„Искра“ е група од 4 млади момци кои велат дека пронашле чип од иднината со многу важни информации. Тие успеале да го декодираат чипот, а информациите до кои само тие имаат пристап ни ги пренесуваат многу умешно и креативно, преку музика и анимација.
Нивните анимирани видеа раскажуваат приказна од иднината на Скопје, поточно 2088/89 година каде голема корпорација го уништува градот. За да се спречи ова, една опасна банда одлучува да се спротистави на целата ситуација. Четирите членови на бандата: екс-детективка, хакер, неговиот робот и еден батка од Драчево се одлучиле да ја нападнат корпорацијата. Но, пред да го направат финалниот напад решиле да испратат чип назад во времето со сите информации, со надеж дека некој ќе ја спречи ситуацијата уште пред вистински да се случи.
По грешка или не, „Искра“ го пронаоѓаат чипот и сите информации од него ги пренесуваат преку музика и анимации. Целиот проект е всушност како четирите ликови од бандата се обидуваат да ја срушат корпорацијата, а секоја песна опишува посебен настан што им се случил на ликовите неколку дена пред да нападнат.
Како „Искра“ го пронашле чипот, какви информации се кријат во него и која е целта на главните протагонисти ќе ви раскажат тие. А верувале или не, имавме можност да тркнеме до иднината и да направиме фотосесија токму со анимираната банда. За да ви доловиме каква беше атмосферата на сликањето ви прикачивме и неколку backstage фотографии.
Кои се „Искра“ и која е приказната зад четирите анимирани ликови?
„Искра“ се четворица момци, сите од Скопје, сите со позадина во музика и уметност и истомисленици кога станува збор за естетски вкусови : )
Ние сме Виктор Андоновски, Владимир Петковиќ, Бобан Крстев и Михаил Наумов или колективно – „Искра“.
Приказната за ликовите како и секоја друга добра приказна започнува со алкохол, имагинација и мерење улици до разденување. Почна како кавер бенд на бенд од иднината и стигнавме до приказна во која четворица ликови кои живеат во 2088/89 година сакаат да го спасат нашето сакано Скопје.
Приказната раскажува за екс-детективка која е нечесно исфрлена од тогаш приватизираната полициска сила на градот; хакер, кој преку ден работи за истата корпорација која сакаат да ја урнат, а навечер се бори против неа; неговиот робот и батка од Драчево кој е задолжен за безбедноста на корпорацијата. Четворицата заедно имаат за цел да ја урнат корпорацијата и да го ослободат народот од нејзиниот “отров”, како би го спасиле градот.
Велите дека чипот го пронаоѓате вие. Дали сметате дека ова е случајност и која е вашата мисија?
Ништо на светот не се случува без причина, а ние бевме само на вистинското место во вистинското време. Нашата мисија е сè што најдовме на чипот да го претставиме најдобро што можеме, а за среќа или несреќа, во музика и цртани филмови лесно се снаоѓаме, а и веруваме дека повеќето уживаат во истите.
Сите четворица, овие во 2020та не тие во 2088 : ) , сме биле, или сè уште сме членови на метал бендови, па со „Искра“ пробуваме да се изразиме на поразличен начин, за кој се надеваме дека луѓето ќе уживаат додека го слушаат и гледаат, колку што ние уживаме додека го правиме.
Која е вашата проценка, дали има шанси да ескалира ситуацијата и бандата да ја нападне корпорацијата или сепак станува збор за смирени дечки кои ќе почекаат да видат како денешницата ќе се справи со загадувањето?
Што ќе се случи понатаму сè уште не знаеме, уште работиме на декодирање на информациите, но според тоа што го знаеме досега, екипата од иднината нема пасивно да седи и да посматра. Сепак станува збор за опасна скопска банда.
Сите информации веднаш ги споделуваме со јавноста (може да нè следите на било која социјална мрежа за истите), како луѓето би биле спремни за тоа што нè чека.
За денешницава останува само да дадеме колку што можеме за да им ја олесниме борбата на екипата од иднината.
Каков тип на музика создавате и дали има сцена за истата? Што вели бандата, слушаат ли ваква музика во 2088/89 година?
Не сме сигурни како музиката ќе еволуира во овие 70 години, и дали ќе ја дефинираат како музика уши од 2020та година, но најверојатно „Искра“ ќе рока од многу звучници : )
Музиката што ја правиме може да се дефинира како Synthwave, која меѓу другото е мешавина од поп музика од 80те, и денс музика од 2000те. Се трудиме да додадеме наш терк над сето тоа, бидејќи целата тема е од градот и за него. Жанрот има некој моментален подем во светот и неколку од светските артисти настапуваат по метал фестивали заедно со метал артисти, што можеби објаснува како ние сме стигнале до тоа.
Во врска со сцената тука, не сме запознаени со други Synthwave артисти од земјава, но инспирација од Југословенските денови на поднебјево се осеќа во повеќе локални артисти моментално.
Што можеме да очекуваме следно од „Искра“ и од вашата приказна?
Вредно работиме на дешифрирање на приказната : )
Следно издание е ЕП кое треба да излезе за PMG Recordings, заедно со нов видео запис кој би ја водел приказната нанапред. Работиме и на неколку соработки со други артисти, досега Симе Златков (Суперхикс / Дебелиот Крај) нè награди со неговиот сакс во Raindrops, со Druggy заедно ја работевме Synth Slaughter & Nick Wave, а од визуелната страна соработуваме со Венко Шереметкоски кој со фотографии помага во доловување на ќошињата на градов.
Воедно и размислуваме како целото тоа би го пренеле на бина, пред жива публика, наскоро.
Во редакцијата на Портрет стравуваме од тоа дека бандата ќе изгуби трпение и работите ќе излезат од контрола… Please change our minds! Дали тоа би значело крај на овој проект и почеток на нов?
Бандата е надвор од контрола од старт : )
А во врска со проектот, сè додека има приказни за раскажување ние ќе сме тука да ги пренесеме. Никогаш не се знае кога ќе долета нов чип. Иднината има многу што да раскаже.
*Бонус прашање кое верувам дека сите читатели сакаат да го постават, каде е сега чипот и каков е планот со него?
Многу се интересирате за чипот, да не работите за корпорацијата? : )
Локацијата на чипот не можеме да ја откриеме. Моментално.
Таа ќе биде откриена своевремено, па пратете нè на социјалните мрежи за одговори.
И за крај, слушнете ја нивната нова песна, а за останатите видеа посетете го нивниот YouTube канал, Инстаграм и Фејсбук профил.
Фотографиите се заштитени со издавачки и авторски права (copyright).