Новинари за човекови права ја започнува кампањата „Инвестирање во менструалното здравје е инвестирање во здрави поколенија“.
„За таа цел изработивме значка FREE PERIOD, а секој кој сака да ја поддржи нашата иницијатива и да ја добие оваа значка треба да донесе пакет менструални производи кои потоа ќе бидат поделени низ училиштата, а се со цел секое девојче да добие бесплатен пакет менструални производи!!! Не чекајте, придружете ни се, и дојдете по значка!!!“, велат од организацијата.
Во нивното соопштение наведуваат дека лошата хигиена на менструалниот циклус предизвикана од недостаток на едукација за ова прашање, постојаните табуа и стигмата, ограничениот пристап до хигиенски производи за менструација и лошата санитарна инфраструктура ги поткопува образовните можности, здравјето и целокупниот социјален статус на жените и девојчињата ширум светот. Како резултат, милиони жени и девојки се спречуваат да го достигнат својот целосен потенцијал.
„Денот на менструалната хигиена (Ден на МХ) е глобална платформа за застапување која ги обединува гласовите и постапките на непрофитните организации, владини агенции, индивидуи, приватниот сектор и медиумите за промовирање на менструалното здравје и хигиена (МЗЗ) за сите жени и девојчиња .
Со други зборови:
• ја крши тишината, ја подигнува свеста и ги менува негативните општествени норми околу МХЗи
• ги ангажира носителите на одлуки да го зголемат политичкиот приоритет и да ја катализираат акцијата за МХЗ, на глобално, национално и локално ниво.
Тргнувајќи од максимата дека Инвестирање во менструалното здравје е инвестирање во здрави поколенија, оваа година ќе се фокусираме на искоренување на менструалната сиромаштија преку иницијативи за намалување на стапката на ДДВ и доделување на бесплатни пакети за менструална хигиена за сите девојчиња вклучени во редовниот образовен процес.
Трошковната анализа за менструалните производи која ја направивме во рамки на проектот „Gender Budget Watchdog Network in Western Balkans and Republic of Moldova“ , подржан од Австриската агнеција за развој и Шведската агенција за меѓународна соработка, покажува дека во Северна Македонија жените се подготвени да одделуваат до 100 денари месечно за управување со менструалното здравје, што е незамисливо ако се има предвид дека цената на производите кои најмногу се користат и се најквалитетни чинат 150 денари, не вклучувајќи ја цената на лекови кои се консумираат тие денови, како и евентуалното отсуство од работа.
Загрижува и податокот дека висок процент од 15% на 1200 анкетирани жени не се во можност да купат никаков хигиенски производ, па најчесто користат весници, хартија или текстил за одржување на здравјето. Податоците покажуваат дека бројката на инфекции кај жените е зголемено за рекордни 70%, а цената на гинеколошки прегледи се движат од 800 до 8000 денари во зависност од тежината на инфекцијата. Лечењето, кое најчесто е со лекови кои не се на позитивната листа е над 7000 денари. Загрижува и податокот од компаниите кои продаваат менструални производи, а кој вели дека за време на КОВИД кризата за 11% е намалена продажбата на производи за менструално здравје.“, се вели во соопштението од НЧП.
НЧП во своите настојувања за елиминирање на менструалната сиромаштија 7 пат оваа година го одбележува Денот на менструалното здравје и бара од владините:
- субвенционирање на цената на производите за менструално здравје и намалување или укинување на ДДВ-то на менструалните производи
- обезбедување на бесплатни пакети со менструални производи за девочињата вклучени во образовниот процес
- компаниите во тоалетите покрај тоалетната хартија, во женските кабини, да имаат и менструални производи кои ќе им бидат оставени бесплатно на располагање на жените
- Во моловите во женските тоалети да има бесплатен пристап до менструални производи
- Во хотелските соби да бесплатен пристап до менструални производи