Минатата недела излезе трејлерот за новиот филм „Мими“, во режија на Даријан Пејовски во кој главната улога ја има актерката Наталија Теодосиева. Пејовски за „Портрет“ изјави дека „Мими“ е психолошка драма за девојка која потисната од родовите стереотипи и предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје.
„Мими ја запознава eкстровертната Сара – млада мајка која навидум има сè што на Мими ѝ недостига. Се раѓа пријателство, затруено од наметнатите улоги кои и Мими и Сара, на свој начин, се приморани да ги играат. „Мими“ е приказна за површноста и лажните фасади што ги покажуваме пред другите. Филмот се снимаше есента 2020 година, во екот на вториот ковид бран, под посебно изготвени протоколи, и посакувам никој повеќе да не мора да работи во такви услови. Мими е Наталија Теодосиева – ја има во речиси секој кадар, Сара е Тамара Ристоска. Играат и Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов. Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, хрватскиот аудиовизуелен центар, и филмскиот центар на Црна Гора, и е копродукција помеѓу Скопје Филм Студио, Максима Филм и Гиглинг Гоат. Филмот е во завршна фаза на постпродукција“, изјави Пејовски.
Погледнете го трејлерот за филмот.
Сценарио и режија: Даријан Пејовски
Продуцент: Томи Салковски
Кинематографер: Дејан Димески
Сценограф: Игор Тошевски
Монтажер: Владимир Павловски
Оригинална музика: Александар Пејовски
Костимографка: Емилија Ивановска Атанасовска
Шминка и фризура: Ива Куробаса