Модните стандарди се навистина нереални, а сите ние сме само луѓе, кои сме единствени, секој со својата несовршеност.
Ивана Манас и нејзиниот интернационален настап на модната недела во Милано оваа година беше преубава вест, која ја размрда македонската модна сцена. Нас нè направи премногу горди зашто многупати сме работеле со неа и бевме директни сведоци на нејзиниот професионален раст и развој, па така овој нејзин успех го доживеавме многу лично.
Оваа година бевте дел од ревијата на познатиот светски бренд „Долче и Габана“ за сезоната есен-зима 2021-2022. Што ви донесе работата со ваков моден гигант и целокупниот престој во Милано?
Моето одење во Милано беше договорено буквално во пет до дванаесет и деновите пред да одам не бев целосно свесна што се случува. Уште првиот ден во Милано дознав дека имам кастинг за новото шоу на „Долче и Габана“ и сè ми изгледаше неверојатно. По неколку дена дознав дека сум ангажирана за шоуто и сè уште не ми се веруваше што ми се случува бидејќи воопшто не очекував уште од првата сезона да почнам да работам со големи брендови како што е „Долче и Габана“. Бескрајно сум благодарна на сите мои букери и агенги коишто ми помогнаа да го постигнам овој успех, работата за овој огромен бренд ми донесе многу повеќе мотивација од претходно да продолжам да го работам она кое што навистина го сакам.
Светската пандемија на Ковид 19 го смени целокупното наше секојдневие и директно влијаеше на нашите професионални ангажмани. Како се одрази на модната индустрија, како сега изгледаат модните недели во светските метрополи?
Модните недели се премногу различни од претходно, иако немам лично искуство за да кажам како било пред пандемијата, можам да почусвствувам разлика од она што го знам. Од страна на луѓето коишто стојат позади модните недели и самите шоуа, можам да кажам дека веќе нема „модна недела“, односно ништо не се случува во една недела. Ревиите се снимаат неколку недели пред самата модна недела и се прикажуваат за време на истата. Најчесто е така, меѓутоа исто така имав можност и да бидам дел од ревијата на Рик Овенс што беше прикажана на самата модна недела во Париз и одеше во живо. Сепак и двете ревии беа без публика, но возбудата беше присутна без разлика на тоа.
Последната година имавте соработка и со странски модни агенции, но се уште сте дел и од вашата матична агенција „Моделс Ин“. Како се одвива целиот процес на работа, од кастинг до финален момент, излегувањето на модна писта?
Процесот на работа во Македонија и надвор е делумно ист, меѓутоа надвор од Македонија се чувствува многу поголема организираност и професионалнсот, што е нормално за еден град како Милано. Но не е сè така розево како што изгледа и се случува да чекаш со саати да дојдеш на ред за кастинг меѓутоа потоа сè оди многу брзо. На кастинг секогаш прават неколку фотографии од моделите и кратко видео, оставаме композит карта и тоа е тоа. На денот на ревијата секогаш е општ хаос, меѓутоа тоа мене лично ми прави дополнителна возбуда. Нормално би го издвоила и моментот на излегувањето на писта, што е навистина неверојатно чувство. Се наоѓаш таму во тој моментот и не размислуваш на ништо. Додека чекориш по писта, секогаш е супер, правиш малку пауза од константно размислување, можам да кажам дека ова чувство е многу блиску до еден вид на кратка медитација. Но потоа одиш во бекстејџ каде што хаосот не престанал и се враќаш во реалноста.
Околу твојата професија, со години се вртат различни предрасуди и голем број на девојки и момци биле дискриминирани поради тоа. Дали ти лично некогаш си се почувствувала непријатно или си била дискриминирана и навредена?
Модната индустрија знае да биде многу брутална. Се случува моделите да бидат третирани како предмети, а не како луѓе и тоа е навистина премногу тажно, на крајот на денот за една работа да биде успешна треба сите да си помагаме и да сме тука едни за други, така и крајниот продукт ќе биде многу подобар. Лично ми се нема случено досега, некој да ме навреди или да ми каже нешто лошо и сум премногу благодарна за тоа бидејќи не секој ја има таа првилегија. Најважно за моделите кои штотуку почнуваат со оваа работа е да знаат дека доколку некој ги навреди воошто да не го сфаќаат тоа лично, колку и да е тешко, затоа што стандардите се навистина нереални, а ние сме луѓе и никој не е совршен. Се надевам дека наскоро ќе се сменат стандардите, малку ќе се освестат луѓето и воопшто нема да постои дискриминација.
Како би го опишале вашиот моден стил? Што сакате да купувате, носите, во што се чувствувате најсвоја?
Имам тотално лежерен стил, но најчестно зависи од тоа како се чувствувам во моментот. Често имам моменти кога сакам да се облечам како за во клуб дури и кога одам до продавница ама на крај секогаш излегувам најлежерно што можам. Откако отидов во Милано решив дека сакам да купувам исклучиво облека на втора рака, винтиџ или да почнам да инвестирам во квалитетни парчиња од локални, а и други помали брендови надвор од Македонија. Сакам да го сведам мојот придонес кон брзата мода на минимум и евентуално да престанам да придонесувам од причина што неверојатно ја загадуваат нашата планета, а и од други етички причини, а исто така парчињата од овој тип на продавници се уникатни и секогаш ќе изгледам оригинално. Имам сфатено дека најубаво се чувствувам кога ми е удобно во облеката што ја носам, но истово не важи кога станува збор за чевли, за чевли знам да трпам болка хахах.
Вие сте пример дека со работа и труд, можно е да се постигне успех и надвор од границите на нашата земја. Имаше ли моменти во кои се сомневавте во себе, во своите можности и сл. ?
Откако започнав со моделинг, повторно по долго време пауза бев максимално мотивирана да излезам од нашите граници и ќе се случеше уште минатата година меѓутоа се појави нешто кое што никој не го очекуваше. На почетокот бев трпелива и убедена дека за месец, два ќе заврши пандемијата и ќе се вратам на она за кое што работев напорно, меѓутоа тоа не беше така, очигледно. Имаше моменти каде што бев премногу исфрустрирана за тоа што се случува и моменти каде што бев 100 проценти убедена дека нема да продолжам со мојата кариера. Чувствував дека времето ми поминува за џабе и се убедував дека не требало да се случи ништо од тоа што се надевав. Минатата година во октомври отидов во Белград и се видов со моите букери од „Js Management“ кои дополнително ми ја вратија желбата и мотивацијата да пробам повторно. Неколку месеци подоцна, со дупла мотивација и работа еве сум тука каде што сум сега, одговарам прашања за мојата прва успешна интернационална сезона.
Пандемијата и сите случувања околу неа, уште повеќе ја засилија отуѓеноста што владее помеѓу луѓето последниве години. Како се справувате со осаменост, со оглед на тоа што со месеци сте надвор од земјава?
Имав среќа да се запознаам со многу кул луѓе додека бев во Италија, со кои што се уште сум во контакт и немав моменти каде што се чувствував осамено. Исто така и фактот дека на почетокот бевме осум девојки во апартманот не ми оставаше простор да сум сама па дури и да сакав. Имаше моменти каде што ми недостасуваа најблиските луѓе од дома, меѓутоа се се решаваше со еден брз повик.
Како успевате да најдете мотив за работа, со оглед на тоа што последнава година владееше некоја колективна летаргија и апатија?
Како што кажав, и јас не бев многу мотивирана откако се случи пандемијата и со месеци немав мотивација, ама некако се истуркав. Моментот кога отидов во Белград сфатив дека можам ако сакам и доволно ми беше да се сетам дека ова е тоа што сакам да го работам, па макар и да е една година од мојот животот. Сакав да го искусам овој начин на живеење каде што работата ми зависи од константно патување и запознавање нови луѓе. Си реков дека ако не се потрудам да го направам ова сега, кога?
Кои особини што ги поседувате мислите дека се клучни за вашиот успех?
Упорност, трпение и одлучност. Цврсто стојам зад ставот дека ако се сака, сè се може. Нормално ништо не ти доаѓа на златен послужавник и за успех треба многу труд и трпение но ако се сака, сè се може.
Продукција: Портрет магазин
Шминка: Милан Бауранов
Облека: Јована Марковиќ, PINC Partywear, Goldy Jewelry, Гала Боровиќ, Alexander Mc Queen
Специјална благодарност до: Иван Менкиновски