На Инстаграм го знаеме Јован по колоритните илустрации од колаж кои го задржуваат вниманието бидејќи се необични, оригинални и полни со боја, приказни и мешавина од лица. Модниот илустратор ни раскажа повеќе за неговата уметност.
Мојата уметност би ја претставил како… Многу често го менувам одговорот на ова прашање, можеби и јас не сум сигурен.
Инспирација наоѓам во… најчесто наоѓам во гестикулации кај темпераментните луѓе, филм ноар, крими романи, кабуки, биографии на уметници и актери, винтиџ еротика, театар, општествени проблеми. Не може да ме инспирира било што, и тоа е сосема во ред.
Да правам илустрации за мене значи да… За мене изработувањето на илустрации значи да се има дисциплина и издржана работна етика, сите илустрации ги изработувам рачно и научив како да илустрирам и кога не сум мотивиран или инспириран. Илустрирањето ми е приоритет и секогаш има нешто за довршување, ова е рационалниот дел од креативниот процес кој е неопходен за успешна илустрација, на крајот сè ова е една голема форма на ескапизам.
Во Скопје би нацртал/сменил… би го сменил комичното архитектонско решение во центарот на градот со нешто свежо и современо, и конечно поштата кај мостот „Гоце Делчев“ да се претвори во дискотека. Би ги тргнал досадните уметнички дела од галериите кои се плашат да изложат било што освен мртва природа и пејзажи, треба да се изложат дела кои зборуваат за нашата сегашност и автори да бидат генерациите кои го живеат ова време. А кога сме кај модата, треба да се воведат смерови по моден дизајн, модна илустрација и модна фотографија и во државните универзитети.
Преку модната илустрација се обидувам да пренесам… идеја за конкретно парче облека или сценографија за модна ревија, многу е важна композицијата и вештината да се преслика на хартија сè она што претходно сум го замислил.
Техниката што ја користам е… Доминантна техника е колажот, колажирам исечени хартии врз кои претходно сум работел со темпера, акрилни бои или акварел. Сакам да изработувам и цртежи со туш или јаглен во кои отсуствува максимализмот кој го постигнувам со колажот.
Најдобрата позитивна критика што сум ја добил… Драго ми е кога ќе кажат дека илустрациите се автентични.
А негативна… Сум претерувал со автопортретите и со црвената боја, без која не можам да творам.