Во Музејот на Македонија пред два месеци беа изложени последните дела на уметницата Христина Иваноска, која секогаш преку својата уметност и обемните истражувања, перформанси, техники и инсталации давала глас и се борела за зачувување на женските мемории, борбата и нивното влијание како последица на општествените наративи што често ги ставаат жените во незавидна и непризнаена положба. Ја посетивме изложбата и поразговаравме со Христина за инспирацијата и нејзината улога во истражувањето за „Македонка: Орган на АФЖ“.
Со последната изложба „Документ што недостига: За методологијата (текст, глас и тело)“ се осврнувате на формите, наративите и естетиката на политичкото дејствување на жените во Македонија во првата половина на 20 век и нивното поврзување со денешните форми на отпор. На што ви беше најголемиот фокус во творењето и како ги поврзавте сите компоненти во неколку дела?
Изложбата беше поставена во Музејот на РС Македонија, а продуцирана од ЦИНИК – Центарот за истражување на национализмот и културата, и „Тииит! Инк.“, во рамките на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско/10 години будни“, а секако со поддршка и на „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, СКП „Центар-Јадро“ и Проектниот простор „Прес ту егзит“. „Документот што недостига“ е мој долгогодишен истражувачки проект на кој почнав да работам во 2014 година во рамките на моите докторски студии на PhD-in-Practice програмата при Академијата за ликовни уметности во Виена. Моето истражување и делата што ги создадов во овој период е обемен и комплексен и опфаќа перформанс, видео, фотографија, цртеж, дела во текстил, керамика и ѕидорез. Конкретно оваа изложба претставува заокружување на еден процес и се осврнува на методологијата што произлезе од работа со документи и недостаток од документи што се однесуваат на историја на жените од Македонија. Токму преку тоа соочување со документот што недостига, перформансот стана исклучително важна форма на израз во која текстот, гласот и телото се клучните поими. Затоа изложбата е конципирана околу нив и секој поим е претставен преку едно монументално дело и една витрина, во кои се поместени избор на материјали од мојот архив и кои го илустрираат процесот и развојот на мислата околу секој поим. Видеодокументацијата од мојот последен перформанс „Документот што недостига: перформанс бр. 6 (Ќерка)“, кој годинава го изведов во рамките на „Скопје викенд на гордоста“ во Музејот на современата уметност, а потоа во рамките на „Манифеста 14“ во Приштина во Националната библиотека, ја визуализира симбиозата на трите поими кога перформативното станува јавно, споделено искуство.
Највпечатлив дел од изложбата ми беше „Архетип отворена форма“, со тоа што гледачот, посетителот на изложбата мора сам да го декодира делото, за да го прочита зборот. Ќе можете ли да ни кажете повеќе за овој фонт и како вие го инкорпориравте во вашите дела?
Типографијата „Архетип отворена форма“ е доминантна во просторот зашто се појавува во трите клучни дела во поставката. Претставена е како кириличната, македонска типографија изработена во метал, како текст на ѕид пренесен со мојата техника ѕидорез и како вез на платно со монументална димензија од седум метри. На типографијата почнав да работам во 2016 година, а произлезе од мојот долгогодишен интерес за работа со текст каде што едитирав содржини, создавајќи компактни текстуални форми со јасно издиференцирани пораки за потоа да ги пренесам во различни медиуми, како платно, керамика, хартија, и да си поигрувам со видливоста и скриеноста на текстот или неговата читливост и потребата да биде разоткриен или декодиран. Појдовна инспирација ми беше типографијата на германскиот уметник и педагог Јозеф Алберс, која денес е позната како фонт „Архетип Алберс“ и која тргнува од основните геометриски форми: круг, триаголник и квадрат. За отстранувањето на вертикалите и хоризонталите од буквите, како основни хиерархиски принципи, и создавање на физички и метафорички простор за гласовите на маргинализираните и заборавените, инспирацијата дојде од теоријата на „Отворена форма“ на полските архитекти Оскар и Зофија Хансен, кои ни се долгогодишен интерес заедно со мојот сопруг, уметникот Јане Чаловски, и со кој паралелно на нашите индивидуални практики, остваруваме и заеднички дела и поставки. „Архетип отворена форма“ одлично се надоврза и на личниот долгогодишен интерес за формите, наративите и естетиката на политичкото дејствување на жените во Македонија во првата половина на 20 век, кои, за жал, се заборавени или недоволно истражени и, секако, недоволно присутни во јавниот простор и дискурс. Оваа година во соработка со Небојша Гелевски-Бане, „Архетип отворена форма“ ја развивме и како функционален фонт на македонски и англиски јазик.
Бевте дел и од истражувањето за „Македонка: Орган на АФЖ“ за кое при презентацијата споменавте дека, за да го доловите уметничкиот дел, најголем впечаток ви оставил првиот број на „Македонка“. Како истражувавте за „Македонка“, што најдовте низ документите и архивите што ви помогна да се изразите уметнички?
Благодарение на Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска, кои ја следат и ја познаваат мојата уметничко-истражувачка практика и темите на кои работам, ме поканија да бидам дел од истражувачкиот тим, кој ги вклучува и: Ивана Пантелиќ, Дарко Леитнер-Стојанов, Мања Величковска и Јелена Милинковиќ. Истражувачите се фокусираа на различни аспекти од заборавеното списание за жените од социјалистичка Македонија, кое излегува сѐ до 1952 година. Тоа ќе одигра клучна улога во нивно описменување, едукација и културно-општественото, економско и политичко издигнување. Првиот број на списанието „Македонка“, кое како Орган на АФЖ (Антифашистички фронт на жените) за Македонија, првпат ќе излезе од печат на седми ноември 1944 година во извонредно тешки услови, ми остави особен впечаток од повеќе причини. Излегува во време кога војната сѐ уште трае во делови од земјата. Само неколку месеци порано, на првото заседание на АСНОМ ќе се донесе решение со кое македонскиот јазик станува официјален јазик во државата. Стандардизација и кодификација ќе следува во периодот потоа. Печатниците се снаоѓаат како знаат и умеат со букви што ги има само во македонскиот како ќ, ѓ, ѕ, ѐ, ѝ, користејќи како замена букви од српската и од бугарската азбука. Сите овие предизвици се видливи низ текстовите во списанието. Посебно впечатлив е воведниот текст на првата уредничка Веселинка Малинска „Нашиот пат“, кој ја опишува борбата на жената во Македонија за рамноправност што е „извојувана и со самиот живот потврдена“, како што пишува, и дека таа борба на постојано докажување не престанува, за што сведочиме и ние денес, согледувајќи како рамноправноста ја губиме на различни нивоа во општеството со промена на системот од социјалистички во неолиберален капиталистички, каде главен фокус е профитот, а не добросостојбата на граѓаните. Предизвик со кој се соочува Малинска е и како се создава и уредува содржина и која е методологијата на работа, предизвик со кој и јас се соочував во уредување содржина и материјал во обид да ја илустрирам и визуализирам мојата методологија и интердисциплинарниот пристап при работа со архивски материјал. Она што мислам дека исто така може да се забележи од изложбата е и визуелниот, ликовно-естетски аспект на делата и како архивските извори се трансферираат во уметнички дела што ми се еднакво важни.
Сметате ли дека фактот што поголемиот дел од документите и архивите кај нас се губат низ годините, како и фактот дека само во Белград можел да се најде целиот фонд на „Македонка“, влијае на перцепцијата на жената низ историјата и губење на нејзините дела и труд?
Секако. Нашиот однос кон документите од минатото е несериозен. Идентитетот на една држава се гради токму преку грижливиот однос кон архивите. Од тие причини, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, институциите се зафаќаат да го евидентираат, документираат, зачуваат и заштитат сѐ она што може да се собере преку лични, усни сеќавања или документи на сведоци и учесници во значајни историски настани за нашата држава. За жал, не можеме да се пофалиме дека тој ентузијазам опстојал низ годините и кај институциите и кај нас граѓаните. Како резултат на таа неконтинуирана грижа и немање интерес посериозно да се инвестира во повторно, но и интердисциплинарно исчитување на историјата и работа со архивите се соочуваме со пропусти како нецелосен фонд на важна периодика, недигитализирани архиви, недостаток од стручен кадар, пасивни институции, пренесување на државен архив во зграда со несоодветни и нестандардни услови за работа, губење документи. Оваа состојба ја афектира и историјата на жените и нивните формите на здружување и отпор што се заборавени или маргинализирани, а од кои секако имаме што многу и да научиме и да примениме во нашиов современ контекст. Зашто, за да се објасниме себеси, не треба секогаш да користиме туѓи референции.
Колку се променети наративите за жената од времето на „Македонка“ до денес? Некои од нив сè уште се повторуваат, што можеме да научиме и промениме денес, на што можеме да се огледаме?
Не смееме да заборавиме дека Народноослободителната борба значеше и борба за еманципација и рамноправност на жените во СФР Југославија, вклучувајќи ги и жените од Македонија како дел од таа заедница. Секако дека тие процеси биле почнати многу порано, но оваа борба ги мобилизира жените од сите слоеви и класи и создаде еднакви придобивки за сите, и за работничките и домаќинките и за оние од руралните и од урбаните средини, и за тие што се образовани и тие што се неписмени. Жената до крајот на Втората светска војна во Македонија е 80% неписмена! Замислете ги тие напори што државата, со огромна помош и поддршка од АФЖ и „Македонка“ како орган на АФЖ, ќе ги вложи за нејзино описменување преку аналфабетски курсеви. Тука се вклучени жени од сите етнички заедници. Во еден период „Македонка“ излегува и на турски и на албански јазик. Да, секако дека за одредени теми не се пишува и не се дискутира, на пример за женската сексуалност и за женското тело. Она што исто така може да се забележи е дека „Македонка“ не може да се ослободи од препознавање на патријархалниот модел на живеење и грижата за децата, семејството и домот остануваат обврска, пред сѐ, на жената, иако таа инвестира огромно време, енергија и знаење за обнова на земјата во сите полиња на јавната сфера. Од раните деведесетти години на 20 век, промената на системот предизвикува и наметнување на нови регулативи и услови што не им одат во прилог на жените, зашто ги скратуваат и ги лимитираат нивните права и можности. Од друга страна, имаме млади освестени жени и мажи кои неуморно работат на надминување на овие состојби. Би сакала бројот да е многу поголем, особено помеѓу помладата генерација, и да не запаѓаат лесно во замките на стереотипите што ги наметнуваат социјалните мрежи и образовниот систем. Овие неповолни промени многу брзо во животот ќе ги афектираат и нив како личности, но и нивното тело, кое државата преку легислативата се обидува да го контролира.
На изложбата забележав и една тетратка со зборови како судбина, сениште, абнормална, недостапна, фригидна, болежлива, луда, кои се дел од наративот за жените, наметнат од патријархатот, но и зборови за состојби што се дел од секојдневието на жените и зошто се тие различни. Која беше приказната зад за ова дело, инспирацијата, што сакавте да прикажете?
За мене, вистинско освежување и инспирација беше книгата на Кетрин Малабу „Избришано уживање: Клиторис и мислење“ од 2021 година, издадена на српски јазик од страна на Факултетот за медиуми и комуникација од Белград и Мултимедијалниот институт од Загреб. Таа ме поттикна повторно да размислувам за женското тело, сексуалност и уживање и колку тајновита, комплексна и недооткриена е таа конституција и констелација од тело и ум и колку неправди, навреди, понижувања и сакатења поминале преку неа, низ неа и врз неа. Оттаму, големото платно со вез раздиплено централно во просторот како килим со наслов „Документот што недостига: перформанс бр. 10 (Вез)“ ѝ е посветено на жената која е воспитувана да се срами од своето тело и од себеси, а работната тетратка поставена во витрината во која со црвено мастило се испишани дел од зборовите што ги набројавте, се дел од процесот на детектирање, акумулирање и поврзување, и нивно пренесување на платното со вез на кој работев интензивни неколку месеци.
Сметате ли дека женските уметници во Македонија ја добиваат потребната поддршка и се препознаени низ своите дела? За што најмногу се борите, што ви е водилка додека создавате?
Во нашиов контекст поддршката не е еднакво понудена и достапна на сите. Ова се однесува и на поддршката што жените ја добиваат и многу зависно од тоа од кое семејство потекнувате, кои се нивните родители, роднини и познајници. Од мое лично искуство, доаѓајќи од семејство на инженер и технолог кои работеа во фабрики што завршија под стечај во раните деведесетти и кои беа присилени да се снаоѓаат како знаат и умеат, но секогаш чесно и одговорно, и кои безрезервно нè поддржувале и мене и мојата помала сестра во изборот на професијата, можам да кажам дека на мојот професионален патот најчесто сум била сама, но и дека сум имала и сѐ уште имам искрени сојузници кои го препознале и го ценеле мојот талент, а особено вложениот труд и континуираниот развој. Ние сме мала и релативно сиромашна држава и многу работи ни недостигаат и многу системи не функционираат, но најважно од сѐ е да се истрае, да се инвестира во себе и секое следно дело да биде нов чекор, нов предизвик. Само тогаш задоволството од постигнатиот успех е целосно твое и заслужено, без разлика на тоа дали оваа средина ќе ти го признае и валидира. Не дозволувај оваа наша мизогена и патријархална средина да те натера да изгубиш самодоверба, да се исплашиш, да се повлечеш. Избегнувај ги и не слушај ги оние што те омаловажуваат, те навредуваат и те потценуваат дури и да се авторитети во твојата област. Верувај си самата на себе и на тие што ти се вистински поддржувачи и соборци.