Без разлика дали ја слушате на радио или ја знаете како дел од фестивалите за феминистичка култура, Маја Казакова е личност која остава трага на секој што имал можност да ја запознае. За мене, таа е прекрасен пример за силна, неконвенционална жена, која плени со својата интелигенција и хумор, вистински соборец против сите стеги и предрасуди со кои се сретнува македонската жена.
Годинава бевте учесничка на „Пич Прич“ на тема „Цепки“, што беше дел од фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“. Како сте задоволна од вашиот настап и какви беа реакциите на публиката?
Првиот настап ми беше на „Љубовни писма“ и многу бев добра и публиката беше во благ транс. Затоа ме викнаа на јубилејниот „Цепки“. Секогаш се сомневам во моите квалитети, веројатно затоа што секој интелигентен човек го прави тоа. Но, знаејќи дека секоја приказна ми е од лично искуство, на крајот сум многу задоволна. И оригинална, секако. Иако сите гости се секогаш квалитетно избрани. Да ја искористам оваа пригода и да кажам дека сум воодушевена од движењето „Прво па женско“. Се надевам дека ќе ме викнат пак. Подготвена сум да зборувам на секоја тема, како секој мој сограѓанин.
Живееме во општество полно со предрасуди, стеги и дискриминација. Како се справувате вие лично и дали сте биле жртва на дискриминација?
За жал, тука сè уште важи правилото прво па МАШКО. Ќе пропатат уште многу генерации додека дојдеме до некое повисоко ниво на еманципација и искоренување на предрасудите. А следен чекор е агресијата. Досега пробале да ме дискриминираат, но среќна сум што знам добро да се изборам за моето место во ова збунето и исплашено друштво.
Велат дека радиото како медиум е најинтимниот и најкреативниот гласник. Како вие гледате на радиото како алатка за комуникација со вашата публика?
Да успееш да раскажеш, доловиш, анимираш, расплачеш и задржиш внимание на слушател е навистина тешка работа. Магијата на радиото е единствена. Па, најдобриот дел е кога ќе му погодиш песна, а и за таа песна да имаш некоја уникатна приказна. Среќна сум што ја имам таа слобода на говор и креативност. А знам дека добро сум ја завршила работата кога ќе добијам признание дека сум допрела до која било емоција на слушателот, та дури и да го изнервирам.
Кои се вашите работни предизвици за следната година?
За мене, секоја емисија е предизвик, затоа што носи новитети, гостуваат различни профили на луѓе од различни професии, има многу спонтаност, смеа и уживање. Така што, и следните желби и стремежи, и во новата година, ќе се движат околу инвентивноста во професијата. Сакам на слушателите да им биде убаво, да се релаксираат со радио „Метрополис“ и преку хуморот да се тргнат од секојдневните маки. Тоа е мојот најсилен предизвик, луѓето да се смеат и да добијат некаква инспирација.
Често говорите гласно за многу табу-теми и догми што е реткост во нашата земја. Што најмногу ве нервира како жена со отворен ум и слободен дух?
Во основата сум многу напната и нервозна, иако не изгледам така од прва средба. Речиси сè ми пречи. Најмногу луѓе кои ми продаваат лажен морал. Оние што мислат дека со палење на една свеќа во црква сите гревови ќе ги исперат. Двојни стандарди на сите страни. Луѓе кои пропагираат норми и закони, а токму тие не ги почитуваат. За среќа или за несреќа, имаме социјални мрежи што станаа соодветна почва за да изникне неквалитет и простотилак. И исто така, од такт ме вади кога човек „нема муда“ да ти каже како се чувствува. Но, сигурна сум дека сите се делиме на храбри и нехрабри (смели и несмели). А тоа не смее и да ме нервира. Толку имаат капацитет.
Последниве години имаме придвижување во културата, големи проекти, звучни светски имиња разговарале за македонски проекти. Какви луѓе промовирате низ вашата работа, за кои сметате дека заслужуваат медиумски простор?
Многу сум пребирлива. Но, тоа не смеам баш да го покажувам. Се трудам да имам гости од сите профили. А најмногу ми се прави мерак кога можам да помогнам некому. Имам лекари, професори, музичари, занаетчии, борци за правата на децата, мажите, жените, животните, велосипедистите. Актери и режисери. Многу често и моите колеги ми се гости. Мојата емисија има различен тек на разговор. Несекојдневен, нема клише прашања, а со тоа и одговори. Некогаш имам и гости кои ништо не ги разбирам што зборуваат. А најмногу ми сметаат тие што доаѓаат да промовираат глупава музика. Тука веќе ми ја навредуваат интелигенцијата.
Музиката е дел од вашиот живот уште кога на фестивалот „Златно славејче“ ја испеавте песната „Силен како лав“. Што слушате за своја душа кога сакате да се чувствувате добро?
Во средното музичко ми го „испраа“ мозокот со класична музика. Работев во едно специјализирано радио за џез. Па, така, за душата на прво место се класична и џез-музика. Но, знам да рокнам до даска и некоја народна. Како Лепа Брена, на пример! Бев дел од хорот кој ја придружуваше на девет песни на нејзиниот концерт во Скопје во 2018 година.
Живееме во многу динамично секојдневие, исполнето со стрес и притисоци. Кои секојдневни ритуали ве радуваат, како се опуштате и забавувате?
Емисијата на „Метрополис“ ми трае три часа. И мислам дека имам премногу слободно време. Станувам рано и задолжително спијам попладне. Не сум како сите жени. Не ме релаксираат масажи и какви било третмани на лице и тело. Зависник сум од гледање серии. Главен контраш на стресот ми е пеење во хор. И уживам во тишина и места каде што никому не треба да му кажам здраво. Секако, тука се и концертите. Конечно научив на што треба да одам, а што да избегнувам. Главна забава – внуците.
И покрај нетолерантната велосипедска структура во Скопје, голем љубител сте на возењето со велосипед и тој е дел од вашиот животен стил. Со кои предизвици и проблеми се соочува секој велосипедист во нашиот град?
Им завидувам на тие што возат по планини. Таму никој не им пречи. Во град е многу опасно. По живот. Дупки, високи тротоари, одвреме-навреме некоја солидна велосипедска патека. Нетолерантни возачи на автомобили. Но, никогаш нема да сочувствуваат со нашите проблеми, сè додека и тие самите не пробаат да се извозат едно крукче со велосипед. Порано мислев дека велосипедистите се некоја незадоволна секта, сега точно знам за што се бореле, кутрите тие.
Имавме постпандемична година, дополнително исполнета со светска криза и инфлација. Што би им порачале на нашите читатели за почетокот на новата 2023 година?
Точно, преживеавме криза, постоеше колективен страв и психоза, чие влијание сè уште го чувствуваме. Од друга страна, појавата на пандемијата требаше да нè научи на приоритетите во животот – здравјето, семејството, духот на природата и нејзината огромна моќ. Би им порачала на сите да се свртат кон вистинските вредности, да се занимаваат со уметност или да ја консумираат, да се занимаваат со спорт и да бидат соединети со природата, наместо животот да го трошат на евтина локална политика, трачови, манипулации итн. И секако, да слушаат радио, а помалку да ги користат социјалните мрежи. Ако е воопшто можно, а секако дека е, да читаат книги за да се едуцираат, ама со тоа да ја збогатат и својата имагинација.