Во пресрет на Меѓународниот ден против насилството врз жените, во познатата галерија Уфици во Фиренца беше отворена изложба со наслов Lo sfregio (Лузна). Кустос е Кјара Тоти, а изложбата е отворена до 19 декември. Еден од централните експонати е бистата на Бернини на Костанца Пиколомини Бонарели, љубовницата на скулпторот, која тој ја осакатил откако открил дека е вљубена во неговиот брат. Додека Бернини непречено ја продолжил својата кариера, Костанца била затворена во манастир четири месеци.
Покрај бистата на Бернини има фотографии од Иларија Сагарија (Болката не е привилегија, 2018), современа фотографка која раскажува приказни за жени кои доживеале брутални напади со киселина и ги покажува нивните глави завиткани во завои, велејќи дека родовото насилство – за жал – ги надминува границите, времето и просторот.
Бистата на Костанца е реставрирана за потребите на оваа изложба, која директорот на галеријата Уфици, Еике Шмит, ја нарече симболичен чин на репарација. „Покрај тоа што е ремек-дело на еден од најголемите барокни скулптори, сега сме свесни за бруталното насилство извршено врз слабите“, рече тој. „Намерата на изложбата е да ги освести посетителите дека убавината без етика не е можна.”