Новата песна и спот на Јана Бурческа „Home Alone“ наиде на навистина позитивни реакции и е освежувачки звук за нашата музика, а исто така носи и порака за сопствените стравови и борбата со нив. Со Јана поразговаравме за тоа што ѝ значело да ја напише песната и толку искрено да ги долови стравовите и чувството на самотија.
Вашата најнова песна и спот „Home Alone“ имаше навистина голем и позитивен одзив меѓу македонската публика. Што ве поттикна на оваа песна и каква е пораката и значењето што сакате да го испратите преку песната?
Песната „Home Alone“ за мене значи конечна победа во борбата со себе. По огромниот успех на песната „Dance Alone“ со која што настапив на Евровизија во 2017-та година, бев убедена дека тоа е рецептот за успех на музичката сцена и упорно се обидував да создадам нешто во тој што би довело до повторување на таа еуфорија. Но, со текот на времето сфатив дека се ставам во трка со чувство кое што реално не го носам во себе и кога го прифатив тоа сознание ми стана многу полесно музички да се изразам. Така се роди „Home Alone“, песна која што во целост го отсликува она што вистински го чувствував во периодот додека се работеше и мислам дека токму таа искреност е она што предизвика такви реакции кај слушателите. Пораката е едноставна – во ред е понекогаш да сме исплашени, не сме сами и стравот најлесно ќе го пребродиме во моментот кога ќе го прифатиме.
Како се одвиваше снимањето на спотот, што е она што најмногу ви се допадна, а што ви беше најголем предизвик?
Снимањето на спотот би го дефинирала како експлозија од креативни енергии, што од една страна беше супер додека траеше, но во процесот на пост-продукција многу ми недостасуваше 😀 Пресреќна сум што работев со куп талентирани ентузијасти, на чело со Ѓорги Вацев, кои со својата автентичност придонесоа спотот да изгледа така како што изгледа, но подеднакво ја ценам и нивната ангажираност и зад сцената. Да не ги набројувам овде, ѕирнете на дигиталните платформи кои се овие убави луѓе за кои зборувам, драги читатели. Исто така, од особена важност за естетиката во спотот беше поддршката од Смарт Ливинг и Каре Македонија кои обезбедија прекрасни парчиња мебел за сценографијата.
Спотот исто така особено го доловува текстот и вас и уште повеќе придонесува за крајниот лик на песната. Која беше инспирацијата позади спотот?
Уште во моментот кога го напишав текстот за рефренот на „Home Alone“, се замислив сама со своите стравови во апстрактна дневна соба. Тоа беше централната идеја на спотот – самотијата, стравот и ослободувањето на крајот.
Како се решивте на ваков аранжман и продукција со оглед на тоа што е навистина нов звук и мелодија на нашата сцена?
Главен и одговорен виновник за мојот нов звук е Драги Иванов, кој им даде сериозна музичка позадина на текстот и мелодијата кои што ги имав во главата, направи фантастичен аранжман, беше исклучително трпелив со моите несигурности и најважно од сè целосно го разбра и преслика мојот сензибилитет во музиката.
Текстот на песната е ваш, како и од што се инспириравте за него?
Рефренот е буквален превод на мислите што ми поминаа низ глава една вечер додека бев сама дома. Кога воочив дека многу луѓе се соочуваат со слични мисли, одлучив дека песната ќе ја посветам на стравовите, па така ги развив строфите кои што метафорички и сталожено го опишуваат чувството, а крајот на песната потсетува дека и стравот има крај 🙂
Што е следно, што може да очекуваме во иднина од вас?
Во овој контекст би сакала да се заблагодарам на поддршката од слушателите, колегите од музичката сцена, но и колегите новинари, како и мојата движечка сила Gulf Macedonia – многу ми значи и ме мотивира да продолжам. Имам големи музички замисли за 2023, а за реализација на истите горенаведената поддршка е клучна. Оставам уште некое време да се приберам со впечатоците од „Home Alone“ и потоа се впуштам во нови музички предизвици.