањата низ различни земји?
Како што веќе споменав, сè почна на универзитет, па потоа со фотографирање на екстремни спортови, а додека работев веб-дизајн и маркетинг (како моја дневна работа) сфатив дека доаѓа ерата на дигиталната содржина, па почнав меѓу првите луѓе во Србија да креирам дигитална содржина за брендови (фотографија и видео). Патувањето ми беше пасија отсекогаш, па додека патував почнав да ги фотографирам авантурите и местата и тоа ми стана една од омилените работи, да патувам, да откривам и да фотографирам додека патувам. Со порастот на социјалните мрежи, луѓето почнаа повеќе да се интересираат за тоа што го создавам, моите фотографии станаа популарни и се разви голем интерес за нив. Луѓето сакаа да гледаат неверојатни, нетуристички места, моменти и воодушевувачки фотографии од моите авантури.
Што најмногу ви фаќа око, што сè имате направено за добра фотографија?
Опседната сум со светлина. Светлината создава сè што гледаме и дава живот и бои на предметите и на светот околу нас. Кога ќе се искомбинира тоа со неверојатна природа и неколку авантури, мене ќе ме најдете таму уште од раните утрински часови, како ги врамувам најдобрите моменти. А за да се добијат тие фотографии сум направила многу нешта, искачив многу планини над 5.000 метри, спиев надвор на надморска височина од 4.900 метри, за да го фатам најубавото зајдисонце на многу популарна локација во Перу. Слободно нуркав низ мексиканските пештери за да си играм со сноповите светлина и пливав со кит-ајкули долги седум метри на северот од Мексико. Исто така, возев 1.100 километри со велосипед во Тибет за да ја фатам убавината покрај патот, бркав диви животни на сафари во Африка за да го фатам духот на животните кои живеат слободно и направив цел круг околу Исланд, бркајќи водопади, ледени пештери и полиња од лава. Сум направила многу нешта за да се чувствувам поживо и сето тоа го имам фатено на мојот фотоапарат за да ги зачувам тие моменти од текот на времето.
Кој е вашиот најголем предизвик и како се справувате со него?
Предизвиците се тука да нè научат на лекција, да ни помогнат да пораснеме и тие се присутни во секој аспект на нашите животи. Мојата работа е предизвик на балансот, да се обидам да го најдам во целото трчање, помеѓу патувањата и работата и да си најдам време за себе. Секако дека го сакам тоа што го правам, но секогаш се потребни граници. Затоа, најголемиот предизвик е времето, да го имаш доволно, да постигнеш сè, плус да имаш повеќе време за спиење во тие неколку дена по ред кога ја бркаш утринската светлина.
Сте биле на многу места низ светот. Кое место ви оставило особен впечаток, која култура?
Не патувам на начин на кој патуваат повеќето луѓе. Да посетам некое место само заради местото и за да го чкртнам од листата на земји што сакам да ги видам. За мене секогаш мора да има нешто доволно интересно за да одам таму и да фотографирам, природа, опкружување или некои искуства што можат да се стекнат. Или неверојатна култура и енергија. Во таа насока одев на Бали 15 години по ред. Мексико исто така два или три пати. Исланд ми го украде срцето и едвај чекам да одам пак. Јапонија, мојата омилена земја, е место каде секогаш со задоволство се враќам. Тибет, Непал и Перу се неверојатни места што навистина оставаат трага.
Неодамна објавивте преубави фотографии од Македонија, од ски-центарот Попова Шапка. Како ви се допадна сноубордингот на македонските планини и како изгледаше да се фотографираат тие фотографии што го одземаат здивот?
Тоа што навистина го сакам за Попова Шапка е што некако како да е застаната во времето. И тоа е убаво, затоа што природата и опкружувањето се толку чисти и неуништени. Имав можност да отидам на дивите терени и длабоко во планината и да уживам во чистата природа со одушевувачки планински врвови! И да бордам таму стана една од моите омилени работи! Ниедно друго место во Европа не може да го понуди тој фрирајд со кат-скијање.
Шар Планина
Наградувана фотографка сте и вашиот профил е двапати прогласен за најдобар профил за патување во регионот. Што сметате дека е најважно при патувањата и работата како фотографка?
Најважната работа во професионалната фотографија е да бидеш уникатен со тоа што ќе останеш свој. Да го изразиш тоа што си преку својата работа и да ги инспирираш луѓето околу тебе. Барем тоа е она што сакам да го правам јас. Да ги проширам хоризонтите на луѓето преку моите фотографии и раскажувањето приказни што го следат секое мое патување. Да истражам скриени места и да ги претставам преку мојата рамка, мојот начин на гледање на светот.