Раперот Gqmbit (Гамбит) е средношколец кој е длабоко поврзан со музиката уште од неговото детство, а рапот го нашол како излез од мислите насобрани од неговото секојдневие. Дел е од колективот Visionary Records, со кои соработува од своите почетоци, а со новата песна „Бренда“ отвара многу важна општествена тема со силна порака.
Во вашата најнова песна „Бренда“ се осврнувате на една многу важна тема, родово-базирано насилство. Од каде инспирацијата за таква песна?
Инспирицијата дојде од непријатното чувство кое се појавуваше во мене при разни муабети со другарки кои доживеале нешто такво. Потребата да го искажам мојот револт главно произлезе од тие разговори, но и од разни примери во нашата држава поврзани со родово-базирано насилство или некој вид на дискриминација врз жените. Сметам дека требаше да биде кажано. Откако ми се вроди идејата во глава, го барав соодветниот начин да ги преточам мислите во стихови.
Добивте голема поддршка по објавувањето на песната, дали сметате дека музичарите може да влијаат на промени во општеството и да ја зголемуваат свеста кај нивните слушатели и фанови?
Да, целосно верувам во влијанието на музичарите и општо уметниците за можноста тие да променат нешто во општеството се со цел да може тоа да прогресира. Ова важи за сите жанрови на музика, но мислам дека е особено истакнато во рапот, бидејќи и самиот жанр има произлезено како еден вид бунт. Голем број примери има во светот од секаков вид уметници кои промениле нешто во нивното општество, јас само пробувам да научам нешто од нив и да го применам во пракса.
Како започна вашата приказна со музиката, со каква музика растевте?
Музиката е присутна активно во мојот живот уште од доста рана возраст. Започнувајќи со свирење пијано се запознав со класична музика, која морам да признам многу подоцна почнав да ја разбирам и чувствувам. Потоа следеше џезот, кој ми отвори нови сфаќања кон музиката, оттаму некако по некој природен, хронолошки пат се запознав и со соул, рок, и фанк-музиката за на крај да дојдам до хип-хопот. Откако почнав со поинтенизвно слушање на хип-хоп, почна процесот на задлабочување во суштината на таков тип на музика во кој многу се пронајдов и се поврзав.
Дали има некој музичар од локални или светски рамки влијание на вашиот стил?
Има огромен број музичари кои ми влијаеле и сé уште ми влијаат на мојот стил. Но ако морам да извдојам некои, во локални рамки тоа би бил Страјк. Поради неговата способност да нацрта една целосна и реална слика за работите за кои пишува и поради ударноста која ја имале неговите зборови врз мојата потвест. Во светски рамки, многу е тежок изборот, но еве би го издвоил Мек Милер, како музичар кои ми има отворено трето око за одредени гледишта и начини на креаирање на едно дело. Отвореноста за неговите чувства и длабоката интроспекција се двете нешта кои можеби најмногу направиле разлика кај мене при слушање на некоја негова песна или албум. Исто така, откога почнав да свирам бас-гитара имав големо влијание од музичари како Џо Дарт кои помогнаа да го развијам тој фанкерски грув и да го применам во рапот.
Вистинско освежување е да се слушне нешто поинакво во рапот кај нас, тешко ли е да се остане автентичен и свој?
Не би рекол дека е тешко да се остане свој воопшто, верувам дека секој има нешто посебно во него само треба време, простор и искреност за да го пронајде истото и да најде начин како да го претстави тоа на светот. Проблемот во тоа што некои наменски се менуваат за да бидат поприфатени можеби е од недостиг на храброст или потреба за материјално збогатување, свесни дека ако ја употребат правилната „формула“ ќе добијат сигурен резултат.
Дали македонската музичка сцена почнува да се менува според вас со оглед на тоа што има многу нови млади луѓе кои работат доста посветено?
Според мене, македонската музичка сцена секогаш имала своја уникатност и разновидност. Разликата денес е што сите артисти се поекспонирани кон јавноста со помош на социјални мрежи и останати видови на помасовна промоција, со тоа и младите имаме шанса да бидеме слушнати и видени од страна на поголем број на луѓе и да се развиваме во посериозни уметници.
На што работите моментално, кои се вашите идни проекти?
Моментално работам на еден заеднички албум со еден мој многу близок соработник. Планиран е да излезе за време на летниот период, со што претходно ќе биде проследен со синглови како најава за албумот. Главниот фокус е таму, на градењето на таа една необична приказна би рекол која е суштината на албумот, настрана тоа пишувам и стихови за неколку гостувања кај други артисти на нивни песни за кои сум баш среќен и возбуден. Сè останато што имам планирано тековно ќе почне полека да се развива. Да не издавам премногу…