Започнаа со боење на сивилото во Битола и ширење на еколошки пораки преку уметност, а потоа продолжија да ја изразуваат својата креативност и да ја бојат цела Македонија.
Како се оформи Hybrid Minds Crew и која беше првичната замисла?
Hybrid Minds Crew се оформи од група уметници со иста љубов кон уличната култура, здружени сили и желба нашата работа да ја пренесеме надвор. Графити уметноста е дел од нашите животи. Замислата беше да се намали сивилото и да се обои градот. Како crew постоиме скоро четири години, а како соло артисти повеќе од 10 години.
На кои места низ Македонија можат да се најдат вашите графити и мурали?
Досега сме учествувале на повеќе настани низ Македонија, исто така во делови низ Европа може да се најде наш траг. Муралите може да се видат во Битола, Скопје, Куманово, Гевгелија, Неготино, Демир Капија…
Создавате уметност со активистичка порака, дали сметате дека преку уличната уметност послесно допираат пораки до заедницата? Какви пораки имате пратено?
Преку уличната уметност се пренесуваат пораки кои секој минувач си ги толкува на свој начин, достапни се за секого и во секое време. Преку муралите најмногу поддржуваме иницијативи за зголемување на еколошката свест, зголемување на зеленилото и оптимизмот. He who plants a tree, plants a hope.
Колку време и ресурси се потребни за да се нацрта еден мурал?
Во зависност од идејата за муралот, подготовката и површината на ѕидот, изработката на истиот може да трае од 3 дена до 3 недели.
Каде во светот би сакале да нацртате мурал?
Секаде 🙂 Следен план е Виена, кога ќе се врати ситуацијата во некоја нова нормала.
Колку сметате дека кај нас е развиена уличната уметност и дали се признаени артистите со оглед на тоа дека во минатото, а и сега сè уште понекогаш се смета за вандализам?
Уличната уметност кај нас е доста развиена, имаме многу добри наши артисти кои континуирано работат и градат стил, со тоа сè повеќе се цени уметноста, а избледува вандализмот. Многу е важно да добиваме поддршка од домашните институции и најразлични иницијативи, преку кои можат да се прават графити фестивали и соработки со други артисти.
Видеа и повеќе фотографии од нивните дела може да погледнете на следниот линк.