Main Days е нов бренд за чанти и торби започнат од мајка (Лидија Атанасова) и од нејзината ќерка (Кристина Атанасова). Првата пролетна колекција е реобмислување на класичната ташна: што всушност таа претставува за нас, од каков материјал е направена, зошто посветуваме многу поголемо внимание кога избираме ташна и колку нешта собираме во неа?
Нашите ташни, понекогаш, како што пишува Нора Ефрон во нејзиниот познат текст „Ја мразам својата чанта,“ се одраз на нашиот живот кој често е „безнадежно дезорганизаран“. Main Days е обид за редефинирање на ташната, но и на предметите кои избираме да ги носиме со нас. Првата колекција е изработена од текстилни материјали, лесни за комбинирање, но и за одржување, за оние кои постојано се во движење
Зошто баш чанти?
Мојата мајка отсекогаш шиела облека и модни додатоци за мене и за мојата сестра. Самиот процес на избирање материјали, смислување дизајн и договарање меѓу себе е терапевтски за нас и за нашата врска. Се одлучивме, за почеток, да произведуваме чанти затоа што сметаме дека чантата најмногу може да трпи наша интерпретација. Првата торба што ја дизајниравме со мојата мајка беше пред две години: голема, пријатна на допир, собираше сѐ што ми треба во неа… како една голема прегратка.
Колку е тешко или лесно да се создаде модно парче во Македонија?
За нас, како нов и мал бизнис, најмногу проблем претставува набавувањето и снабдувањето со материјали. Но, ако на нешто ме има научено мојата мајка, тоа е дека секогаш треба да се научиме да работиме со она што го имаме.
Кој е вашиот следен чекор?
Планираме да започнеме со изработка и на други модни додатоци од текстилни материјали. Додатоци што ќе ни помогнат да не се сфаќаме премногу сериозно. 🙂
Која е вашата мисија и желба за брендот?
Би сакале да создадеме заедница затоа што чантата е многу повеќе од моден додаток. Чантата е простор, наш личен простор оптеретен и украсен од објектите кои ни помагаат и не опишуваат. Сакаме да понудиме платформа за разменување идеи и разговор за нештата што ги носиме со себе.