Hygge (дански), nirvana (санскрит) и bon vivant (француски) се зборови што сме ги сретнале многупати, а искажуваат одредено чувство на удобност, среќа, задоволство, уживање во добрите нешта, идеално, утописко чувство. Заедничко за нив е што немаат превод на ниеден јазик па така се користат во сите јазици, во својата оригинална форма и станаа општо прифатени. Но дали знаевте дека Норвежаните имаат збор за првото пиво испиено на топол ден, а Арапите за неописливо музичко задоволство?
Постојат уште многу зборови на различни јазици и култури што опишуваат одредено чувство на задоволство и среќа, а немаат превод на сите јазици. Психологот Тим Ломас одлучил да состави лексикон на среќата, книга со наслов „Happiness – Found in Translation“ откако учествувал на конгрес за позитивна психологија каде го слушнал зборот sisu, фински збор за психолошката цврстина на еден карактер што овоможува да се прејдат било какви животни предизвици колку и да се неверојатни. По враќањето на Универзитетот на Источен Лондон каде предава позитивна психологија, Ломас го започнал проектот за позитивна лексикографија, онлајн речник на зборови што не можат да се преведат на сите јазици, а опишуваат одредено позитивно чувство. За да ја објави книгата тој барал на интернет, се распрашувал по колеги, пријатели, студенти… Потоа создал систем од три категории, од кои првата категорија се однесува на чувствата и содржи зборови како Heimat (германски збор за длабока поврзаност со одредено место и чувство за припадност, слично со татковина). Втората категорија се однесува на изрази поврзани со човечки релации како на пример mamihlapinatapei (погледот помеѓу луѓе со кој се изразува заедничката страст)од јазикот Yagán на кој зборуваат домордни народи од Чиле и Аргентина. Третата категорија на зборови, пак ги објаснува карактерните особини, во кои спаѓаат зборови како финскиот sisu I кинескиот fēng yùn (мандарински израз за личен шарм и грациозно држење).
Лексиконот е каталог на зборови што опишува среќни моменти од животот и содржи изрази како utepils (норвешки збор за пиење пиво надвор, особено во првиот топол ден од годината), mbuki-mvuki (на свахили значи да се соблече облеката за да се танцува безгрижно), tarab (арапски збор за музичка екстаза и незимерно задоволство од музика) како и норвешкиот koselig, шведскиот mysa, данскиот hygge и холандскиот gezzelig кои имаат слично значење со кои се опишува чувство на егзистенцијален, физички и емоционален комфор.
Ломас забележал дека северните народи имаат повеќе зборови поврзани со топлина, сигурност и внатрешен комфор од јужните кои имаат повеќе зборови за шетање надвор и уживање во атмосферата, како францускиот flâner (некој што постојано скита, се шлае, безделничи) или грчкиот volta (шетање, одење на прошетка). Иако според Ломас е многу тешко да се одвојат зборовите од нивниот културолошки контекст сепак одредени зборови полека наоѓаат примена и во други култури и јазици. Погледнете уште неколку зборови на среќата и можеби ќе го најдете вашиот фаворит за чувството на задоволство што не можете да го опишете со еден збор.
Bazodee – израз од Триндад и Тобаго за да се опише зашеметувачка среќа и збунетост.
Charmolypi – грчки збор за чувството на истовремена среќа и тага.
Wú wéi – кинески израз за природна, спонтана акција без вложен напор.
Аware – јапонска именка за слатко-горчливот избледувачки момент на трансцедентна убавина.