Пандемијата во повеќето од нас разбуди желба да внимаваме како се храниме, со какви намирници е подготвена храната и секако да сакаме повеќе време да посветиме на готвењето. Токму затоа сакавме да поразговараме со Бранко Попоски, кој неколку години многу внимателно го развива својот блог за готвење, негува љубов за социјалните мрежи, маркетингот и пласира инспиративни, лесни и вкусни рецепти.
Вие сте креативниот ум што стои позади блогот „Готвиме со Бранко“ (cookingwithbranko) кој години е инспирација за многу вкусни и креативни рецепти. Кога започна вашата љубов кон готвењето и желбата да се посветите на готвењето?
Токму со зборот „љубов“. Така започна и приказната за блогот за храна кој повеќе од 4 години изнудува желба кај луѓето да подготват вкусна храна, да зготват некој од рецептите кои ги споделувам. Кога силно веруваш во нешто и сакаш, не може а да не ти се оствари. Така беше и тогаш. Како сега паметам, седам и скролам по Инстаграм, наидувам на неколку рецепти, не рaзмислував ни повеќе од 5 минути и веднаш се фатив за работа. Креирав во главата концепт, избрав бои, осмислив име и земав неколку листови хартија каде што го исцртав логото. Знаев дека ќе биде шарено, бидејќи секоја боја за мене има посебно значење, а елементите сами по себе говорат дека желбата за готвење е голема. Нудам приказна создадена од љубов и за љубов кон храната и готвењето. Секогаш ме учеле дека што и да правам во животот треба да го правам со љубов. Благодарам мама и тато.
Каков вид на рецепти и оброци, најчесто се дел од вашиот блог?
Брзи и лесни рецепти. Тоа привлекува внимание. Не многу од нас се навикнати да бидат поголем дел од денот во кујна, и секогаш сакаат да зготват брзи, вкусни и креативни работи. Се трудам да ги задоволам потребите и барањата на моите следбеници и гурманите. Тоа што најмногу е гледано, „лајкувано“, зачувано и препраќано, е рецепт кој не одзема повеќе од 20 минути во кујна, се приготвува со максимум 5 намирници и е лесно за консумирање. После пандемијата се навикнавме да јадеме здрава храна, да се фокусираме повеќе на овошје и зеленчук, да користиме здрави намирници за подготовка на оброци, па така и мојот блог за храна повеќе се сконцентрира на здрави оброци. Доколку мене ме прашувате, заљубен сум во пастата и во медитеранската кујна. Би можел да јадам паста 24/7.
Со светската пандемија се смени целосната перцепција за готвењето, но и повеќето животни навики. Како таа се одрази лично на вас и вашата работа?
Јас сум личност која сака да патува. Токму затоа, за мене голема промена беше фактот што повеќе не можев да патувам. Во моментот ме исплаши, но по првиот шок сфатив дека сега е вистинско време да се посветам на себе. Многу ме израдува тоа што бев подолго во мојот стан, а не во авион или некој нов хотел. Сфатив дека предолго не сум бил „дома“. Можеби најважниот момент во сѐ беше тоа што имав време за себе, да си поставам нови приоритети, некои нови цели, да се погледнам во огледало и да се прашам каде сум, каде движам и што сакам. Уште поважно е времето што го поминав со најблиските. Кога ќе се случат работи како што беше пандемијата, кои засекогаш ги менуваат животите, сфаќате многу. Сфаќате дека не е важна играта што се игра, туку со кого ја гледате.
Социјалните мрежи често стануваат многу токсична средина, особено за развивање и промовирање на хоби, бизнис или лични карактеристики. Дали сте имале непријатни искуства и како се справувате со нив?
Да бидам искрен, никогаш не сум имал некое непријатно искуство. Сметам дека во моментот кога ќе одлучите да работите нешто што може да го следи цела јавност, треба да бидете свесни дека не можете да се допаднете секому. И тоа е за мене сосема нормално. За жал сѐ повеќе живееме во време на “сајбер булинг“. На таа тема треба почесто да се зборува, и се разбира, надлежните институции да почнат соодветно да постапуваат. Она што јас го пласирам на моите социјални мрежи, според мене, не остава простор за негативни коментари.
Од многу креативни кампањи, Што е најважно да внимава некој кој започнува сопствен блог?
Прeд било што да започнеш да правиш во животот, најважно е да имаш план со активности. Планот треба да има цел, достигнување. Најважно од сѐ е, да се воспостави правилна комуникација и услугата и производот емотивно да се поврзат со крајниот корисник. Креативноста секогаш е дозволена. Секогаш дозволете приказната за вашиот производ/услуга или во случајот блог, да ја пренесе емоцијата и да се поврзе со крајниот корисник. Луѓето сакаат вредност, реалност, вистина, грижа и емоција. Дигиталниот маркетинг ги забрза работите и комуникацијата, но сепак не ја изостави можноста емоцијата да преовладува во комуникацијата.
Вие сте дел од маркетинг агенцијата „Идеа Лаб“ , каде работите како акаунт директор и дел сте од многу креативни кампањи. Колку тоа искуство ви помага во водење на вашите профили на Инстаграм и Фејсбук?
„Идеа Лаб“ е мојот втор дом веќе пет години. Во „Идеа Лаб“ секој ден е различен, а тоа само по себе значи дека никогаш не знаеш што следно можеш да научиш. Она што досега го имам научено е дека доколку сакате да бидете забележани и да се издвоите од конкуренцијата, треба да обезбедите содржини кои се корисни и забавни во исто време. За да ја стекнете довербата на луѓето кои ве следат, она што го пласирате мора да биде поврзано со позитивни емоции, а тоа тешко може да се постигне преку „агресивно“ рекламирање и класичен маркетинг. Тоа на некој начин значи дека не треба да се фалите себеси. Споредете го тоа со првиот состанок: кога би зборувале само за себе, каков впечаток би оставиле? Многу е важно да бидете уникатни, бидејќи само така можете да се истакнете во „морето“на другите. Само оној што се фокусира целосно на тоа што го работи и пласира, без да очекува некаков фидбек, секогаш ќе биде забележан.
Велат дека слободата во изразување и живеење е основен услов за личен успех. Каде се чувствувате најслободен ?
Морам да признаам дека секогаш се чувствувам слободен. Никогаш не се доведувам во ситуации кои ќе направат да се чувствувам заробено. Тоа што го мислам и чувствувам, секогаш го кажувам, го зборувам и разговарам за тоа. Како што доаѓаат годините, така се повеќе учиш дека за работи кои те притискаат, кои ти се проблем, за нив треба да се зборува, бидејќи само така се решаваат тие чувства. Со годините собираш искуство. Искуството те учи како да живееш со сите препреки, лоши искуства, како да се навикнеш на убавите работи. Животот е една голема лекција која ја живееш според сопствените постапки, планови, акции. Животот е твое поле во кое треба да се чувствуваш најслободен, а доколку не е така, треба да го направиш. Затоа што само ти го можеш тоа. Самиот си доволен за решавање на било каков проблем или пак предизвик во животот. Никогаш не заборавајте дека се што правите, во животот, правете го со многу љубов. Животот е љубов, а љубовта е слободата.
На што ќе бидете фокусиран оваа година и во која насока сакате да го развивате својот блог?
Никогаш доста од нови кулинарски патувања со „Cooking with Branko“. 2023та нека биде година на нови вкусови, гурмански настани и случувања, многу пријателства, љубов и убави моменти. Сакам повеќе да се посветам на настани, размислувам да ги вратам интимните кулинарски вечери со вкусна храна и вино, „wine and dine“ настаните, тим билдинг кулинарските проекти. Оваа година повеќе ќе се фокусирам на споделување кратки „reels“ видеа со брзи, вкусни и лесни рецепти. Кога си фокусиран на работи кои ги правиш со многу љубов и посветеност, успехот е неминовен.