Ива Христовска која твори под уметничкото име Ámika неодамна го издаде своето прво ЕП ( Extended play) насловено ,, Отров’’ Таа ни ги раскажа своите впечатоци за создавањето на ова дело.
- Отров се случи во почетокот на пандемијата додека бев во Амстердам каде што и живеам веќе од 2017та година. Со KALY (Калина Велковска) дискутиравме за соработка веќе некое време, а пандемијата ми даде простор и време да седнам и начнам некаква идеја. Откако го пратив демото на Калина да го чуе, нејзе веднаш и се допадна идејата и текстот и музиката и песната. Моето враќање во Македонија во ноември 2020та каде што останав цела една година, ни ја отвори конечно можноста со Калина да се видиме во живо и “натенане” народно кажано и да ги сработиме вокалите.
Ипито се состои од три траки. Едната е оргиналот, а другите две се ремикси на две електронски дуа. Едното електронско дуо се вика Moonwax и се состои од двајца продуценти/музичари од Амстердам, мои пријатели. А другото дуо се вика Geju од Москва, впрочем и основатели на издавачката куќа Левелдва преку која го издавам ова ипи.
Geju имаат наполнето подиуми низ целиот свет и со својата музика се имаат истакнато на светски познати фестивали како ADE, Fusion Festival, Burning Man, the Monastery Festival, the Wildeburg Festival, и многу други.
Отров е еден блузерско-електронски крик кој не тера да бидеме повнимателни и понежни кон себеси, да се ослободиме од токсичните нешта, луѓе, мисли, навики во животот. Крик кој е тука да не потсети на нешто важно, нешто што ќе не натера да нурнеме длабоко во нашето битие и да се соочиме со нашите змии и демони. Првоначално ја напишав од гледна точка на нашата мајка Земја и се што и се случува во моментов. Погледнато од микро Космос, ние самите сме едно тело, а погледнато од макро Космос, Земјата е исто така едно тело, кое поминува низ разни фази, созревања, деструктивност и лечење. Нашето директно влијание врз Неа е во блиска корелација со нашиот начин на размислување како човештво.. Мислите, сме ние, луѓето. Мрежа од неврони кои комуницираат едни со други. Мрежа која не поврзува сите нас. Бидејќи ние сме едно! – “.