Ова недела Младинскиот културен центар повторно со одлична програмска културна понуда на настани.
Утре, со почеток во 20 часот, на репертоарот ќе се одигра победничката претстава на минатогодишниот 47. МОТ-фестивал, претставата „ГЛУМиЦИ“ во изведба на Артопија. Театарска претстава, која е повеќе од само изведба и говори за театарот, за сите нас во него и за неговото позиционирање во светот, за сето она за што се мечтае, за страдањето, за вербата во подобро утре.
В четврток ќе се одржи добротворен концерт за Небојша Додевски-Грицко во бифето на МКЦ со почеток од 16 часот. Ќе настапат: Јана Гигова, Димиш, „Тотално опуштање“, „Сватовски“ и многу други домашни изведувачи. Настанот е во организација на „Брат за брат“.
Веќе в петок следува целовечерен хипхоп-спектакл за промоција на последниот албум на македонскиот хипхоп-артист Џака Накот: Live on no evil, на кој, покрај него, ќе настапат и диџеј Гоце, „Легијата“, „Дивизија“, Бвана, диџеј Славе, Страјк, „Куп де Грас“, Ади Имери и плејада други локални артисти и изведувачи за неверојатна вечер за паметење.
Истиот ден, во рамките на двете галерии во МКЦ, ќе бидат отворени изложбите: „Новите индустрии на стари локации“, која претставува резултат од научноистражувачки проект на Архитектонскиот факултет во Скопје, како и изложбата со наслов „Еволуција?“ од Балканскиот универзитет во Скопје.
Саботата е резервирана за концерт на легендарниот загрепски хипхоп-бенд „Елементал“, кој со својот настап во МКЦ ќе го прослави својот 25-годишен јубилеј од своето основање.
Истата вечер во бифето на МКЦ ќе се одржи и слушачка промоција на најновото издание на македонскиот бенд „Искра“ во издаваштво на Diehard records.
Билети за концертите може да се најдат на билетарницата на МКЦ или онлајн на линкот bileti.mkc.mk.