[0.10]еrror of harmony заедно со Error Kolektiv се единствен проект на домашната сцена што со сосема поинаков концепт ја претставува скејт културата. Илија Стефановски стои позади проектот, ни ја раскажа приказната, а ни прати и неверојатни фотографии.
Што значат Error of Harmony и Error Kolektiv и од каде потекнува идејата?
Името : [0.10] доаѓа како инспирација од идеите и естетиката на Конструктивистичко /Суперматистичкото движење чие делување навистина ме фасцинираше во студентските денови. „error of harmony“ доаѓа од моментот на потреба од „грешка во системот“ кој ни е наметнат. Бојкот против сите нелогични правила и начини на функционирање на оние што го прават светот да се поклонува пред пари, грешни морални и социјални вредности. Error/Glitch во испраните мозоци од политика, религија и консумеризам. Потребата за слободен израз и чиста мисла; индивидуалност и различност. Асоцијација за името е и начинот на кој скејтерот се движи по урбаните површини исто како и неговата бунтовна природа која по дифолт ги руши сите правила и норми во секој поглед. Без грешка, не е можен напредок.
Error Kolektiv пак, се роди малку подоцна во еден муабет со Еми (Ем Елефантски) и Милена (Атами) кога сфативме дека имаме слични идеи па решивме да видиме дали преку соработка постои можност за развивање на истите. Просторот кој го одбравме за тест не се покажа баш најкорисен за идеите кои ги имавме, а тоа резултираше со потешкотии за одржување на истиот, иако проектот се покажа ветувачки и имаше позитивен фидбек. Исто така целото искуство се покажа корисно. По една година решивме да затвориме, да се стабилизираме и почнеме со нови сили. Во меѓувреме девојките влегоа во нови проекти, а јас решив да му дадам можност на планот кој го имав повеќе години во глава. Error Kolektiv со новите членови ја презема улогата на движечка сила, оставајќи простор [0.10]error of harmony да се фокусира малку повеќе на својата работа.
Градите скејтбординг концепт, па во однос на тоа како сакате да се развивате, која е крајната цел?
Првичната цел е подигнување и развивање на домашната скејт сцена, без кое другово, во мојата глава барем, нема логика, доколу се нема здрава домашна база. А главната цел е [0.10]error of harmony да стане дел од европската и светската сцена со што ќе се дојде до промоција на домашни таленти и нивно развивање до професионални скејтери, како и многу соработки со разни артисти и брендови кои се веќе докажани во таа индустрија, на полето на филм, фотографија, архитектура и други видови уметности. Приоритет на„error“ не е домашниот пазар. Она што сакаме да се постигне со маркетингот во Македонија е само да им се приближи скејт културата на обичните граѓани. Уште од почетокот и првите проекти бројот на скејтери расте од ден на ден, но што е најважно истите остануваат и стануваат дел од сцената, секој со свој личен придонес што е потребен за оваа сцена да расте и да се развива. За разлика од последните десетина години кога едвај беа активни 5-10 скејтери, а сите нови се откажуваа поради немање услови и поддршка од општеството за овој вид уметност или спорт, како и незаинтересираноста на луѓето кои се претставуваа како скејт поддржувачи искористувајќи го „кул“ моментот на скејтбордингот, но само поради лични и финансиски интереси несвесни дека треба да вложат во скејтерите и домашната сцена на која се повикуваат. Секако има поединци кои низ годините, се труделе да дадат свој придонес независно условите и оставиле печат врз македонскиот скејтбординг. Сржта на целата идеја е овозможување на контакти на домашните скејтери со скејтерите од светот преку работа на проекти, одржување и посетување на одредени настани од таа култура за кои сега веке има тло да се развиваат, патување и документирање на скејтерските приказни и перформанси…
Инаку лично задоволство ми претставува што целиот овој проект всушност ги врзува сите мои интереси од сферата на архитектурата, филмот, фотографијата, инсталациите во простор и многу други во едно, и тоа на начин кој ми овозможува да бидам независен и времето за работа се поминува на тркалца 🙂 Целите пак на Error Kolektiv, како платформа за соработка со домашни и странски артисти, се да овозможи простор во кој ќе циркулираат скејтери и уметници од разни сфери, преку целата година без прекин, како би се постигнал континуитет во работата на истите, а со тоа и квалитет. Со други зборови, простор за слободен израз. Потребата од постоење домашна скејт приказна преточена во филм, фотографија, архитектура, која ќе се претстави во светот со својата специфичност е онаа која ме натера да почнам со ова и повлече да влеземе и во „fashion“ светот. За да се овозможи спонзорирање на млади таленти кои имаат потреба од нова опрема и скејт даски, за кои во Македонија нема посебен интерес и купувачи од кои би можело да се заработи за да се живее и издржува скејт тимот и проектите, идејата беше да се почне и производство на облека која ќе се користи за спонзорирање на тимот. Добра страна е што можеме да креираме облека за нашите потреби која минимално (во материјалите на некои парчиња) се разликува од обичните и неспортски брендови иако да речеме станува збор за исто парче облека. А исто така имањето бренд за облека може да послужи како добар маркетинг трик за промоција на бренд за скејт даски во општество кое не е свесно дека тоа воопшто постои 🙂 Главната инспирација на „error“ е сепак скејтбордингот кој за мене претставува вид на активизам. Претставува супкултура која е составена од најразлични профили на луѓе од секаква позадина и социјален статус, раса, пол или професијa. Со себе носат секакви знаења и вештини кои индиректно се споделуваат со другите инволвирани, но сепак сите заедно делат една пасија, а сите имаат различен пристап кон самиот скејтбординг. А зошто баш скејтбординг? Ќе оставам линкови (https://youtu.be/YYKYU-Qj_Ro; https://www.hypebeast.com/2019/3/jake-phelps-thrasher-magazine-interview%3famp=1; https://youtu.be/Rrj6UQcKhiE; https://youtu.be/1zGPD4w0KAU) за оние кои сакаат да слушнат од најдобрите што всушност претставува и што ги прави скејтерите различни од другите луѓе.
Што е последно од Error of Harmony и Error Kolektiv и што подготвувате за во иднина?
Последнава година бевме концентрирани на припремање на просторот и собирање материјал за првиот долгометражен скејт филм „Are you a good CITIZEN“ што треба да излезе во блиска иднина. Сепак успеавме да извадиме и една колекција и повеке single парчиња облека, а периодов ги очекуваме и најновите парчиња кои ќе имате можност да ги видите наскоро. Лично, пробувам да се вратам на скејт, после неколку години не баш посветено возење, за да можам да снимам добар материјал за видео кое е нешто најважно за мене, од целиот проект, како и довршување на некои работи кои се ставени на „stand by“ веќе некое време. Error Kolektiv e подготвен и ќе биде активен по завршувањето на „мерките за забрана за движење и собирање“. Дел од активностите со кои ќе започнеме се „Вечери посветени на скејт и други видови арт филмови“, Mini Ramp sessions и школа за скејт за деца, предавања и работилници од домашни и странски артисти активни на најразлични полиња во уметноста, изложби…
[0.10]Error of Harmony можете да ги следите на нивниот Youtube канал и Инстаграм профил каде ги претставуваат своите идни проекти, имаат супер интересни видеа и одлични фотографии.
Видео: Илија Стефановски