Дали сте слушнале за негативните последици од брзата мода? Дали сте запознаени со лошите услови во кои работат текстилните работници низ светот?
Во рамките на Fashion Revolution Week (20-26 април), иницијаторите на Fashion Revolution подготвија глобален предизвик за потрошувачите да го прашаат својот омилен бренд кој ја изработува облеката и од што навистина се составени материјалите.
Како и секоја година Fashion Revolution Week се случува неделата околу 24 април. Зошто баш 24 април? Овој датум ја означува годишнината од несреќата во Рана Плаза, Бангладеш (2013), која воедно беше и причината за да се започне со глобалното движење. Рана Плаза е комплекс од фабрики во Бангладеш во кој околу 5.000 текстилни работници произведуваа облека за познати модни брендови. За жал, повеќе од 1.000 работници го загубија животот, а 2.500 беа ранети при несреќата во која се урна дел од комплексот фабрики за текстил. Овие податоци ја прават Рана Плаза четврта најголема индустриска катастрофа во историјата. Жртвите во најголем број беа жени. Така започна модната револуција.
„Од почетокот па сѐ до денес, луѓе од целиот свет се приклучуваат кон повикот за промени во модната индустрија и бројот на поддржувачи постојано се зголемува. Сѐ повеќе брендови се транспарентни за својот синџир на производство. Сѐ повеќе производители се трудат да обезбедат сигурно место за работа со соодветни работни услови за текстилните работници во нивните фабрики. Приказните на сѐ повеќе работници се слушнати и видени. Но, мисијата е далеку од исполнета. Ова претставува само почеток на тоа што треба да биде успешна приказна. Затоа, твоето мислење и пристап како потрошувач има големо влијание за оваа промена. Треба да станеме свесни за сите кои се вклучени во синџирот на изработка на едно парче облека. Fashion Revolution е глобално движење кое подеднакво ги вреднува луѓето, околината, креативноста и профитот. Движењето е отворено за секој кој ги дели овие вредности“, велат од Fashion Revolution Macedonia.
Приклучeте се и вие и прашајте го вашиот омилен бренд следејќи ги насоките дадени на сликата подолу.
Повеќе материјали и насоки за тоа како може секој поединец, дизајнер, бренд или производител да се приклучи на движењето, се дадени на https://www.fashionrevolution.org/about/get-involved/
Инстаграм профил: https://www.instagram.com/fashion_revolution_macedonia/