Овојпат @kokarche ни прати рецепт за преубава летна освежителна салата.
Панзанела (Panzanella) е вид на салата која потекнува од областа Тоскана во Италија. Настанала во обид да се искористи заостанатот бајат леб, па така, за да биде поприфатлив за јадење се натопувал во сокот од свежо исецкани домати и кромид, маслиново масло и оцет. Самото име на салатата е кованица која го содржи зборот „pane“ што на италијански значи „леб“.
Комбинацијата на лубеница, бело сирење и леб е традиционално присутна на нашето поднебје и често се практикувала и сѐ уште е на трпезите кај многумина како омилена летна освежителна закуска.
Овој мозаик е спој на двата концепти обединети со слатко-кисел прелив за возбудлива игра со рецепторите за вкус. За да биде доживувањето на бои и текстури поинтензивно, состојките добиваат геометриски предзнак и сите се исецкани во коцки со еднаква големина, а потоа се сервирани во еден слој во широка чинија. Секако, овој чекор не е задолжителен и е процес кој одзема време, но е погоден за свечени прилики или кога постои желба да се импресионираат нечии очи. За секојдневна употреба слободно може да се заобиколи.
Потребни состојки за 4 порции*:
- 300гр фета или друго тврдо бело сирење кое не се рони;
- 1 резанка од голема лубеница;
- 2 резанки од диња;
- 2 краставици;
- 10 шери домати;
- 1 мал црвен кромид;
- 2 кришки леб (’ржан и пченкарен за повпечатливи бои);
- 1 лажичка маслиново масло
* Доколку се прави мозаик, можеби ќе бидат потребни поголеми количини од зеленчукот и лебот, а во која мера зависи од правилноста на нивната форма.
Состојки за прелив:
- 30мл мед;
- 30мл сок од цеден лимон;
- 30мл јаболков оцет;
- 80мл маслиново масло;
- 1/4 лажичка сол;
- 1/4 лажичка бибер;
- 1-2 гранчиња свежо нане;
- Крупна сол и мелен бибер;
- Опционално: 1/2 чили пиперче (ситно сецкано).
Постапка:
- Лебот се сече на коцки и се потпекува од неколку страни во тавче со мала количина загреано масло. Тоа ќе придонесе да се внесе крцкава текстура во салатата.
Референца за големината на коцките треба да бидат шери доматите. Тоа е отприлика страна од околу 1.5см; - Се сецкаат сите останати состојки. Коцките се редат во чинија со рамно дно со правоаголна форма со димензии 25/30см или кружна форма со дијаметар 30см.
- Се спрема преливот. Сите состојки се мешаат во длабок сад со жица. Жицата помага медот полесно да се разреди и воедначи со остатокот;
- Наредените коцки се зачинуваат со свежо мелен бибер, малку крупна сол и се попрскуваат со преливот. На крај се додаваат свежи ливчиња нане.
- Сите остатоци од сечењето можат да се стават во еден сад, да се зачинат со прелив. Ќе се добие подеднакво добра и вкусна салата.
Освен како мозаик, коцките можат да се наредат и на стапчиња за ражен и така да се послужат. Салатата може да се послужи како прилог за ручек или да се конзумира самостојно за доручек или вечера.
Добар апетит! 😊