Преслатките дизајни и производи на брендот Ава Папун нè освоија на прв поглед и затоа поразговараме со креативната Ива Сотировска која стои позади производите на Ава Папун. Ива е маркетинг менаџер со 15 годишно искуство и со интересни идеи и креации за нејзиниот колоритен бренд Ава Папун. Особено е посветена на семејството, на сопругот Виктор, ќеркичката Јована и малиот померанец Тоби 🙂
Раскажете ни нешто за почетоците на Ава Папун, како се роди идејата, како се одлучивте за уникатните колоритни дизајни…?
Се сеќавам кога за прв пат, добив на подарок палета фломастери. Ако се сеќавате оние спакувани во пластична фолија, 100 на број. Палетата на бои од која што можев да избирам, беше како да стојам пред излог на продавница за слатки. Самата можност да избирам помеѓу толку многу бои и нијанси за мене беше највозбудливото нешто и нема да излажам ако кажам дека и до ден денеска со иста возбуда гледам на сите материјали со кои може да се твори, било тоа да биле водени бои, пастели или пак дигиталното пенкало од таблетот. Уште многу мала уживав да цртам и бојам повеќе од сè друго. Блоковите и боенките во еден момент ми се видоа како ограничен простор па така еден ден сум решила додека никој не гледа да ги украсам ѕидовите на мојата соба со кругови и тоа со црвена мрсна боичка 🙂 Оттогаш на задната врата од мојата соба, моите родители закачија голем бел хамер на кој слободно можев да шкрткам што сакам. Тогаш започна сè и љубовта кон цртањето никогаш не згасна, низ училишните денови па сè до денеска. Секогаш имав поддршка да го правам тоа, долг период посетував и часови за цртање, но никогаш не се одлучив моето хоби да прерасне во моја професија. И покрај сето, кариерниот пат, одлучив да го градам во областа на маркетинг комуникации и бренд менаџмент, каде креативноста, се покажало низ годините, и те како е клучен елемент во личноста на еден маркетер. Денеска кога сум среќна со она што го имам постигнато на својот кариерен пат, чувствувам поголема слобода паралелно да се посветам и на она што го градам со Ава Папун.
Што сè нуди Ава Папун и што најмногу се бара од купувачите?
Ава Папун ја креирав уште во 2018 година, како простор каде би можела да споделувам илустрации и креативни колажи (заб. Moodboards), надвор од мојот личен инстаграм профил. Бидејќи сум голем љубител на фина хартија, тефтерчиња планери, принтови и стикери, често правев нарачки онлајн од сајтови на брендови од други земји, бидејќи кај нас ваков тип на производи многу ретко или воопшто не се продаваа, особено во перидот пред неколку години, а и порано уште повеќе беше изразен тој недостаток. Моја голема желба со години беше да направам дизајн за производите кои ги спомнав претходно, но на македонски јазик. На почетокот мислев дека се тоа производи кои само мене би ме интересирало да ги купам. Споделувајќи ја идејата со луѓето околу мене, наидов на големо одобрување и поттик да го направам тоа. Така со тек на време, согледувајќи ги потребите кои почнаа да се појавуваат на пазарот, се охрабрив и излегоа од производство првите стикери, потоа картички, честитки и неделни планерчиња за на маса. Во моментот има голем интерес за неделни и месечни планери, роковници или дневници за креативно планирање. Низ годините од своето опкружување забележував како некои луѓе полесно се снаоѓаат со листа на активности под точка 1,2,3.. а некои со колаж од сликички или клучни зборови како потсетник за она што го имаат испланирано, а треба да се спроведе. Оттаму идејата за тефтерчиња со точки, наместо празни страни, линии или квадрати, кои се погодни и нудат можност за креативно, визуелно изразување или планирање. Најновиот производ се шарените хартиени самолепливи траки или washi tapes, кои се појавуваат за прв пат на нашиот пазар, и се со дизајн од локален илустратор. Сите овие типови на производи постојат и се продаваат во светот, но ете кај нас не се продаваат или ги има во ограничени количини. За да се порачаат онлајн од друга земја, цените се доста повисоки од цената на чинење на локалните производи и доставата тука локално. Додадена вредност на ова е личниот печат кој го остава на производот самиот илустратор, целиот вложен труд во осмислувањето на производот и негово производство. Добро е што во последниве години има наплив на многу локални илустратори кои од време на време се осмелуваат да пласираат некој свој принт на продажба, но има и такви кои сериозно работат и градат свој бренд и една цела палета на производи. Она што ме радува е што меѓу првите нарачки кои ги имав дојдоа од компании кои некое време биле во потрага по невообичаени тефтер – планери за своите вработени. Најчесто бараат персонализирани изработки, со авторски дизајн или илустрација направена само за нивната компанија. Овој сегмент на производи стануваат сè повеќе барани, луѓето се повеќе сакаат прозиводи со личен печат отколку производи од масовно производство. Оттука ги поттикнувам сите оние кои имаат одредена замисла, да се охрабрат и да пробаат да ги пласираат своите производи или креации за продажба. Интересот е голем, онаа група на купувачи и следачи на социјалните мрежи можеби е мала, но има супер енергија и секој фидбек или нарачка вредат колку десет!
По што е препознатлив брендот и колку е предизвикувачки да се работи на нашиот пазар?
Предизвици секако дека постојат, едно е да се најдат вистински квалитетни материјали за изработка на производите, а друг многу важен момент е да се најде поволен, доверлив и сериозен сервис за достава на прозиводите. Брендот е сè уште многу млад, и неговата препознатливост заедно со мојот стил на илустрации еволуира и се развива паралелно. Сега за сега можам да издвојам дека Ава Папун е препознатлива по пастелните нијанси, со примеси на само неколку јаки бои кои додадаваат на разиграност во финалниот изглед. Не случајно стикерите кои ги изработувам ги нарекувам хартиени бонбончиња.
Од каде црпите инспирација, дали следите некои други уметници или изработувачи со вакви брендови и кои особено ви се допаѓаат?
Инспирацијата е чудо и за секој човек индивидуално искуство. Она што може да го направи клучниот клик за да се добие наплив на енергија за нова креација не можам да кажам со сигурност што е, но сигурна сум дека патот до тоа е работа и само работа. Не би можела да одвојам некој посебно, следам многу илустратори и уметници од најразлични области. Она што најмногу ме интересира кај нив е да го дознам нивниот креативен пат односно, кој е процесот и како стигнуваат од идеја до завршено дело или креација. Тоа се многу интересни приказни и многу лични доживувања, помагаат човек да препознае кога ќе се најде пред работ на нова инспирација.
Каква порака сакате да пренесат вашите изработки до купувачите?
Крајно, мојата замисла за Ава Папун е да претставува простор било тоа физички или виртуелен, каде ќе може било кој да помине неколку саати во творење или едукација, со ресурсите кои ќе ги нудиме. Тоа е сепак огромен проект за кој е потребно уште време да се доизгради и да биде спремен за да се спроведе и реализира. Дотогаш Ава Папун останува да биде место каде ќе ги споделувам сите стикери, картички и тефтерчиња кои со задоволство ги креирам, а се надевам дека наоѓаат корисна примена кај оние кои ги купуваат. Имајќи еден производ на Ава Папун во рацете, употребувајќи го во секојдневната рутина, сакам на корисниците да им донесе ведрина во секојдневието, да ги потсети на она безгрижно чувство, како кога си дете, по кое сите трагаме и да им помогне практично да го направат планирањето и да ги постигат своите цели.