Девет проценти од децата на возраст од 5 до 17 години имаат анксиозност, додека два проценти страдаат од тага или депресија, стои во мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС) на УНИЦЕФ, кое за нивни потреби го спроведе Државниот завод за статистика.
Според ова истражување, околу девет проценти од децата на возраст од 2 до 17 години имаат функционални тешкотии во најмалку еден домен, според одговорите на нивните мајки/старатели. Поголем дел од децата во најсиромашните домаќинства доживуваат функционални тешкотии во кој било од домените, во споредба со нивните врсници во најбогатите домаќинства. Исто така, околу 10 проценти од децата на возраст од 2 до 17 години носат очила, додека помалку од еден процент користат опрема или добиваат помош при одење.
Глобалната програма МИКС е развиена од страна на УНИЦЕФ во 90-тите години како меѓународна повеќенаменска програма за анкетирање на домаќинствата за поддршка на земјите во прибирањето на меѓународно споредливи податоци за широк спектар на индикатори за состојбата на децата и жените.
Со истражувањето МИКС се мерат клучните индикатори кои им овозможуваат на земјите да создаваат податоци за креирање на политики, програми и национални планови за развој и да го следат напредокот кон целите за одржлив развој (SDG) и други меѓународни договори.
Техничката поддршка за истражувањето ја обезбеди Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), со финансиска поддршка од УНИЦЕФ, Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Британската амбасада.
Од Државниот завод за статистика, посочуваат дека Извештајот од истражувањето е објавен во мај 2020 година, но поради светската пандемија на Ковид-19, како и поради бројните обврски поврзани со Пописот 2021, не добил публицитет каков што заслужува и затоа, во периодот кој следува, ќе објавуваат инфографици со податоци и клучни поенти од извештајот, со кои, како што посочуваат, сакаат да ја претстават сликата за состојбата на децата и жените во Република Македонија.